Смртта на пилотите од Бритиш Eрвејз не е поврзана со ковид-19 вакцините и не се водат кризни разговори со владата

Информацијата дека четоврица пилоти на Бритиш ервејз починале е точна, но не е вистина дека нивната смрт е поврзана со вакцината против ковид-19 и дека авиокомпанијата е во некакви кризни разговори со Владата за тоа дали да дозволи летање на вакцинирани пилоти. Од „Бритиш ервејз“, во изјава за „Ројтерс“, рекле дека ниту еден од смртните случаи не е поврзан со вакцините и ги демантирале  тврдењата дека компанијата водела кризни разговори со Владата 

Информацијата дека четоврица пилоти на „Бритиш ервејз“ починале е точна, но не е вистина дека нивната смрт е поврзана со вакцината против ковид-19 и дека авиокомпанијата е во некакви кризни разговори со Владата за тоа дали да дозволи летање на вакцинирани пилоти. Од „Бритиш ервејз“, во изјава за „Ројтерс“, рекле дека ниту еден од смртните случаи не е поврзан со вакцините и ги демантирале тврдењата дека компанијата водела кризни разговори со Владата 

 

Пост на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека откако четворица пилоти на „Бритиш ервејз“ (БА) починале по примена ковид вакцина, компанијата е во кризни разговори со Владата за тоа дали да дозволи летање на вакцинирани пилоти. Ваквите информации ги демантираат од компанијата и додаваат дека смртта на пилотите не е поврзана со вакцинацијата.

BRITISH AIRWAYS – БРИТИШ ЕРВЕЈЗ – нели изгубија 4 пилоти оваа недела (откога биле вакцинирани), па сега Бритиш ервејз е во кризни разговори со владата за тоа дали да дозволи летање на вакцинирани пилоти. Проблемот е дека околу 80-85%, од пилотите во Бритиш ервејз биле вакцинирани. Значи само 10% од пилотите ќе можат да летаат, се вели во објавата на Фејсбук.

Во прилог на ваквото тврдење објавена е и фотографија, од, како што се чини, четири книги на сочувство покрај кои има врамени фотографии на четворица мажи во салон со постер на ѕидот од „Бритиш ервејс“.

Приказната за пилотите и за наводните кризни разговори на „Бритиш ервејз“ со владата, потекнуваат од аудио снимка која кружи на социјалните мрежи, а на која неидентификуван маж вели дека разговарал со „пријател што е пилот на БА“ и објаснува „работите полудуваат“, откако тројца колеги пилоти починале.

Тие го загубија третиот БА пилот во последните седум дена, да? Трет пилот мртов во последната недела “, вели човекот што се слуша на снимката. „Првите двајца момци беа во своите четириесетти и педесетти години; ова момче, во средината на триесеттите години, во совршена форма, без никакви заболувања. Тој ја доби својата втора доза вакцина и веќе е мртов за неколку дена, исто како и првите двајца. Поради ова, Бритиш ервејз сега е во кризни разговори со владата за тоа дали да дозволи летање со вакцинирани пилоти. Проблемот, според мојот пријател од Бритиш ервејз, е што околу 80%, 80-85% од пилотите биле вакцинирани.

Човекот потоа продолжува да кажува дека само „10% од пилотите ќе можат да летаат“, означувајќи го тоа како „сериозно прашање“.

Дел од овој разговор е прикажан и на една од фотографиите под постот што го анализираме.

Од „Бритиш ервејз“, во изјава за „Ројтерс“, рекле оти тврдењата дека компанијата водела кризни разговори со Владата се неосновани и истите ги демантирале. Портпаролот, сепак, ја потврдил автентичноста на четирите книги со сочувство.

Нашите мисли се со нивното семејство и пријатели“, рекле од Бритиш ервејз за „Ројтерс“, додавајќи дека ниту еден од смртните случаи не е поврзан со вакцините.

Во изјава за „Ројтерс“, Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи на Обединетото Кралство (МХРА), исто така, негираше какви било кризни разговори со британскиот авиопревозник.

 Не сме информирани за смртта на пилотите по приемот на вакцината ковид-19 и не сме разговарале со Бритиш ервејз или со други авиокомпании за спречување на летање на пилотите по примањето на вакцината ковид-19. Во моментов нема ограничувања во авијацијата или другите индустрии и активности по вакцинацијата. Нашиот совет останува дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците кај мнозинството луѓе. Сè уште е од витално значење луѓето да се јават за својата вакцина и за нивната втора доза кога ќе бидат поканети да го сторат тоа, изјавила д-р Сара Бранч, директорот на одделот за будност и управување со ризици на МХРА.

Од сето ова може да се заклучи дека информацијата дека четоврица пилоти на „Бритиш ервејз“ починале е точна, но не е вистина дека нивната смрт е поврзана со вакцината против ковид-19 и дека авиокомпанијата е во некакви кризни разговори со Владата за тоа дали да дозволи летање на вакцинирани пилоти. Според тоа, можеме да оцениме дека овој пост во целина е дезинформација.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција