Со лажна наградна игра се злоупотребува името на автомобилскиот бренд „Ауди“

Фото: Принтскрин ФБ пост

Станува збор за лажна Фејсбук страница, во која е злоупотребено името на „Ауди“ со цел да се генерира голем сообраќај и популарност на споменатата ФБ страница. Компанијата „Порше Македонија“, која го застапува автомобилскиот бренд „Ауди“, на својата Фејсбук страница која брои 104.062 следбеници, алармираше  дека се работи за лажна наградна игра

Станува збор за лажна Фејсбук страница, во која е злоупотребено името на „Ауди“ со цел да се генерира голем сообраќај и популарност на споменатата ФБ страница. Компанијата „Порше Македонија“, која го застапува автомобилскиот бренд „Ауди“, на својата Фејсбук страница која брои 104.062 следбеници, алармираше  дека се работи за лажна наградна игра

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во група којашто е креирана со злоупотреба на името на брендот „Ауди“. Името на групата е АУДИ Фанс, а постовите кои се споделуваат во неа се на македонски јазик и имаат за цел да таргетираат корисници на социјалната мрежа Фејсбук од македонското говорно подрачје, со оглед на тоа што објавите се на македонски јазик. Во постот се вели дека за да ја прослави 31 годишнината на „Ауди“, компанијата решила да го донира новиот Ауди Спорт 2022 на дваесет среќни семејства кои ќе го споделат постот, ќе коментираат „готово“, како и да кликнат на линк каде од нив се бара да остават лични податоци. Во постот уште се вели дека името на официјалниот добитник ќе биде регистрирано на посочениот линк, а дека доставата ќе биде извршена во понеделник пред 18 часот!.

Над 1.200 лица ја лајкнале оваа ФБ страница, која не е официјална страница на „Ауди“, а чија цел е да споделува лажни објави за да генерира сообраќај и да стане што поприсутна и повлијателна на социјалните мрежи. До моментот на пишувањето на оваа рецензија, објавата со лажната наградна игра има повеќе од 1.200 допаѓања, 2.900 коментари и 2.200 споделувања, што говори за нејзината виралност, популарност и за тоа дека успеала да измами голем број на корисници. После оваа објава на страницата се пласирани и други слични повици за наводната луксузна добивка со користење на фотографии од интернет со луксузни возила и панделки, со кои се цели да се креира призор на вистинитост и веродостојност на наградната игра. Под секоја лажна наградна игра, споделен е линк кој им се дава на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук, за да кликнат на него и да се регистрираат, при што од нив се бара да остават лични податоци кои понатаму не е јасно како ќе бидат злоупотребени.

Компанијата „Порше Македонија“, која го застапува автомобилскиот бренд „Ауди“, на својата Фејсбук страница која брои 104.062 следбеници, алармираше  дека станува збор за лажна наградна игра: 

Важно известување!
Почитувани пријатели, на социјалните мрежи повторно се појави лажна наградна игра која не е организирана, ниту на било кој начин поврзана со брендот Ауди или Порше Македонија како официјален импортер.
Ве молиме бидете внимателни со споделувањето на вашите лични податоци и споделувањето на објави чија единствена цел е измама и злоупотреба, наведуваат оттаму во својот пост на Фејсбук, упатен до корисниците.

Оваа официјална ФБ страница на „Порше Македонија“  ги содржи сите елементи за да се заклучи дека е веродостојна и реална, како адресата на производителот, работно време, официјален линк до веб-страницата, мејл и телефонски број за контакт, бројни релевантни и вистинити објави за перформансите на автомобилите и на неа нема неверојатни наградни игри со бомбастични награди.

Креирањето на лажни Фејсбук страници со името на брендови кои се веќе етаблирани и познати во светот на стопанството и економијата, заедно со претерано дарежливи и неверодостојни лажни наградни игри, се покажа како тренд кој функционира на Фејсбук просторот, а чија цел е да се креираат нови посетени лајкувани и популарни Фејсбук страници по пат на измама, како и собирање на лични податоци од страна на корисниците. Пракса е  овие Фејсбук страници подоцна  да се продаваат, да се реименуваат, и преку нив да се врши интернет рекламирање и трговија.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека „Порше Македонија“ односно „Ауди“, за да ја прослави 31 годишнината решила да го донира новиот Ауди Спорт 2022 на 20 среќни семејства кои ќе го споделат постот што го рецензираме. Станува збор за лажна Фејсбук страница, во која е злоупотребено името на „Ауди“ со цел генерирање голем сообраќај и популарност на споменатата ФБ страница, собирање на лични податоци од корисниците на социјалните мрежи по пат на измама, а сето тоа сторено од страна на непознат креатор на страницата кој личните податоци ќе ги користи за само нему познати цели.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција