Случајот со БСЖ вакцината во Хрватска не докажува дека вакцините ги „трујат“ и „убиваат“ децата
Во Хрватска биле пријавени сомнителни несакани реакции на БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“ и употребата на вакцината од конкретниот производител била привремено запрена. Но, не е докажано дека сите вакцини се непроверени, дека децата намерно се трујат или дека институциите прикривале познат проблем
Објавата користи реален проблем за да извлече пошироки заклучоци за вакцинацијата што не се поткрепени со докази. Точно е дека во Хрватска биле пријавени сомнителни несакани реакции на БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“ и дека употребата на вакцината од конкретниот производител била привремено запрена. Но, не е докажано дека сите вакцини се непроверени, дека децата намерно се трујат или дека институциите прикривале познат проблем
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
ДО Вчера убиства се извршувале,денес никому ништо.
Ниедна вакцина не е проверена, тестирана со плацебо група и безбедна.
Сѐ додека не се случи ваква хаварија се ќути, а во меѓувреме се ТРУЈАТ децата.
Родители мислете со своја глава.
Објавата се однесува на случајот во Хрватска, каде што на 5 октомври 2026 година беше привремено запрена употребата на БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“, по четири пријави за сомневање за воспаление на коските кај вакцинирани деца. Случаите се предмет на истрага, а причината не е конечнo утврдена.
Објавата неосновано и без никакви докази тврди дека „до вчера се извршувале убиства“ со вакцината. Пријавените случаи се сериозен безбедносен сигнал и оправдана причина за истрага, но нема докази дека станува збор за убиства или намерно труење. Привременото запирање на вакцината е превентивна мерка, а не доказ за намерна штета.
Во однос на тврдењето дека „ниедна вакцина не е проверена, тестирана со плацебо група и безбедна“, тоа исто така е неточно. Имено, вакцините се испитуваат преку претклинички и клинички истражувања пред одобрувањето, а нивната безбедност продолжува да се следи и по пуштањето во употреба. Не секое испитување мора да користи плацебо-група; понекогаш новата вакцина се споредува со веќе одобрена вакцина. Ниту една вакцина не е целосно без ризик, но тоа не значи дека вакцините не се тестираат.
Што се однесува до тврдењето дека „сѐ додека не се случи ваква хаварија се ќути“, тоа е непоткрепено. Ретките несакани реакции понекогаш се откриваат дури по поширока употреба на вакцината. Токму затоа постојат системи за пријавување, истрага и преземање мерки. Во овој случај, хрватските власти реагирале со привремено запирање на употребата. Нема докази во наведените извори дека проблемот претходно бил намерно прикриван.
Тврдењето дека „во меѓувреме се трујат децата“, е невистинито и недокажано. БСЖ е жива, ослабена вакцина против туберкулоза, а воспалението на коските е позната, но ретка можна компликација. Четирите пријавени случаи бараат истрага, но не докажуваат дека вакцината била неисправна или дека децата намерно биле изложени на отров.
Објавата користи реален проблем за да извлече пошироки заклучоци за вакцинацијата што не се поткрепени со докази. Точно е дека во Хрватска биле пријавени сомнителни несакани реакции на БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“ и дека употребата на вакцината од конкретниот производител била привремено запрена. Но, не е докажано дека сите вакцини се непроверени, дека децата намерно се трујат или дека институциите прикривале познат проблем.
Поради ова објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар