Скопската гимназија „Кочо Рацин“ не доби нова зграда

Постојната монтажна барака на СУГС „Кочо Рацин“ Фото: Принтскрин sugskocoracin.edu.mk

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). вети изградба на нова, модерна, енергетски ефикасна зграда за гимназијата „Кочо Рацин“ во населбата Ѓоре Петров. Ова изборно ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“,  стр.37, е неисполнето. Досега (26.05.2021 г.) не е изградена нова зграда за СУГС „Кочо Рацин“, училиштето сè уште фунционира во монтажна барака добиена како донација од Велика Британија по катастрофалниот земјотрес во 1963 год

Ветување: Нова гимназија „Кочо Рацин“ за последното школо без своја зграда!

Ги подобруваме условите во кои учат нашите деца. Градиме зграда за гимназијата „Кочо Рацин“, во Ѓорче Петров. Дотраените бараки на постојната гимназија ги заменуваме со нова, модерна, енергетски ефикасна гимназиска зграда. Младите се нашата иднина. Грижата за нив е грижа за иднината

[Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.37 – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Нова, модерна енергетски ефикасна  зграда за гимназијата „Кочо Рацин  на местото на  дотраените бараки во населбата Ѓоре Петров,  вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“,  стр.37, е неисполнето.

Досега (26.05.2021 г.) не е изградена нова зграда за гимназијата „Кочо Рацин“. Ваков  објект не се спомнува ниту во проектите за кои Шилегов најави дека ќе се градат во текот на оваа (2021) година.

Постојната зграда на ова средно училиште е изградена како времен објект пред речиси 60 години, поточно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во историјатот на веб-страницата на СУГС „Кочо Рацин“ може да се прочита дека:

Училиштето е формирано во 1964 година. Всушност, училишната зграда е монтажна барака, која е добиена како донација од англиската влада по катастрофалниот земјотрес во 1963 год.

Во 1964 година училиштето било гимназија со економски паралелки. Потоа се трансформирало во стручно училиште, за повторно покрај стручното да се воведе и гимназиско образование и повторно економска паралелка. Минатата учебна година 2019-2020 год., во училиштето повторно се воведува економската паралелка, односно  се реализира комбинирана настава за следниве образовни профили:

Гимназиско образование

Стручно образование:

Текстилно – кожарска струка/текстил, кожа и слични производи

Економско – правна и трговска струка

Неодамна опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше скопскиот градоначалник дека наспроти даденото ветување, „во гимназијата Кочо Рацин по 4 години мандат нема заковано шајка, а не пак да има нов објект“.

Па имајќи предвид дека  до моментот кога е пишуван овој текст (26.05.2021) нема информации за тоа дека се направени или се во тек некакви активности за реализација на проектот „Нова гимназија „Кочо Рацин“ова изборно ветување на Шилегов го сметаме за  неисполнето.

 

******Инаку, изградба на нов  објект на СУГС „Кочо Рацин“ во Општина Ѓорче Петров, пред осум години  за локалните избори во 2013 г., ветија и  поранешните градоначалници на Скопје  и на Општина Ѓорче Петров,  Коце Трајановски и  Сокол Митровски, но не успеаја да го реализираат ветеното.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција