Славески пред избори ветува 25 отсто повисоки плати, а доскоро апелираше да не се качуваат 

Фото: Принтскрин

 

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма (12.02.2020), меѓу другото, даде недоследна изјава дека е сосема реално идната влада на ВМРО-ДПМНЕ да ги зголеми платите до 25 отсто.

Се работи за збирен раст, секоја година 5%, вкупно 4 години. Ако наредната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, може да го искористи целокупниот свој мандат, тоа би значело дека платите ќе пораснат за над 20 до 25 %. И тоа не е воопшто нереално, сосема е реално, истакна Славевски. 

[Извор:Топ Тема (37 минути 20 секунди од видеото) – датум: 12.02.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Поранешниот министер за финансии, професор на Економскиот факултет и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во дебатата на ТВ „Телма“, зборувајќи за економските мерки кои ВМРО-ДПМНЕ планира да ги преземе доколку се врати на власт, рече дека е реално да се очекува за време на четиригодишниот мандат платите да пораснат од 20 до 25 проценти. Оваа негова изјава е недоследна во однос на ставовите кои тој и неговата партија ги искажуваа во изминатиот период во врска со растот на платите и мерките кои ги презема актуелната власт за зголемувањето на минималната и на просечната плата.

Наспроти тоа што сега, во очи на предвремените парламентарни избори, Славески (како и партискиот лидер Христијан Мицкоски) ветува повисоки просечни плати и до 25 отсто, доскоро тој велеше дека платите не треба да се креваат.

Така на пример, пред неколку месеци (септември 2019)  во дебата на ТопТема  говореше дека  минималната плата вештачки се зголемува и дека со покачувањето од „2-3 илјади денари на минималната плата, Македонија нема да биде конкурентна со западните држава и нема да го спречи иселувањето на младите“:

Апелираме немојте да продолжите да ја покачувате минималната плата. Тоа ќе донесе нестабилност, хаос, секојдневни штрајкови, јавниот сектор, приватниот. Ве предупредуваме немојте да го направите тоа за доброто на државата. Да ја зголемувате така вештачки платата, создавате притисоци за зголемување на останатите плати, правите ‘ршум во компаниите.

Во човечки капитал не се вложува со зголемување од 2-3 илјади на платата. Вие не можете да се натпреварувате со платите во Германија. Има голем број на други фактори и причини, освен платата, за одлуката на поединецот дали ќе остане во родното огниште, во домот во кој што може да му помогнат родителите или ќе оди некаде каде што во првата година ќе се разочара и ќе му е срам да се врати во земјата, рече тогаш Славевски. (29 минути 30 секунди од видеото)

Ама, сега Славески и неговата ВМРО-ДПМНЕ ја „свртија плочата“ и наместо апели „да не се качува минималната плата“, сега велат дека „ќе ги качат платите за 25 отсто“. Заради ова, како и заради фактот што не слушнавме објаснување која е причината за менувањето на ставот, Вистиномер ја оценува оваа изјава како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција