Со монтирани изјави се шири теорија на заговор за вакцините и четвртата индустриска револуција
Компилираното видео содржи дезинформации и теорија на заговор. Имено, со вакцинацијата не се програмираат луѓето во роботи, во вакцините нема чипови кои може да ги контролираат однадвор преку графен оксид во телото, а изјавите од говорниците, се извадени од контекст и од нив е направена една конспирациска целина.
Компилираното видео содржи дезинформации и теорија на заговор. Имено, со вакцинацијата не се програмираат луѓето во роботи, во вакцините нема чипови кои може да ги контролираат однадвор преку графен оксид во телото, а изјавите од говорниците, се извадени од контекст и од нив е направена една конспирациска целина
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Користити го сопствениот софтвер на умот за да го скршиш туѓото програмирање во робот.
Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал насловен како „Цел на глобалистите и четвртата индустриска револуција – претворање на луѓето во роботи“. Во првиот кадар се појавува Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум. Според преводот, тој вели дека „за четврта индустриска револуција потребно е да споиме биолошки, дигитален и физички идентитет“. Потоа нараторот прашува како е можно да се спојат овие идентитети во еден и дава одговор – „со вакцини“.
Видеото поставува прашања од каде толкав голем интерес да нè вакцинираат, па следи кадар од главниот медицински директор на „Модерна“ Тал Закс, кој во делот од видеото вели „ние го хакираме софтверот на животот“. Потоа се појавува кадар од Лук Монтање кој вели дека „во таканаречените вакцини е инкорпорирана таканаречена супстанца графен оксид“. Нараторот посочува дека графен оксидот е подобен за употреба во нанотехнологијата, па дури и да се спои со невроните во нашите мозоци на таков начин овозможувајќи спој меѓу човек и машина.
На екранот се враќа кадар од Тал Закс од Модерна, кој вели „да ја изменат нашата ДНК, како што вели Модерна“ и реченицата не е довршена од негова страна туку продолжува со друг човек и се лепи во монтажата „ да не програмираат во компјутери“. Во видеото се тврди дека вака може да се доминира со нашата волја, дека машините можат да ги читаат човечките мисли, да вметнуваат мисли и чувства, дека врвот на роботиката не е роботите да бидат како луѓе туку луѓето да се однесуваат како роботи.
Компилираното видео содржи дезинформации и теорија на заговор. Имено, со вакцинацијата не се програмираат луѓето во роботи, во вакцините нема чипови кои може да ги контролираат однадвор преку графен оксид во телото, а извадоците од говорниците, се извадени од контекст и од нив е направена една конспирациска целина.
Клаус Шваб има зборувано за спојување на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Во свој текст објавен на 11 јануари 2016 година, под наслов „Shaping the Fourth Industrial Revolution“ („Обликување на четвртата индустриска револуција“), но и во истоимената книга, тој пишува дека новите технологии ги спојуваат физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет на начин што суштински ќе го трансформира човештвото.
Што значи тоа? Станува збор за технолошко поврзување на различни области – роботи, паметни уреди, автоматизирани системи, интернет, вештачка интелигенција, дигитални податоци и идентитети, генетика, биотехнологија, медицински истражувања и невронаука. На пример, здравствените податоци може да се чуваат дигитално, медицинските уреди да следат одредени телесни функции, а вештачката интелигенција да помага во медицинската дијагностика. Шваб зборува за технолошко поврзување на овие области. Во изјавата нема тврдење дека луѓето треба да бидат вакцинирани за да им се спојат овие идентитети.
Фактот дека се развиваат технологии за поврзување на човечкото тело со дигитални системи не значи дека вакцините се средство за таква интеграција. Вакцините против ковид 19, вклучувајќи ги мРНК вакцините на Фајзер и Модерна, имаат конкретен биолошки механизам на дејствување. Тие доставуваат генетска инструкција во форма на информациска РНК (мРНК), врз основа на која клетките привремено создаваат дел од вирусниот протеин. Имунолошкиот систем го препознава протеинот и развива имунолошки одговор. Тоа не е поврзување на човекот со компјутер, ниту поставување дигитален идентитет во човечкото тело.
Изјавата на Тал Закс „Ние го хакираме софтверот на животот“ навистина постои и Тал Закс ја изговорил во својот говор на ТЕД во 2017 година, во кој зборува за потенцијалот на мРНК технологијата во превенцијата и лекувањето на болести. Тој ја споредува биологијата со компјутерски оперативен систем и објаснува дека преку внесување инструкции во форма на мРНК може да се влијае врз производството на одредени протеини во клетките. Кога вели „го хакираме софтверот на животот“, користи метафора за нов пристап во биологијата и медицината. Не зборува за хакирање на човечкиот мозок, контрола врз човечката волја или претворање на луѓето во роботи.
Оваа изјава е проверена и од проведувачите на факти на Политифакт кoi утврдија дека таа била погрешно употребена за да се создаде впечаток дека Закс признал оти мРНК вакцините ја менуваат човечката ДНК.
Изјавата на францускиот научник Лук Монтање дека во вакцините е вграден графен оксид е неточна и проверувано од повеќе независни оранизации. Графен оксидот не се користи во производството или формулацијата на вакцините против ковид 19. Во еден документ доставен во истражувачката постапка на Фајзер, графен оксидот бил користен како лабораториска подлога за микроскопско испитување на протеини. Тоа не значи дека бил состојка на вакцината.
Во видеото се монтира почетен дел од реченица на Тал Закс дека „да нѝ ја изменат ДНК“, а продолжението „да нè програмираат во компјутери“ го изговара друго лице. Со ваква монтажа се создава впечаток дека станува збор за една непрекината изјава на ист човек. Но тоа не е така.
Закс во својот ТЕД говор зборува за мРНК технологијата и за нејзиниот потенцијал во лекувањето болести. Изјавата за „хакирање на софтверот на животот“ не е признание дека вакцините ја менуваат човечката ДНК. ДНК се наоѓа во јадрото на клетката. мРНК од вакцината ја извршува својата функција надвор од јадрото. Таа служи како привремена инструкција за создавање протеин. По извршувањето на функцијата, мРНК се разградува.
Европската агенција за лекови (EMA) јасно објаснува дека мРНК од вакцините не влегува во клеточното јадро и не го менува генетскиот код на човекот. Монтирањето на две различни изјави во една реченица е со цел да се изманипулира контекстот.
Исто така, вакцинацијата на никаков начин не вметнува мисли и чувства, ниту пак ги претвораат луѓето во роботи, туку ги штитат од болести.
Поради сите горенавеедени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар