Скопскиот аеродром не е затворен

[Рецензија: ЗАТВОРЕН И АЕРОДРОМОТ: Од скопскиот аеродром вратени 26 патници, странски државјани]

Поради тоа што состојбата со корона-вирусот предизвикува огромно внимание и интерес кај читателите, како и поради тоа што станува збор за известување во време на пандемија, неопходно е да се известува прецизно, без грешки, без дезинформации и со точна терминологија. Во текстот што го рецензираме, насловот е фактички неточен и го наведува читателот да помисли дека нема никаква активност на овој аеродром.

Линк до оригиналниот напис: ЗАТВОРЕН И АЕРОДРОМОТ: Од скопскиот аеродром вратени 26 патници, странски државјани

Датум и време на објавување: 14.3.2020

Датум на рецензирање: 15.3.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Од особена важност е да напоменеме дека ваквото непрецизно и неточно информирање може да создаде забуни кај граѓаните, затоа што непосредно по неговото објавување Владата донесе нова мерка со која охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ се затвора комплетно, во рок од 48 часа од донесувањето на мерката на Владата. Поради тоа што мерката за целосно затворање се однесува на охридскиот аеродром, сосема е возможно читателот да се дезинформира и да помисли дека тоа се случило и со скопскиот аеродром. Неопходна е целосна неприкосновена прецизност во терминологијата.

Забраната на влез на територијата на земјава според владината одлука која е во сила во моментот на објавување на рецензираниот текст се однесува на земјите исклучиво од висок ризик за Ковид-19. Поради тоа, не е точно дека аеродромот е затворен за сите, како што сугерира насловот, туку само за овие патници. Подоцна мерката е проширена и за странските државјани од земјите со среден ризик. На македонските државјани, пак, кои се враќаат од земјите со среден и висок ризик од Ковид-19 им е дозволено враќањето, меѓутоа мора да потпишат изјава под полна кривична и материјална одговорност дека ќе одат во 14-дневна самоизолација за да се утврди дали ќе ги пројават симптомите по инкубацискиот период на вирусот.

Самата вест, ако не го земаме предвид насловот кој дезинформира, е направена коректно, согласно препораката да се користат официјални извори на информирање, во случајов Министерството за здравство. Во содржинскиот дел нема никаков проблем.

Известувањето во период на пандемија, според етичкиот Кодекс на новинарите, мора да биде ослободено од сензационализам, насловите не треба да бидат напумпани со непостојни мерки. Не тврдиме дека ова е направено со умисла во конкретниот случај, туку само ја потенцираме важноста на прецизноста.

***

Најновите информации за Скопскиот аеродром се достапни на неговата официјална веб-страница skp.airports.com.mk, каде што во моментот на објавување на овој напис може да се види дека за нередните денови се планирани летови од повеќе авиокомпании.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на болеста Ковид-19 предизвикана од новиот корона-вирус. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција