Снимка од Филипините од 1945 г. лажно опишана како да е од Егејска Македонија од 1948-49 г.
Снимка од авиони како бомбардираат со напалм е лажно опишана како да е од Грчката граѓанска војна, во која тој бил користен во 1948-49 г., но тука се всушност прикажани Филипините во Втората светска војна, за што сведочи една фотографија од 1945 г.
Снимка од авиони како бомбардираат со напалм е лажно опишана како да е од Грчката граѓанска војна, во која тој бил користен во 1948-49 г., но тука се всушност прикажани Филипините во Втората светска војна, за што сведочи една фотографија од 1945 г. Можеби таа послужила за генерирање на кинематографската снимка во објавата со помош на алатки за вештачка интелигенција
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Бомбардирање со напалм Вичо планина Егејска Македонија
Тоа е опис на еден клип споделен во објавата, кој прикажува како авиони бомбардираат со напалм, што создава лажен впечаток дека тоа е снимено во Егејска Македонија за време на Грчката граѓанска војна. Таа е единствената во која такви бомби биле применети на таа планина, па тука сигурно не се мисли на некоја друга војна.
Примената на тие бомби во таа војна започнала во 1948 г., но се интензивирала во август 1949 г. во Операцијата Пирсос, во чиј склоп се водела и битката на Вичо, што го дознаваме од книгите „Употребата на воздухопловните сили во грчката герилска војна (1947 – 1949)“ и „Воздушни војни и воздухоплови: детален запис за воздушните борби од 1945 до денес“. Но, тие не потврдуваат дека авионите претставени во клипот, Lockheed P-38, биле користени во тие настани, туку: Helldiver, Spitfire, Dakota и др. Тоа е само првична индиција дека во објавата нешто не е во ред.
Снимката не е направена во војната на која алудира објавата, ниту на местото наведено во неа. Компјутерски го издвоивме првиот кадар од клипот како да е фотографија, по што со неа извршивме визуелно пребарување со Google Images и слични сервиси, па на неколку веб-локации најдовме фотографија, која изгледа исто, само што е црно-бела, а не во боја како клипот.
Неа ја има во книгата „Војната против Јапонија“, првпат излезена во 1952 г. и реиздадена во 2006 г. од Центарот за воена историја на армијата на САД. Во книгата се вели дека на фотографијата се претставени споменатите авиони Lockheed P-38 како фрлаат напалм врз планинско подрачје источно од Манила, што е главниот град на Филипините, кои во Втората светска војна биле под јапонска контрола.
Фотографијата ја најдовме и кај агенцијата Alamy, која продава права за користење на фотографии за весници, списанија, сајтови и сл., а таму описот вели дека тоа било бомбардирање крај браната Ипо на островот Лузон, кој е дел од Филипините.
Тука видовме помалку различни описи на една иста фотографија, но едно е сигурно – таа не е од Егејска Македонија од Грчката граѓанска војна, туку од Филипините од Втората светска војна.
Книгата „Нивна сопствена војна: Бомбардери над Југозападниот Пацифик“ (издание на Воздухопловниот универзитет и воздухопловната база Максвел во Алабама од 2005 г.) вели дека тие бомбардирања кај браната Ипо се случиле во мај 1945 г., па тука поврзуваме кога најверојатно настанала таа фотографија.
Колку за споредба, таа фотографија од Филипините ја вметнавме во еден колаж, заедно со оној издвоен кадар од клипот од „Егејска Македонија“, но и со црно-бела варијанта од него за тоа да ни го олесни споредувањето, па читателите ќе забележат дека тие три слики се идентични.

Интересно е да се спомене и дека во релативна близина на планината Вичо е Костурското Езеро, но при крајот на клипот во позадината гледаме три-четири езера, а сето тоа изгледа чудно и не потсетува на она што таму би требало да го има.
Клипот трае само 5 секунди и делува малку извештачено, што го буди следниов сомнеж. Експанзијата на содржини генерирани со вештачка интелигенција буди сомнеж дека овој клип е генериран врз основа на споменатата историска фотографија, која била колоризирана и претворена во клип. Таквите клипови се куси, затоа што толку им се можностите на генераторите, особено ако се бесплатни и не баш напредни, а клипот може и намерно да е многу кус за потешко да му се забележат мааните и за тој да делува поубедливо.
Прост пример за таков генератор е MemeGen, па и ние го испробавме, но резултатот не излезе толку лош. Со повеќе дотерувања на поставките или со подобра алатка, можеби би успеале дури и да го рекреираме клипот од објавата. Но, сепак, нема да навлегуваме во тоа подлабоко.
Тука имаме многу побитно и почувствително прашање за нашиве балкански простори, а тоа е дали клипот прикажува бомбардирање на Егејска Македонија во Грчката граѓанска војна? Земајќи го предвид сето досега наведено, одговорот на тоа прашање е одречен, па објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар