Со монтирано видео се мамат граѓани да купуваат „чудотворен лек“ за слабеење
Во оригиналниот материјал кој потекнува од странска телевизиска станица, воопшто не станува збор за промоција на некаков препарат за слабеење, ниту пак, докторите прикажани на екранот го кажуваат тоа што во македонскиот превод (направен со помош на Гугл транслејт и со многу грешки) го тврдат. Станува збор за сценарио што го чита некој врз видео материјал кој е од сосема друга содржина.
Во оригиналниот материјал кој потекнува од странска телевизиска станица, воопшто не станува збор за промоција на некаков препарат за слабеење, ниту пак, докторите прикажани на екранот го кажуваат тоа што во македонскиот превод (направен со помош на Гугл транслејт и со многу грешки) го тврдат. Станува збор за сценарио што го чита некој врз видео материјал кој е од сосема друга содржина
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која споделува видео во кое невистинито се прикажуваат личностите во истото со цел да се промовира препарат за слабеење.
Променете го вашиот живот за само 7 дена! Откријте ја тајната за слабеење која веќе им помогна на илјадници луѓе, стои во објавата.
Во видеото се промовира препарат за слабеење така што советите од лекарите и нутриционистите за намалувањето на телесната тежина се оценуваат како „глупости“. Со помош на видеомонтажа и вештачка интелигенција, во видеото е додаден превод (титл) на она што го зборуваат лицата прикажани на него. Преводот делува како да е правен со помош на Гугл транслејт, што веднаш отвора сомнеж за неговата веродостојност.
Кога ќе се погледне логото во горниот десен агол од видеото, станува јасно дека се работи за логото на шпанската телевизиска станица „Теле Синко“ (Канал 5 на шпански н.з). Логото може да го погледнете на следниот линк.
Со обратно пребарување на кадри од видеото на Гугл, „Вистиномер“ го пронајде идентитетот на новинарот во воведниот кадар. Се работи за новинарот и презентер на Телесинко, Карлос Франганиљо.
На следниот линк може да се види презентерот чие видео појавување е искористено на почетокот во видеото од објавата што ја анализираме, како одјавува дневник на шпански јазик. Таквиот кадар со помош на монтажа и вештачка интелигенција е злоупотребен во видеото што е предмет на нашата анализа, за да се залепи видеоматеријал од жена којашто во објавата лажно е претставена како „Изабела од Скопје што изгубила 10 килограми за две недели“. На оригиналното видео презентерот Карлос Франгиниљо од „Теле Синко“ воопшто нема соговорничка туку одјавува информативна емисија.
Дека се работи за содржина што е генерирана со помош на вештачка интелигенција доказ е и тоа што гласовите на видеото се додадени оф-тон гласови, односно начинот на кој зборуваат презентерот и неговата „соговорничка“ во видеоматеријалот не кореспондира на македонскиот изговор.
Објавата споделува и линк до посебна веб страница со прозиводот што го нуди за слабеење. Станува збор за Слимфаст, производ кој го нема во Централниот регистар на лекови.
Очигледно е дека објавата има за цел да ги измами следбениците да нарачаат од „чудотворниот лек“ за слабеење и на тој начин да оствари финансиска добивка од оние кои ќе поверуваат во напишаното и ќе бидат доведени во заблуда. Граѓаните мора многу да внимаваат што следат на социјалните мрежи и кому му веруваат, за да не бидат измамени.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар