Со говор на Бил Гејтс изваден од контекст погрешно се алудира дека тој заговара ,,панел на смртта”

Фото: Принтскрин видео

Постот манипулира со фрагмент од интервју на Бил Гејтс од јули 2010 година, снимено на Аспен институтот – непрофитна организација во Колорадо. Никаде во видеото Гејтс не зборува дека во иднина ќе се бара панел на смртта, за да се скратат високите медицински трошоци. Иако ова го споменува во своето излагање, сепак тој само објаснува зошто дискусиите за трошоците за крајот на животот се станати табу и ниту еднаш не ја поддржува таа идеја

 

Постот манипулира со фрагмент од интервју на Бил Гејтс од јули 2010 година, снимено на Аспен институтот – непрофитна организација во Колорадо. Никаде во видеото Гејтс не зборува дека во иднина ќе се бара панел на смртта, за да се скратат високите медицински трошоци. Иако ова го споменува во своето излагање, сепак, тој само објаснува зошто дискусиите за трошоците за крајот на животот се станати табу и ниту еднаш не ја поддржува таа идеја

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Има недостаток на добра воља за ПАНЕЛ на смртта… Дали вреди да се потрошат милион долари за животот на тој пациент, дали е подобро на пример тие 10 учители да живеат 3 месеци повеќе, или подобро е да се дискутира на ПАНЕЛОТ за смртта и да се умртват тие пациенти. Оти за да се одржат во живот 3 месеци ќе има високи, многу високи медицински трошоци.

Наспроти овој погрешен превод, во исечокот од видеото споделен во постот, Бил Гејтс вели:

…поради многу високи медицински трошоци и недостигот на волја да се каже: ,,Дали трошење на милион долари на последните 3 месеци на тој пациент, дали не е подобро да не отпуштиме 10 учители?. Но, тоа се вика „панел на смртта“ и не би требало да ја имате таа дискусија”.

Во постот што го рецензираме, говорот на Гејтс е изваден од контекст.  Видеото е од јули 2010 година, снимено на Аспен институтот кој е непрофитна организација во Колорадо. Никаде во видеото Гејтс не зборува дека во иднина ќе се бара панел на смртта, за да се скратат високите медицински трошоци.

Особено, пак, што во излагањето на Бил Гејтс никаде не се вели „дали е подобро на пример тие 10 учители да живеат 3 месеци повеќе, или подобро е да се дискутира на ПАНЕЛОТ за смртта и да се умртват тие пациенти“. Ова претставува комплетно погрешен превод. Нема никакви 10 наставници, кои би требало да живеат 3 месеци подолго и Гејтс не спомнува ништо за било какво нивно „умртвување“ преку „панели на смртта“. Тој едноставно ја поставува дилемата која постои во САД, а која се однесува на високите трошоци за лекување на некои пациенти во последната фаза од животот и вели дека општеството е исправено пред предизвик од типот дали да се потрошат тие пари на тоа скапо лечење или, на пример, тие средства да се потрошат задржување на наставници на работа подолго. Тоа е сѐ. Тој никаде не се изјаснува за било која од овие две варијанти, туку вели дека во САД таквиот разговор не се води заради стигмата со тнр. „панели на смртта“.

Според Асошиејтед Прес, терминот „панел на смртта“ се однесува на начинот на којшто критичарите го нарекуваат актот донесен во времето на Обама, а според кој системот за здравствено осигурување во САД (Medicare) може да им плаќа на докторите за доброволни советодавни сесии кои се однесуваат на прашања за крајот на животот на пациентите.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Асошиејтед Прес, иако Гејтс ги споменува во своето излагање таканаречените панели на смртта, сепак, тој само објаснува зошто дискусиите за трошоците за крајот на животот се станати табу и ниту еднаш не ја поддржува таа идеја.

Во интервјуто за Аспен институтот во Колорадо, водено од страна на директорот на институтот во тоа време Валтер Исаксон, се зборува за образовниот и здравствениот систем. Исаксон го прашува Гејтс дали тој мисли дека пропорцијата на бруто-домашниот производ којашто е наменета за здравство е преголема.

Гејтс објаснува дека САД троши 17 проценти од бруто домашниот производ на здравство и покрај тоа што има полоши здравствени исходи и многу голема нееднаквост отколку во други богати држави.

Тој продолжува и вели дека како што растат медицинските трошоци, и сојузните држави и во федералната програма за здравествено осигурување на сениорите (Medicaid), тоа е стрес за другите сектори. Го дава примерот со образованието, велејќи дека високите трошоци за крајот на животот коишто се финансираат од државата и од федералните програми, влијаат да се скратат фондовите за други сектори, како на пример платите на наставниците.

Потоа тој вели дека јавната дискусија за трошоците на крајот на животот се табу тема и се нарекуваат ,,панел на смртта од некои лица”, пишуваат проверувачите на факти на Асошиејтед Прес.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција