Со декриминализацијата не се дозволува абортусот во Англија да се врши до денот на породувањето

Фото:http://www.Pexels.com, CC0, via Wikimedia Commons

Не е точно дека со декриминализацијата на абортусот во Англија, се дозволува абортус да се врши до денот на породувањето. Сегашниот закон во Англија и Велс наведува дека абортусот e дозволен до првите 24 недели од бременоста, но и подолго ама само во одредени околности, како на пример ако животот на жената е во опасност. Со декриминализацијата, не се менува ништо во однос на правилата и условите под кои може да се изврши абортусот. Сè уште мора да се почитуваат медицинските и здравствените правила. Единствено што се менува е казнената политика. Имено, жените што ја прекинуваат бременоста надвор од правилата (на своја рака), повеќе нема да се соочат со апсење или затвор, односно нема да одговараат кривично

Не е точно дека со декриминализацијата на абортусот во Англија, се дозволува абортус да се врши до денот на породувањето. Сегашниот закон во Англија и Велс наведува дека абортусот e дозволен до првите 24 недели од бременоста, но и подолго ама само во одредени околности, како на пример ако животот на жената е во опасност. Со декриминализацијата, не се менува ништо во однос на правилата и условите под кои може да се изврши абортусот. Сè уште мора да се почитуваат медицинските и здравствените правила. Единствено што се менува е казнената политика. Имено, жените што ја прекинуваат бременоста надвор од правилата (на своја рака), повеќе нема да се соочат со апсење или затвор, односно нема да одговараат кривично

 

Анализираме објава на Фејсбук која меѓу другото вели:

Англија- АБОРТУСОТ е дозволен (декриминализиран) до денот пред ПОРОДУВАЊЕТО.

– Не станува збор за компликации при бременоста, туку за правото на избор на СТВОРЕЊЕТО кое забременило.

– Абортусот е БИЛИОН долари бизнис. Со касапењето на фетусите и бебињата нивните органи се продаваат на ФармаМафијата која ги користи при изработка на ФАКцини.

Не е точно дека со декриминализацијата на абортусот во Англија, се дозволува абортус да се врши до денот на породувањето, како што тоа сака да го прикаже објавата.

Имено, на 17 јуни 2025 година, британските пратеници гласаа за декриминализација на абортусот, што претставува најголем чекор напред во репродуктивните права во последните речиси 60 години.

Во амандманот на владиниот закон за криминал и полициско работење, парламентот гласаше за промена на кривичните закони што го регулираат абортусот во Англија и Велс, така што жените што ќе извршат абортус надвор од законската рамка (на своја рака) не можат да бидат кривично гонети, односно да завршуваат во затвор.

Амандманот поднесен од пратеничката на Лабуристичката партија, Тоња Антонијаци, ќе спречи жените да бидат уапсени, гонети или затворени за прекинување на сопствената бременост.

Предложената промена на законот ќе ги опфати околностите кога абортусот се случил 24 недели или повеќе од бременоста на жената, како и постапка што се случила без согласност на медицински професионалци.

Сегашниот закон во Англија и Велс наведува дека абортусот е дозволен до првите 24 недели од бременоста, но и подолго ама само во одредени околности, како на пример ако животот на жената е во опасност. Жените, исто така, можат да земаат лекови дома за да ја прекинат бременоста под 10 недели.

Абортусот во Англија (и Велс) е дозволен според Законот за абортус од 1967 година, под следниве услови: до 24 недели бременост, ако двајца лекари сметаат дека продолжување на бременоста би било понеповолно за физичкото или менталното здравје на жената или други деца во семејството. Без временско ограничување (и по 24 недели), ако животот на жената е во опасност, постојат сериозни трајни оштетувања на нејзиното физичко или ментално здравје, плодот има сериозни аномалии. Абортусот мора да се изведе од овластен лекар, во одобрена медицинска установа.

Со декриминализацијата, рамката за пристап до абортус – вклучително и потребата од потписи на двајца лекари и временските ограничувања во кои може да се извршат абортусите – ќе остане иста, а лекарите што дејствуваат надвор од законот сè уште ќе се соочат со закана од гонење.

Но, жените што ја прекинуваат бременоста надвор од правилата (на своја рака), на пример по истекот на рокот (24 недели од бременоста) или со купување апчиња преку интернет, повеќе нема да се соочат со апсење или затвор (прекршокот за предизвикување спонтан абортус сега носи максимална казна доживотен затвор).

Тоа значи дека декриминализацијата не значи целосна „слободна” либерализација на абортусот, а уште помалку дека абортус ќе може да се прави до денот на породувањето. Сè уште мора да се почитуваат медицинските и здравствените правила. Но, жената повеќе не е криминалец ако одлучи за абортус надвор од дозволените услови, особено во чувствителни или маргинализирани ситуации.

Измените нема да стапат во сила сè додека законот во целост не помине низ Долниот дом и Домот на лордовите и не добие кралска согласност, но со оглед на големината на владиното мнозинство, се очекува да помине без проблеми.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека абортусот е бизнис, односно дека со „касапењето на фетусите и бебињата нивните органи се продаваат на ФармаМафијата која ги користи при изработка на ФАКцини“, и тоа не е точно.

Не е вистина дека се прават човечки жртви и планирани убиства за да се направат вакцини. Иако во објавата не се кажува точно на кои вакцини се мисли, вистината е дека не се прават абортуси да се добијат вакцини.

Од каде настанува забуната, а со тоа и теориите на заговор дека вакцините се прават од абортуси? За да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии.

Феталните клеточни линии се нешто многу поразлично од ткиво од фетус. Тие понекогаш се користат во развојот, потврдувањето или производството на вакцини – вклучувајќи ги и вакцините против ковид-19.
Иако за правење на вакцината се користеле фетални клеточни линии, лабораториски реплицирани за време на процесот на производство, самата вакцина не содржи ткиво од фетус.

Овие фетални клеточни линии не се земени од неодамнешни абортуси, туку потекнуваат од легални доброволни абортуси коишто се случиле пред неколку децении. Тие индивидуални клетки од 1970 -тите и 1980 -тите години се одгледуваат и размножуваат во лабораторија при што во изминатите четири или пет децении се создале многу нови клетки, создавајќи ги феталните клеточни линии коишто се користат сега и коишто немаат никаква врска со оригиналните клетки.

Користењето фетални клетки за тестирање на ефикасноста и безбедноста на лековите е вообичаена практика, бидејќи тие обезбедуваат конзистентен и документиран стандард.

Истите овие клеточни линии се користат и за тестирање и унапредување на неколку рутински лекови, вклучително ацетаминофен, ибупрофен и аспирин, и продолжуваат да се користат за истражување на третман кај болести како што се Алцхајмерова болест и хипертензија. Освен за коронавирусот, овие клеточни линии се користат при развивање на вакцини за сипаници, хепатитис А, рубеола и беснило.

Толку многу луѓе не сфаќаат колку се важни феталните клеточни линии за да развијат лекови и вакцини кои спасуваат животи и на кои се потпираме секој ден. Нивната употреба во развојот на вакцини за ковид-19 не е ништо поинаква или посебна, вели Амеш Адаља, експерт за заразни болести во Центарот за здравствена безбедност при Џон Хопкинс.

Производителите на вакцини можат да ги користат овие клеточни линии при фазите на истражување, развој и производство.

Феталните клеточни линии се користат, бидејќи вирусите имаат тенденција да растат подобро во човечките клетки отколку животинските клетки. Феталните клетки не се делат онолку пати колку другите типови на клетки, така што тие можат да се користат подолго.

Оваа тема може да биде многу чувствителна, особено за верниците кои се противат на абортус и ваквите објави може да ги направат колебливи, односно од верски причини да одбиваат да се вакцинираат односно да го заштитат нивното здравје и здравјето на нивните најблиски. Она што е важно да се запомни е вистинитиот факт дека ниту една од актуелните вакцини не содржи фетални клетки земени од абортуси извршени во последно време.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција