Со измамничка кампања се собираат донации за „болно дете“
Македонскиот портал за собирање средства ECrowd.mk предупредува дека кампањата за Даниел е измама што е проширена во неколку земји. Слично предупредување има и во Литванија
Македонскиот портал за собирање средства ECrowd.mk предупредува дека кампањата за Даниел е измама што е проширена во неколку земји. Слично предупредување има и во Литванија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Не можам повеќе да издржам. Мојот син има само 7 години, порано трчаше низ куќата, смеејќи се.
Сега едвај може да ги движи нозете. Јас се викам Дејвид. Сопругата Марија и јас имаме три деца – Алекс, Лаура и нашиот најмлад, Даниел. Даниел е сè за нас. Тој е нашето сонце. Тој е забавен, нежен и полн со живот. Сака да црта диносауруси и да ја засмејува сестра си правејќи смешни гримаси. Тој сè уште ме вика „тато“ со тој тивок мал глас што сега ме крши. Пред неколку месеци, работите почнаа да се одвиваат лошо. Даниел паѓаше повеќе од вообичаено, неговите зборови не звучеа како што треба. Потоа еден ден падна од велосипедот и не можеше повторно да стане. Истрчав кон него. Тој ме погледна и рече: „Тато, нозете не ми работат“. Отидовме директно во болница, а потоа сè се случи толку брзо. Ни кажаа дека Даниел има тумор на мозокот. Не било каков тумор. Многу редок и агресивен тумор наречен дифузен глиом на средната линија. Се наоѓа во неговото мозочно стебло. Длабоко внатре. Дифузниот глиом на средната линија, со H3K27-изменет облик, е еден од најагресивните тумори на мозокот што се наоѓаат кај децата. Се формира во структурите на средната линија на мозокот, често во мозочното стебло, кои ги контролираат виталните функции како движење, рамнотежа, говор, голтање, па дури и дишење. Затоа Даниел едвај може да ги движи нозете.
Туморот ги притиска нервите што го поврзуваат мозокот со телото. Не може да се оперира. Се наоѓа на место што не можат да го достигнат. И никогаш нема да го заборавам лицето на докторот кога рече дека не можеме многу да направиме. Но, како да го погледнете вашето дете и да му кажете дека ви е жал, нема ништо што можеме да се направи? Не можев! Па не застанавме. Баравме. Прашувавме. Молевме. И конечно најдовме нешто. Приватна клиника во Сан Диего, Калифорнија, која нуди нов и напреден третман. Тие видоа резултати. Им даваат надеж на семејства како нашето.
Ова е нашата единствена шанса да се бориме за Даниел. Оваа клиника е едно од ретките места во светот што нуди експериментална комбинација од целна терапија и имунотерапија дизајнирана специјално за тумори со мутација H3K27. Иако сè уште се во фаза на испитување, некои деца реагираа подобро од очекуваното, со мал, но реален број што преживеаа повеќе од две години, а неколку дури и подолго. Не е загарантиран лек, но нуди нешто што семејства како нашите обично го немаат: надеж.
Но, цената е поголема отколку што можеме да поднесеме. Само третманот е стотици илјади. Тоа е пред да помислиме на летови, место за живеење цела година, храна, прегледи и сè друго.
Не сме богати. Ги испразнивме нашите заштеди. Продадовме што можевме. Пријателите и семејството помогнаа. Но, тоа не е доволно. Затоа сум тука и го пишувам ова, не затоа што сакам, туку затоа што морам! Бидејќи сум татко, а моето мало момче ми се лизга низ прсти. Со познатите третмани што моментално се достапни во Европа, главно зрачење и потпорна нега, прогнозата е катастрофална.
Просечното преживување е само од 9 до 12 месеци. Помалку од 10 проценти од децата живеат повеќе од две години. Зрачењето помага да се забават работите, но не ја запира болеста. Сè уште нема лек. Затоа се обидуваме со сè што можеме бидејќи Даниел заслужува повеќе од одбројување. Ако го читате ова и сте родител или дури и само некој што сакал дете, ве молам, Ве молиме помогнете ни! Даниел сè уште се насмевнува кога неговата сестра прави смешни гримаси. Тој сè уште верува дека ќе биде подобро. И ние сакаме да веруваме во тоа. Ве молиме помогнете ни да му ја дадеме таа шанса.
Секоја донација помага. Секое споделување нè зближува. Секој збор на поддршка нè држи напред.
Не сме подготвени да се збогуваме. Едноставно не сме. Помогнете ни да се бориме. Помогнете ни да го одржиме Даниел жив. Понекогаш е доволно само еден човек за да се промени еден живот.
Во склоп на објавата има видеоматеријал од дете како лежи на болничка постела, со инфузија, со женско лице покрај него. Објавата води кон надворешен линк за донации за собирање средства за дете по име Даниел кое се лекува од редок рак, но таа е дел од шема за онлајн измама. Кампањата не обезбедува медицински документи и не користи официјална банкарска сметка. Објавите се спонзорирани, со цел да се предизвика сочувство и да се соберат повеќе средства. Парите се насочени кон место со нејасно потекло, а кампањата освен во Северна Македонија е актуелна и во Бугарија и во неколку други европски земји.
Изминатите два месецa на Фејсбук се појавија низа објави во кои се раскажува тажната приказна за дете по име Даниел кое страда од редок вид тумор. Десетици спонзорирани објави на Фејсбук периодично споделуваат обемни информации за моменталната состојба на детето. Целта е да се соберат пари за неговото скапо лекување во САД. Апелот е јасен – „животот на Даниел е важен“, а локацијата каде е снимено видеото е болничката соба на детето.
Промовираните објави со апели за помош предизвикаа бран сочувство и подготвеност за донирање. Сепак, кон средината на август, кампањата за собирање средства беше ненадејно прекината без никакви информации за состојбата на детето, а Фејсбук страницата беше избришана, пишуваат проверувачите на факти од Бугарија.
Во иницијативата нема медицински мислења, имиња на лекари, адреси на клиники ниту точна сума на чинење на третманот. Во објавата не се наведува во која болница во САД ќе се изврши третманот ниту колку пари чини. Објавите се напишани во име на таткото на Даниел – Дејвид, кој постојано нагласува дека детето страда и е во болка, дека заслужува шанса за живот преку третманот, што семејството не може да си го обезбеди од финансиски причини.
Овие имиња звучат интернационално и не е јасно од каде точно е детето, ниту во која болница е. Нема најавена сметка за донации на име на Даниел или неговиот старател во македонска или странска банка. Наместо тоа, корисниците се упатуваат кон специјално подготвена целна страница на веб-страницата на Фондацијата „Dawn of Child“. Донациите за Даниел се прават лесно и практично, бидејќи е потребно само да се внесат податоци за дебитна или кредитна картичка. Исто така, постои можност за плаќање преку Paypal. Досега собраниот износ е импресивен и продолжува да расте. Информациите за најновите донации постојано се ажурираат.
Проверката на Factcheck.bg покажа дека веб-страницата на кампањата е креирана само пред неколку месеци – во март 2025 година, а Фејсбук страницата – на 1 јули оваа година. Веб-страницата ја претставува само причината за собирањето средства на Даниел, но не се дадени докази дека постои дете со слично онколошко заболување. Домејнот е регистриран на име на невладина организација во Флорида, но проверката со Google Earth откри дека на наведената адреса има обична куќа. Организацијата нема објавени извештаи, ниту транспарентност за собраните средства до денес. На оваа адреса се регистрирани уште 35 компании.
Идентични верзии од кампањата за Даниел какви што има во Северна Македонија, може да се најдат на социјалните медиуми во Бугарија, Литванија и Германија. Во сите нив, текстовите и фотографиите се слични, а донациите повторно се собираат преку идентична веб-страница.
Македонскиот портал за собирање средства ECrowd.mk предупредува дека кампањата за Даниел е измама што е проширена во неколку земји. Слично предупредување има и во Литванија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар