Скопје од 2008 година е без автопазар
Проект: Нов Авто пазар
Опис на проектот: Град Скопје, во соработка со Општина Гази Баба, ќе работи на изградба на нов автопазар. (Рок: 2016-2017 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборната програма за локалните избори во 2013 година, актуелниот градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски вети и изградба на нов автопазар. Автопазарот, според неговото ветување (Урбанизам, Булевари, Мостови, точка 5, стр.53), требаше да биде изграден на територијата на Општина Гази Баба, а рокот на изградба беше 2016-2017 година. Ова негово изборно ветување досега (27.03.2017), не е исполнето.
Со детално пребарување на интернет, кое ги опфаќа сите информации објавени на оваа тема, како и со детално пребарување на официјалните сајтови на Град Скопје и на Општина Гази баба, не може да се најде ниту една вест или која било друга информација за реализација на ова ветување.
Последните вести се од 2013 година, како вест што ја лиферувала општината преку својот портпарол, како и во Стратешкиот план на Градот Скопје за периодот 2016-2018 година (стр.59). Но, вест за изграден и пуштен автопазар нема.
Скопје остана без централен и голем автопазар при крајот на 2008 година, кога компанијата која управуваше со него цели 18 години, „Фершпед“ реши да го затвори, а причините ги образложи како деловни.
Одлуката уследи по рации извршени од инспекциските служби, заедно со Управата за јавни приходи.
Две години по ова беше затворен и автопазарот во Маџари, исто така, по извршени инспекции и рации.
Оттогаш до денес, граѓаните на Скопје немаат единствено место каде што можат да побараат половен автомобил или авто делови. Тоа се прави на низа помали паркинзи од поголеми или помали компании кои се занимаваат со продажба на возила – нови или половни.
ИЗВОРИ:
- (2013) Коце Трајановски – Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје (стр.59) – [Пристапено на 27.03.2017]
- (2017) Град Скопје – Официјален портал на Град Скопје – [Пристапено на 24.03.2017]
- (2010) Општина Гази баба – Официјален портал на Општина Гази баба/архива на вести -[Пристапено на 27.03.2017]
- (2008) Утрински весник – Автопазарот затворен по речиси две децении работа – [Пристапено на 27.03.2017]
- (2010) Дневник – Инспекторите подбраа на автопазарот -[Пристапено на 27.03.2017]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар