Смртта на четиригодишното дете во Струга нема никаква врска со вакцините

Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Објавата се обидува на секаков начин смртта на четиригодишното дете од Струшко да ја поврзе со вакцините, иако такво нешто нема, како што нема ниту помор на деца поради примени вакцини. Според соопштението на ДСЗИ, при инспекцискиот надзор во установата било утврдено дека станува збор за дете со потешка форма на церебрална парализа, кое покрај тоа што било чест пациент на детското одделение, било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје, како и надвор од државата

Објавата се обидува на секаков начин смртта на четиригодишното дете од Струшко да ја поврзе со вакцините, иако такво нешто нема, како што нема ниту помор на деца поради примени вакцини. Според соопштението на ДСЗИ, при инспекцискиот надзор во установата било утврдено дека станува збор за дете со потешка форма на церебрална парализа, кое покрај тоа што било чест пациент на детското одделение, било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје, како и надвор од државата

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели

ПОМОР НА ДЕЦА?!? ЗОШТО МОЛК?!?

Дали некој слушнал за обдукциски наод од децата што починаа по клиниките, да се објави јавно???

Од како воведоа казни за родители и принудно вакцинирање на деца што одат во градинка, се случува необјаснета смрт кај дечињата?!?  Коинциденција и сомнежи, нека објаснат надлежните што всушност се случува?

Објавата притоа споделува и принтскрин од вест за починато четиригодишно дете во Струшката болница.

Станува збор за информација од 2 февруари 2025 година која со јавноста ја сподели СВР-Охрид.

Од медицински лица од Општата болница во Струга е пријавено дека на Детското одделение во болницата било донесено четиригодишно дете од Струга кое извесно време било во тешка здравствена состојба. И покрај итно укажаната медицинска помош, детето починало, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Како што информираше директорот на болницата Владимир Бунчески, четиригодишното дете имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри. Во изјава за МИА тој посочил дека детето било донесено во многу тешка состојба со подраширени зеници и оти борбата на лекарите да го вртат во животот била неуспешна.

Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде што докторите им соопштиле на родителите дека ќе живее три до шест месеци.

Детето во Болницата во Струга е донесено во многу тешка форма со подраширени зеници, ослабено срце и загрозени сите витални параметри. И покрај долгата реанимација и борбата на лекарите да го вратат во живот било неуспешно. Имало тешка форма на респираторна инфекција со загрозени сите витални параметри. Родителите биле свесни околу состојбата, информираше Бунчески.

Како што јави МИА, увид извршил јавен обвинител и во координација со семејството телото нема да биде предадено на обдукција.

По смртта на детето, надзор изврши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој не констатирал недостатоци во рамките на своите надлежности.

Според соопштението на ДСЗИ, при инспекцискиот надзор во установата било утврдено дека станува збор за дете со потешка форма на церебрална парализа, кое покрај тоа што било чест пациент на Детското одделение, било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје, како и надвор од државата.

Од сето ова е јасно дека смртта на четиригодишното дете во Струга нема никаква поврзаност со некакви вакцини, како што сака тоа да го прикаже објавата што ја анализираме.

Задолжителната вакцинација против одредени болести и казните за родителите не се од вчера, за да може тоа да се доведува во врска со некаква наводна актуелна зголемена смртност на деца во македонските клиники.

Во земјава се спроведува задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања. Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).

Според Министерството за здравство, редовните вакцини се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести. Со редовната имунизација се развива долгорочна заштита. Целта на редовната имунизација е да помогне во градењето здрав и квалитетен живот. Националниот календар за редовна имунизација ги содржи сите потребни вакцини за заштита. Истиот треба да се следи и да не се пропушта препорачаниот редослед. Пропуштање и одложување на вакцинацијата го зголемува ризикот од инфекција која може да предизвика сериозни последици и хоспитализација. Доколку сепак некоја вакцина е пропуштена, треба да се прими во најскоро време.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји. 

Освен што ги посочува вакцините како убијци на децата бе притоа да понуди никакви факти и докази, објавата што ја анализираме, исто така, изнесува и сериозни наводи за некаков помор на децата кои не ги поткрепува со никакви докази и факти. Во неа се вели дека сè поголем број деца во Македонија умирале по болниците како последицa на примените вакцините. За вакво нешто да се каже мора да се понудат сериозни факти, бројки, докази или изјави од медицински лица и податоци од медицински установи. Такво нешто во објавата нема.

Наспроти тврдењата во објавата дека сè повеќе деца умираат во Македонија, податоците на УНИЦЕФ и на  Државниот завод за статистика (ДЗС) го покажуваат спротивното. За тоа повеќе можете да прочитате на следниот линк.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција