Слика од антички период на Атина неосновано се поврзува со Македонија и македонскиот јазик
Објавата споделува фотографија од нешто што наликува како фрагмент од некој керамички сад на кој е насликано момче кое држи во раката хартија на која се испишани буквите МЕРАК. Фотографијата, како што покажа нашата проверка, е настаната во Атина и нема никаква врска со С. Македонија и македонскиот јазик
Објавата споделува фотографија од нешто што наликува како фрагмент од некој керамички сад на кој е насликано момче кое држи во раката хартија на која се испишани буквите МЕРАК. Фотографијата, како што покажа нашата проверка, е настаната во Атина и нема никаква врска со Македонија и македонскиот јазик
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
МЕРАК МИ Е
Многу “учени” и “експерти” спореа со мене дека Мерак не е македонски збор.
Можеби е турцизам, можеби хеленизам, а најверојатно е персиски.
Се разбира спорот е неформален и неофицијален. Бидејќи тие се формални академици и професори, не паѓаат на тоа ниво да спорат со аматер ентузијаст…
Ноо
ПРЕД ФАКТИТЕ И БОГОВИТЕ МОЛЧАТ!
Теракота 470 П.Н.Е -Самотрин, Пела, Македонија.
Објавата споделува и фотографија од нешто што наликува како фрагмент од некој керамички сад на кој е насликано момче кое држи во раката хартија на која се испишани буквите МЕРАК.
Ја пребаравме фотографијата на Гугл и ја најдовме на веб-страницата на Гети, водечка глобална уметничка организација посветена на изложување, зачувување и разбирање на светското уметничко и културно наследство, со седиште во Лос Анџелес.
Во описот на фотографијата на оваа веб-страница, наведено е дека е насликана од извесен сликар Акесторидес во периодот од 470-450 год. П.н.е. во Атина и дека претставува фрагмент од керамичка чаша со црвена фигура.
До раните 400-ти години п.н.е., професионалните наставници основале училишта во Атина. Овие наставници, кои биле специјализирани за различни аспекти на образованието, обезбедиле обука за машките деца на родители кои можеле да си дозволат да ја платат школарината. Најосновното образование во едно од овие училишта би вклучувало читање и пишување, а можеби и аритметика. Речиси во исто време, на атинските вазни почнаа да се појавуваат сцени од млади луѓе во училиште кои ги учеле своите лекции, што било дел од зголемениот интерес на вазничарите за прикажување сцени од секојдневниот живот.
Овој мал фрагмент од вазна со црвена фигура покажува момче кое држи свиток додека друго лице, можеби неговиот учител, стои пред него. Научниците не се согласуваат околу тоа што пишува во свитокот. Некои сметаат дека е почеток на некаков список на митолошки фигури. Други го гледаат како фрагмент од епската поема на Хесиод, „Каталог на жени“. Оваа училишна сцена доаѓа од внатрешноста на вазната. На надворешноста останале само стапалата на две фигури.
Работејќи во Атина во 500-тите п.н.е., сликарот Акесторидес украсувал вазни во техника со црвена фигура. Се чини дека тој го научил својот занает од еден од водечките сликари од претходната генерација, Дорис. Иако преживеаните дела на сликарот Акесторидес вклучуваат неколку форми на вазни, тој се специјализирал за украсување керамички чаши. Неговата работа се фокусирала на сцени од секојдневниот живот, особено атлетика, училишни сцени и симпозиуми или забави.
Како и кај повеќето антички уметници, вистинското име на сликарот Акесторидис е непознато, а тој е идентификуван само според стилските црти на неговата работа. Научниците го именувале по натписот Калос што ја фали убавината на младиот Акесторидис и што се појавува на неколку негови вазни.
Значи, сликата нема никаква врска со Пела, како што наведува објавата. Таа е настаната во Атина, водечкиот град во Грција за време на најголемиот период на грчката цивилизација за време на 1 милениум п.н.е. За време на „златното доба“ на Грција (грубо околу 500 п.н.е. до 323 п.н.е.), таа била водечкиот светски културен и интелектуален центар, и затоа фразата „западна цивилизација“ ги има своите корени во идеите, достигнувањата и практиката на античка Атина.
Фотографијата уште помалку има некаква врска со македонскиот јазик бидејќи во тој период, во Атина се говорело на старогрчкиот јазик кој се состои главно од архаична форма на јонски, со некои ајолски форми, неколку од аркадо-кипарскиот и пишана форма под влијание на атичкиот.
Според Британика, грчкиот јазик е индоевропски јазик што се зборува првенствено во Грција. Има долга и добро документирана историја – најдолга од кој било индоевропски јазик, која опфаќа 34 века. Постои античка фаза, поделена на микенски период (текстови со слоговно писмо посведочени од 14 до 13 век п.н.е.), архаичен и класичен период (почнувајќи со усвојувањето на азбуката, од 8 до 4 век п.н.е.); хеленистичка и римска фаза (IV век п.н.е. до 4 век н.е.); византиска фаза (од 5 до 15 век н.е.); и модерна фаза.
Буквите испишани на фотографија МЕРАК (не е познато што тие значат во овој случај) ги има и во грчкиот јазик така што не може истите да се презентираат како некаков доказ дека во одреден период на одредена територија се говорел македонскиот јазик.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека фотографијата од момчето кое држи хартија на која се испишани букви не е од Пела, туку од Атина и дека таа нема никаква врска со Македонија и македонскиот јазик. Поради тоа објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар