Фотографија од заробен пилот во Ирак од 1991 г. претставена како да е од Иран од 2026 г.
Американскиот пилот Дејвид Вилијам Еберли бил заробен во војната против Ирак во 1991 г., но со неговиот лик е илустрирана објава за сегашната војна во Иран. На 3.4.2026 г. тој собори американски авион со двочлен екипаж: пилот и оператор за оружје, за кој објавата дезинформира дека бил најден и заробен, а и погрешно го нарекува „пилот“.
Американскиот пилот Дејвид Вилијам Еберли бил заробен во војната против Ирак во 1991 г., но со неговиот лик е илустрирана објава за сегашната војна во Иран. На 3.4.2026 г. тој собори американски авион со двочлен екипаж: пилот и оператор за оружје, за кој објавата дезинформира дека бил најден и заробен, а и погрешно го нарекува „пилот“. Таа се повикува на иранскиот портпарол Золфагари, кој тврдеше дека обидот на САД да го спасат операторот бил „осуетен“, но не и дека тој бил заробен, а САД јавија дека е спасен
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Иранците го најдоа пилотот
Најнови вести: Портпаролот на Печатот на пророците:
„Ќе го размениме заробениот американски пилот за ослободување на 10.000 палестински затвореници.“
Објавата е невистинита и пропагандистичка, што детално ќе го аргументираме.
Таа е илустрирана со колаж, кој може да се види на следниов линк и кој содржи текст и две фотографии поставени една до друга. Онаа лево, која, наводно, го прикажува „американскиот пилот неодамна заробен во Иран“, всушност, го прикажува американскиот пилот Дејвид Вилијам Еберли, кој бил соборен и заробен во Заливската војна против Ирак во 1991 г. – како што истраживме ние, но и познатите проверувачи на факти од Agence France-Presse и Lead Stories.
Соборувањето се случило над Ирак на 19.1.1991 г., при што Еберли се катапултирал и се приземјил со падобран, по што се упатил кон сириската граница, кај што 3 дена подоцна бил заробен од Ирачаните, кои го одвеле во Багдад. Од заробеништво бил пуштен на 5.3.1991 г.
Таа негова фотографија во колажот е матна и не баш квалитетна, што кај нас веднаш побуди сомнежи дека тоа е скриншот од стара видеоснимка. Порано се користеле аналогни видеокамери со видеокасети, кои биле под нивото на техниката што ја имаме денес. Секој пристоен смартфон денес може да постигне многу подобар квалитет во смисла на резолуција, бои и сл.
Потврда за тие сомнежи најдовме, така што компјутерски ја издвоивме таа фотографија од колажот и извршивме пребарување со неа за да дознаеме каде таа се среќава низ веб-просторот. Така ја најдовме видеоснимката, која Ирачаните ја направиле со Еберли. Таа била емитувана на американскиот телевизиски канал CNN на 25.1.1991 г.
Објавата користи скриншот од таа снимка за да илустрира неодамнешен настан и тоа измислен. Неспорно е дека на 3.4.2026 г. Иран собори американски авион F-15 со двочлен екипаж: пилот и оператор за оружје, набргу по што Американците го спасиле пилотот, но не и операторот, за кого објавата тврди дека бил најден и заробен од Иранците, а и погрешно го нарекува „пилот“. Него Американците го спасиле 2 дена по соборувањето, што го потврди и Доналд Трамп.
Значи, објавата дезинформира, а за тоа да биде поефектно, таа се повикува на Ебрахим Золфагари, портпаролот на Централниот главен штаб на иранската команда Хатам Ал-Анбија, што во превод значи Печатот на пророците, а што се споменува и во објавата (Иран е теократска, исламска република, па тоа е верски поим).
Во колажот, кој пред малку го споменавме, е вметната и фотографија од Золфагари, но тој само тврдеше дека американската спасувачка мисија испратена за операторот била „осуетена“, а не и дека тој бил заробен и дека ќе биде разменет за палестински затвореници, претпоставуваме од израелските затвори.
Ние не најдовме информација од релевантен и кредибилен светски медиум дека кој било припадник на американските сили е заробен од страна на Иран.
Треба да се знае и дека иранскиот режим е озлогласен по ширењето пропаганда и дезинформации.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар