Со неосновани споредби и без докази се тврди дека ковид вакцините се штетни
Објавата без никакви докази се шират дезинформации за некаква штетност на вакцините против ковид-19, со цел да промовира антиваксерски наративи. Факт е дека вакцините се ефикасни и спасуваат животи. Сето спротивно изнесено, уште и без докази, не може да биде релевантно
Објавата без никакви докази се шират дезинформации за некаква штетност на вакцините против ковид-19, со цел да промовира антиваксерски наративи. Факт е дека вакцините се ефикасни и спасуваат животи. Сето спротивно изнесено, уште и без докази, не може да биде релевантно
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Од Словачка доаѓа веста дека Петер Колар, кој е медицинско лице и пратеник, тврди дека имунизацијата против К-19 била експериментална генетска терапија што ја менува човечката ДНК и го зголемува ризикот од рак.
Сликовито изјавува: „Ве претворија во пченка!“
Се разбира, другите негови колеги пратеници, го оспоруваат неговиот кредибилитет, но не и заклучоците! Тие се сепак научно проверени и издржани. Заради значењето на добиените информации, поради „безбедносни причини“ Колар ќе му ги открие деталите за анализата на в-кцините само на главниот обвинител Марош Жилинка….
Не е точно тврдењето во објавата дека заклучоците до кои дошол пратеникот од Словачка Петер Котлар во врска со ковид вакцините, се научно проверени и издржани.
Ако сакате да дознаете колку далеку словачката влада на Роберт Фицо западнала во зајачката дупка на дезинформациите и теориите на заговор, не барајте подалеку од Питер Котлар, пишува Балканинсајт (БИРН) од Словачка во својата анализа на тврдењата на Колар објавена на 14 април 2025.
Според анализата на БИРН, Котлар на своите прес-конференции на кои ги изнесува „научните докази“ за наводната штетност на ковид-вакцините, презентира само матни слики и ништо повеќе.
На неговата последна прес-конференција на 10 април, како што пишува БИРН, Котлар посочил на матна слика од непознати предмети, наводно направена со микроскоп од примерок од вакцина против ковид-19, и со повишен глас тврдел:
Ова е ѓубрето што им е инјектирано на нашите деца! Кој друг има ваква слика? Кој има поголем доказ? Ова е мојата слика!. Дали знаете што е тоа?, ги прашал тој зачудените новинари, без да објасни што всушност покажува сликата. „Не знаете? Знам! Но, нема да ви кажам. Одете прашајте го СУКЛ“, рече тој, алудирајќи на Словачкиот институт за контрола на лекови, кого го обвинува за одобрување на употребата на спорните вакцини.
Ненаучните, неосновани тврдења на Котлар предизвикаа негодување и гнев кај полибералниот крај на политичкиот спектар, вклучително и кај научниците, но одобрување (или барем задоволство од либералното негодување) кај десницата, пишува БИРН.
Повеќето министри одбиле да коментираат за наодите на Котлар, наведувајќи го фактот дека тој сè уште не им го покажал целиот извештај, иако министерот за образование Томас Дракер од партијата Хлас ги опишал заклучоците на пратеникот како на исто ниво со теориите на заговор за рамна Земја.
Државниот институт за контрола на лекови, или СУКЛ, во соопштение посочи дека „ги смета ставовите на г-дин Котлар за ненаучни, опасни и способни да го загрозат јавното здравје“, додавајќи дека неговите изјави ризикуваат ширење паника во јавноста.
Што се однесува до споредбата во објавата на вакцините со женски фустан и тврдењето дека вакцините се бесплатни, и тие не држат вода.
Нели еден фустан не може да им стои добро на сите жени? Нели не е возможно, според истата логика, еден лек да биде подеднакво добар и ефикасен за сите? Па згора на тоа, уште и бесплатен, во едно време, каде што парите „отклучуваат таму, каде што бургија не буши“.
Многу сомнително.
Не е точно дека вакцините не се еднакво добри за сите. Вакцините содржат или многу ослабена форма на вирусот или бактеријата што ја предизвикува болеста или мали делови од нив. Кога телото ќе ја открие состојката во вакцината, имунолошкиот систем ги создава антителата што се потребни за борба против инфекцијата и елиминирање на вирусот или бактеријата што ја предизвикува болеста. Ако лицето подоцна дојде во контакт со вирусот или бактеријата, имунолошкиот систем ќе ги препознае и ќе го заштити лицето со создавање на потребните антитела пред да се развие болеста.
Што се однесува до мРНК вакцините против ковид-19 тие дејствуваат така што им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошки одговор и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката каде што се наоѓа нашата ДНК.
Значи, вакцините имаат ист ефект врз човечкиот имунолошки систем и тие делуваат превентивно и спречуваат ширење на заразни болести. Да немаа ист ефект, вакцините немаше да спасуваат животи, што е факт. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот.
Само во 2021 година, вакцините против ковид-19 спасија 14.4 милиони животи насекаде во светот. Вакцинацијата исто така ја намалува можноста да се појават нови варијанти, тврдат од Светската здравствена организација.
Вакцините не се бесплатни туку државата плаќа за нив со буџетски, народни пари, што значи дека граѓаните индиректно ги плаќаат преку даноците што ги влеваат во државната каса. На пример, за ковид вакцините, С. Македонија и покрај донациите, за некои количини плаќаше по 10 долари од доза. Да, бесплатни се за граѓаните, но не и за државата.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата без никакви докази сака само да создаде паника во јавноста и да шири дезинформации за некаква штетност на вакцините против ковид, со цел да промовира антиваксерски наративи. Факт е дека вакцините се ефикасни и спасуваат животи. Сето спротивно изнесено, уште и без докази, не може да биде релевантно.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар