Слободни медиуми не се создаваат преку ноќ

Костадин Костадинов. Фото: СДСМ

Изјавата на портпаролот на СДСМ, пратеникот Костадин Костадинов, во рамките на одбележувањето на Денот на човеквите права, дека е „обезбедена целосна слобода на говор и слобода на јавно мислење“ и дека „медиумите се ослободени од било каков притисок на власта“, дека „можат да известуваат и да работат слободно и независно“, во најмала рака е полувистина

 

СДСМ, преку својот портпaрол Костадин Костадинов, ја даде следната изјава, за која оценуваме како полувистина:

Обезбедена е целосна слобода на говор и слобода на јавно мислење. Од држава на замолчени, уценети и притиснати медиуми, денес во Македонија има слобода на говор, медиумите се ослободени од било каков притисок на власта, можат да известуваат и работат слободно и независно.

[Извор: СДСМ/вебстрана – датум: 10.12.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на портпаролот на СДСМ, пратеникот Костадин Костадинов, во рамките на одбележувањето на Денот на човеквите права, дека е „обезбедена целосна слобода на говор и слобода на јавно мислење“ и дека „медиумите се ослободени од било каков притисок на власта“, дека „можат да известуваат и да работат слободно и независно“, во најмала рака е полувистина.

Произлегува дека СДСМ како партија на власт од 01.06.2017 година досега, за година и половина го решила ова важно прашање на секоја демократија на целосно задоволителен начин и стопроцентно.

Но, фактите зборуваат за нешто друго. Слободата на говор и слободата на јавно мислење зависише и се уште зависи од тоа дали има директна или индиректна цензура и автоцензура, дали има тужби за навреди и клевети од политичари на власт и од други центри на моќ, дали има слободен проток на информации, дали има буџетски пари во медиумите од кои зависи нивниот опстанок, дали има заплашување и напади врз новинарите и редица други прашања.

Ако ги анализираме одделно сите овие факти, ќе се дојде до заклучок дека во многу сфери состојбата е подобрена, но дека ниту оддалеку не е доведена на целосно задоволителен начин или во смисла дека некој може да се пофали со „обезбедена целосна слобода на говор и слобода на јавно мислење“.

Прво и основно, реформата на медиумскиот сектор сè уште е под знак прашање, зашто два клучни закона не се променети – Законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ) и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Овие два закона, од кои за едниот е веќе одамна постигнат договор меѓу медиумската заедница и извршната власт, сè уште е закочен во собраниските лавиринти во фаза на амандманска расправа, која не се води.

Од овој закон зависат многу работи за радиодифузерите, но и за обезбедување на суштинската слобода на говор и слобода на јавно мислење и во јавниот радиодифузер, т.е. МРТ.

Измените на вториот закон дури од недамна се ставени на јавна расправа и не е за очекување да ги помине сите процедури – од Влада, Собрание и усвојување пред првите месеци во 2019 година, а како бај пас, Владата со општо укажување, досега помогна полесно да се стига до податоци само од Централниот регистер и од Катастарот. Сепак, фер е да се каже дека нивото на транспаретност севкупно е зголемено во однос на периодот пред 01.06.2017 година.

Патем, клучното барање за измените на овој вториот закон се клучни и за медиумите – скратување на рокот за добивање информација, проширување на опсегот на носители на информации од јавен карактер и обезбедување ефикасност во второстепената постапка ако органот или институцијата одбие да ја даде информацијата.

Тужби врз новинари директно од политичари нема или се многу ретки, но бројот на ваквите тужби и закани за тужби од политичари или од други носители на моќ, иако е намален, сè уште не е сведен на исклучок наместо на правило. Освен тоа, не е сменет соодветниот закон, со кој барањето за надомест на нематеријална штета би изнесувало најмногу 1 евро, симболично, а што беше предизборно ветување на СДСМ (стр.44).

Инаку, едно медиумско истражување на ПИНА од средината на годинава покажува дека притисоци врз новинарите имало и по промената на власта. Впрочем, за овој дел од реформите од страна на Владата, за состојбата до септември годинава, може да се види и од финалниот извештај на Медиумската опсерваторија, проект на Фондацијата „Метаморфозис“ (во чии рамки работи и „Вистиномер“).

Бројот на напади врз новинари е намален, но не е запрен. Сепак, она што е уште поважно е дека во истрагите за досегашните педесетина случаи за последните неколку години не е постигнат значителен напредок. Според ЗНМ, само десетина од овие случаи се истражени соодветно.

Исто така огромно е влијанието на непочитувањето и неказнувањето на авторските права, за што е потребна измена на законот.

Конечно, многу важното прашање за отсуство за буџетски пари во медиумите не е решено. Иако Владата со одлука од 2017 година ги укина владините реклами, со последните измени на Изборниот законик од пред некој месец, кампањите на политичките партии ќе се плаќаат од Буџетот на РМ. Но, она што е уште поважно дека освен овие, според некои проценки околу 4-5 милиони евра за секои избори – сè уште се огромни сумите што се издвојуваат од страна на јавните претпријатија и од страна на некои единици на локална самоуправа и на локални јавни претпријатија за одделни медиуми, со што не се помагаат медиумите и медиумскиот пазар, туку се прави токму обратното – дисторзија на пазарот и селекција на „наши“ медиуми.

Само од локалната самоуправа директно се одлеваат помеѓу половина милион и милион евра во локалните медиуми, покажува едно ново релевантно истражување што треба да се објави деновиве, а кое имавме прилика да го разгледаме.

Има уште многу да се зборува на оваа тема, но и само овие факти се доволни да се оцени дека изјавата на Костадинов во име на СДСМ, е благо речено полувистина. Реформите во медиумите и освојувањето на слободата на говорот и на јавниот збор, не се спроведуваат и освојуваат преку ноќ.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција