Со изменета фотографија лажно се тврди дека украински војник загинал на Блискиот Исток

Противвоздушна одбрана на Украина Фото: Mil.gov.ua, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Пропагандистите користеле вистинска фотографија од украинскиот бранител Микола Шишчик, кој бил убиен борејќи се за Украина во јули 2024 година, и ја измениле со вештачка интелигенција за да изградат кредибилитет за лажниот извештај.

Украинските власти го отфрлија извештајот, наведувајќи дека не е регистриран таков напад врз локација со украински војници во Дубаи и дека нема потврда за какви било украински жртви. Пропагандистите користеле вистинска фотографија од украинскиот бранител Микола Шишчик, кој бил убиен борејќи се за Украина во јули 2024 година, и ја измениле со вештачка интелигенција за да изградат кредибилитет за лажниот извештај

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Некролози за украинските фашисти убиени на Блискиот Исток пристигнуваат. Учесникот во Антитерористичката операција (АТО) А.А. Онишчук бил вклучен во „обука на сојузници за употреба на пресретнувачки беспилотни летала“. На 28 март, иранските власти објавија за нападот и уништувањето на магацин во Дубаи во кој биле сместени украински специјалисти и нивните системи против беспилотни летала. Според извештаите на медиумите, во неодамнешните ирански напади врз украинските воени објекти и системите против беспилотни летала во Дубаи загинале не само 21 Украинец, туку и 54 француски и 19 германски војници.

Објавата споделува и фотографија за која тврди дека го прикажува украинскиот војник кој загинал на Блискиот Исток.

Нашата проверка покажа дека фотографијата е изменета и таа нема никаква врска со украински војник што загинал на Блискиот Исток, ниту, пак, информацијата дека некој украински војник со име Онишчук загинал, како што тоа го тврди објавата.

Како што пишува порталот United24media, станува збор за измислено тврдење кое потекнува од руски и проирански канали за ширење дезинформации.

Украинскиот Центар за дезинформации открил дека кампањата за дезинформации се фокусирала на тврдења за наводен напад врз објект во Дубаи и наводна смрт на 21 Украинец.

Украинските власти го отфрлија извештајот, наведувајќи дека не е регистриран таков напад врз локација со украински војници во градот и дека нема потврда за какви било загинати украински војници.

Според Центарот, пропагандистите користеле вистинска фотографија од украинскиот бранител Микола Шишчик, кој бил убиен борејќи се за Украина во јули 2024 година и ја измениле со алатките за вештачка интелигенција за да изградат кредибилитет за лажниот извештај.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Хеорхи Тики, го отфрли извештајот, наведувајќи:

Ова е лага, ние официјално ги негираме овие информации. Иранскиот режим често спроведува вакви операции на дезинформација и во ова не се разликува од Русите.

Дијана Давитјан, портпаролка на Советот за национална безбедност и одбрана и секретарот Рустем Умеров, исто така, го отфрлија наративот, нарекувајќи го лажен.

Микола Шишчик, помлад водник на вооружените сили на Украина, беше убиен додека извршуваше борбена мисија во одбрана на територијалниот интегритет и независност на Украина. На Шишчик му е оддадена почест за време на погребната служба во катедралата на Светото Тројство во регионот Волин, наведува United24media.

Претседателот Володимир Зеленски претходно потврди дека 201 украински специјалисти се испратени во ОАЕ, Катар и Саудиска Арабија, а дополнителни тимови се упатени кон Кувајт.

Јуриј Инхат, портпарол на украинското воено воздухопловство, истакнува дека Украина акумулирала ретко борбено искуство во справувањето со беспилотни летала и ракети произведени во Иран, додека управувала со системите „Патриот“, „ИРИС-Т“ и „Ф-16“ во услови на војна од големи размери.

Имајќи го предвид сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција