Случајот во т.н. Платежна агенција, сепак е корупциски скандал поврзан со Владата

Фото: скриншот

Вицепремиерот Николоски тврди дека Владата досега не е поврзана со никаков корупциски скандал, токму во време на отворена истрага и изречен притвор на директор на Агенција која работи во состав на извршната власт, а директорот го именува Владата

Вицепремиерот Николоски тврди дека Владата досега не е поврзана со никаков корупциски скандал, токму во време на отворена истрага и изречен притвор на директор на Агенција која работи во состав на извршната власт, а директорот го именува Владата

 

Потпретседателот на Владата на РСМ и министер за транспорт Александар Николоски во тв интервју за Топ тема на ТВ Телма даде изјава на самиот крај од емисијата во коja има невистина:

Тоа е прашање што може да го одговори премиерот, но јас можам нешто друго да ви кажам. Ова е Влада, после подолг временски период, без корупциски скандал,  Влада којашто испорачува и Влада којашто го потврди својот легитимитет на локалните избори како никоја претходно.

[Извор: TВ Телма/Топ тема – А. Николоски/интервју – Датум: 12.11.2025]

 

Образложение:

Вицепремиерот Николоски одговарајќи на политички прашања на крај од разговорот во телевизиското интервју за Топ тема на ТВ Телма во последната реченица даде тврдење кое не одговара на вистината, говорејќи за Владата чиј член е, а е поврзано со корупциски скандали:

Ова е Влада, после подолг временски период, без корупциски скандалвели Николоски.

Без да се трага пошироко за периодот од кога е избрана и функционира Владата (јули 2024 г.), може да се оцени дека сепак има макар еден корупциски скандал поврзан со функционирањето на извршната власт, а за кој е одговорна и Владата, а тоа е токму деновиве актуелниот, со притворениот директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (т.н. Платежна агенција) Иле Стоилов и уште четири други лица.

Имено, Николоски дури и буквално да мислел на корупциски скандал на министри или заменици министри, не може да ја избегне поврзаноста на Владата со овој корупциски скандал чии последици се барем првично стопирани исплати на десетици милиони евра од ЕУ преку програмата ИПАРД 3 на конкретни лица и компании кои работат во областа на земјоделството. Бидејќи точно е дека Агенцијата е конституирана како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, согласно Законот со кој е формирана, но исто така е точно дека нејзиниот директор го назначува Владата. Тоа е запишано во Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во член 12:

Со Агенцијата раководи директор. Директорот на агенцијата има заменик. Директорот и заменикот на директорот на Агенцијата ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

Освен оваа директна поврзаност со Владата, треба да се има предвид дека средствата на Агенцијата, освен од ЕУ или други странски фондови, се обезбедуваат од Буџетот на РСМ со чие извршување управува Владата (чл. 9 од истиот Закон).

Конечно, во Законот има уште една директна поврзаност со Владата, а тоа е надзорот. Во член 32 од Законот што ја регулира работата на Агенцијата се наведува:

Надзор на работата на Агенцијата во врска со реализацијата на програмите за финансиска поддршка врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со ова министерство раководи министерот Цветан Трипуновски, а според досега објавените податоци не може да се стекне впечаток дека директорот и другите четири лица што се осомничени за овој корупциски скандал за поткуп биле дел од надзор што го спроведувало министерството, туку на акција на надлежните органи што спроведуваат прогон и истрага.

Сосема е друго прашањето како Владата се справува со овој корупциски скандал, т.е. дали ефикасно или неефикасно, дали „апси и има одговорност“, како што посочува во една од своите изјави и самиот Трипуновски, но факт е дека овој случај за сомнеж на корупција кој засегнува времено стопирање на исплата на десетици милиони евра за веќе склучени договори, сепак е корупциски скандал поврзан со актуелната влада.

Затоа од погоре посочените аргументи би можело да се даде оценка за овој дел од изјавата на вицепремиерот Николоски дека станува збор за невистина.

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција