Случајот Брвеница – повик за етничко гласање со извртени вистини од Хаким Рамадани
Пошироката јавноста не е запозната со програмата за работа што ја нуди кандидатот за градоначалник на Брвеница Хаким Рамадани, ама затоа добро е запозната со неговиот повик за гласање за него зашто е кандидат Албанец и затоа што тоа ќе покажело кој е газда во сопствената земја.
Пошироката јавност не е запозната со програмата за работа што ја нуди кандидатот за градоначалник на Брвеница Хаким Рамадани, ама затоа добро е запозната со неговиот повик за гласање за него зашто е кандидат Албанец и затоа што тоа ќе покажело кој е газда во сопствената земја. Тоа што сега вели дека ќе го заштител секој жител на Брвеница без разлика дали е Албанец, Македонец или од друг народ, е повторно спин, затоа што заштитата на секој граѓанин се подразбира без оглед на етничката припадност на градоначалникот или на мнозинството во Советот
Пишува: Теофил Блажевски
Кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВЛЕН Хаким Рамадани во објава на Фејсбук искажа став за неговата кандидатура во која иако се труди да ја информира јавноста поинаку за себе, де факто повторно повикува на етничко гласање ама сега со други наведени причини.
Имено во својот одговор до премиерот Христијан Мицкоски и до јавноста Рамадани наведува :
Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено ‘Инфомакс’, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница. (види тука).
Причина зошто Рамадани се најде во фокусот на јавноста е неговиот првичен спин дека нема ништо против другите народи, македонскиот народ, „но секој треба да знае кој е газда во својата земја“ (види тука и тука, по 1.30 мин). Откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Рамадани испаднал себичен и мислел само на својата кандидатура, а не на интересите на коалицијата ВЛЕН и поддршката што ја имаат и очекуваат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, како и тоа дека прво Рамадани ќе ги загубел изборите во Брвеница, па ќе бил сменет од државната функција, Рамадани сега излезе со друг став, но во суштина повторно е извртување на вистината, а тоа е дека „нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница“.
Де факто изјавата на Рамадани е повторно дезинформација, т.е. извртена вистина од една едноставна причина. Заштитата на граѓаните од секоја етничка припадност е нешто што се подразбира „по дифолт“ пред било кој градоначалник или општинска администрација. Зарем граѓаните нема да бидат заштитени доколку победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот градоначалник Јовица Илиевски? Впрочем, тој беше повторно кандидиран затоа што досега ја водеше општината без (поголеми) проблеми во меѓуетничките односи, иако во Советот на општината соодносот Македонци – Албанци е 7:8 од 15-те советници.
Понатаму, Рамадани во објавата на Фејсбук наведува дека 17 години работел во Брвеница – „мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум“.
Можеби Рамадани е токму таков – не му пречи кој раководи во општината ако е квалитетен кадар, можеби програмата на Рамадани е подобра од противкандидатите, во овој случај од онаа на Илиевски, можеби…Но сепак, Рамадани ќе остане познат во јавноста токму по изјавите, првата дадена во Хамбург и втората на Фејсбук, кои во суштина се повик за гласање по етничка основа, а образложенијата се дезинформации или спинови.
Во првиот случај во изјавата пред иселениците во Хамбург кажа и друга дезинформација зошто требало да има етнички Албанец градоначалник во Брвеница „како газда на својата земја“, а тоа е дека дека 65 отсто од буџетот се полнел од Албанците. Рамадани заборава да каже дека не е важно кој го полни буџетот, туку како политичарите управуваат со јавните пари, а во случајот на Брвеница тоа се некои, 4,6 милиони евра за 2025 г. Во последниот случај со објавата на Фејсбук, Рамадани манипулира дека како градоначалник ќе ги заштител сите граѓани, заборавајќи дека тоа се подразбира без оглед дали градоначалникот е Албанец, Македонец или кој и да е друг.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар