Со измислен лик и емотивна приказна се промовира онлајн коцкање
Оваа невистинита приказна споделена преку лажен профил на Фејсбук е искористена како скриена рекламна стратегија за промоција на онлајн коцкање.
Користењето лажни приказни на Фејсбук за промоција на онлајн казина претставува сериозен етички и општествен проблем. Ваквите содржини често се маскираат како лични искуства или „успешни приказни“, со цел да се манипулира довербата на корисниците и да се поттикне однесување со висок ризик. Наместо транспарентно рекламирање, се користи дезинформација која ги доведува во заблуда особено младите и ранливите групи, создавајќи лажна слика за лесна заработка и минимален ризик
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Се викам Иван Петров, имам 38 години и живеам во Скопје. Мојот живот се распадна буквално за еден ден. Никогаш не мислев дека можеш толку брзо да останеш без ништо. Живеев нормално. Работев како автомеханичар, имав стан, сопруга Карла и две деца — Даниел и Софи. Не бевме богати, ама ни беше доволно. Собираавме пари за да ја смениме колата, сонувавме еден ден да одиме сите заедно на одмор во Охрид. А потоа дојде кризата… Цените почнаа да растат секоја недела. Храната — двојно поскапа. Сметките — половина плата. Горивото — луксуз. Се држевме некако… сè додека не останав без работа. Сервисот каде што работев осум години затвори. Газдата не можеше да ја плати киријата. Секој ден одев да барам работа, а одговорот беше ист: „Тешко е сега, не вработуваме.“ Правев ситни поправки дома, ама парите не стигнуваа ни за храна. Земавме кредити — за училиште, па за кирија, па нов за да го покриеме стариот. И така, тоневме сè подлабоко… додека не стигна писмо од банката — ни го земаа станот. Жена ми плачеше секоја вечер. Децата веќе не прашуваа зошто не одиме никаде. А јас седев во кујната, во темница, со телефонот во рака, барајќи работа. Ништо. И тогаш налетав на една приказна. Човек раскажуваше како излегол од долгови преку една апликација. Не му верував ни малку. Но по неколку дена се сетив. И веќе немав што да изгубам. Ми останаа 10.000 денари. Ја симнав апликацијата, се регистрирав и почнав да играм. По 5 минути — 80.000 денари. По еден час — 400.000 денари. Следниот ден повторно пробав. Навечер завршив со 3.500.000 денари. Гледав во екранот и мислев дека е грешка. Повлеков пари — стигнаа веднаш. Продолжив. Некогаш добивав, некогаш губев. А две недели подоцна се случи неверојатното: 180.000.000 денари на сметката. Ги повлеков парите. И првпат по години, кога ја видов состојбата во банката, не ми дојде да плачам од страв — туку од среќа.Ги платив сите долгови. Го вратив станот. За првпат по долго време ја однесов фамилијата во ресторан и нарачавме без да гледаме цени. Денес сè уште ја користам апликацијата. Сега можам да ги нахранам децата без да бројам секој денар. И најважно — повеќе не се чувствувам беспомошно. Ако си во иста ситуација како јас — има излез. Линкот е подолу. Пробај. Можеби ќе ти го смени животот.
Во склоп на објавата има фотографија од наводниот Иван, а во склоп на првиот коментар е оставен линк до апликација за онлајн коцкање „Ројал Џокер“. Вистиномер ја пребара фотографијата на пребарувачот Гугл и за неа нема никакви информации. Возилото коешто е претставено на неа, како симбол за „излегувањето на Иван и неговото семејство од финансиска криза“ нема македонски регистарски таблички. Постои можност фотографијата да е креирана со вештачка интелигенција, но таа е нова, не се појавува на други страници.
Самиот профил од кој е споделена фотографијата заедно со емотивната „животна приказна“ не е веродостоен и е штотуку креиран на 16 декември, со фотографии кои најверојатно се злоупотребени. На профилот нема ниедна фотографија од Скопје, туку сите се од странство што е чудно за „семејство кое живее во Скопје“.
Користењето лажни приказни на Фејсбук за промоција на онлајн казина претставува сериозен етички и општествен проблем. Ваквите содржини често се маскираат како лични искуства или „успешни приказни“, со цел да се манипулира довербата на корисниците и да се поттикне однесување со висок ризик. Наместо транспарентно рекламирање, се користи дезинформација која ги доведува во заблуда особено младите и ранливите групи, создавајќи лажна слика за лесна заработка и минимален ризик. Оваа практика не само што ја нарушува довербата туку и ги прекршува основните принципи на одговорно информирање и социјална одговорност.
Оваа невистинита приказна споделена преку лажен профил на Фејсбук е искористена како скриена рекламна стратегија за промоција на онлајн коцкање.
Овие содржини најчесто се претставуваат како автентични сведоштва на „обични корисници“, со што се замаглува границата меѓу информативен и комерцијален медиумски дискурс. Преку емотивен наратив и селективно прикажување на „успех“, се создава конструкција што го нормализира коцкањето и го минимизира ризикот, при што се игнорираат можните негативни последици. Праксата придонесува за ширење дезинформации и манипулација со јавното мислење.
Странските медиуми веќе ја имаат забележано праксата на креирање лажни приказни и „сведоштва“ кои се измислени, преку крадење и злоупотреба на фотографии од корисници на социјалните мрежи, за да се промовира онлајн коцкање.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар