Со невистини се напаѓа одлуката на Бил Гејтс да донира за здравството и образованието во Африка

Бил Гејтс за време на Минхенската безбедносна конференција февруари 2017 Фото: Kuhlmann /MSC, CC BY 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Во текстот на „Би би си“ се пренесуваат изјави на Гејтс во кои тој не зборува дека парите ќе ги донира за „чипирање, смртоносни вакцини со нано-чипови, графен оксид, отрови и нано ботови“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме

Во текстот на „Би би си“ се пренесуваат изјави на Гејтс во кои тој не зборува дека парите ќе ги донира за „чипирање, смртоносни вакцини со нано-чипови, графен оксид, отрови и нано ботови“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

100% за здравство, за чипирања и разновидни смртоносни „вакцини“ со нано чипови, графен оксид, разновидни отрови, нано ботови!!!

Во склоп на објавата се споделува наслов на текст од Слободен печат, со фотографија од Бил Гејтс основачот на „Мајкрософт“.

Овој текст, пак, се повикува на напис од „Би би си“.

Во написот се пренесува дека Бил Гејтс изјавил дека најголемиот дел од своето богатство ќе го донира за Африка за подобрување на здравството и образованието на континентот во следните 20 години. Гејтс додал и дека „преку ослободување на човечкиот потенцијал преку здравство и образование, секоја држава во Африка треба да биде на патот кон просперитетот“, а ги охрабрил и младите иноватори во Африка да размислуваат како да создадат вештачка интелигенција за подобрување на здравството. Се додава дека тој ќе го донира своето богатство од фондацијата до 2045 година за кога планира да ги заврши операциите на фондацијата, и тоа дека ќе донира 99 проценти од средствата.

Во текстот на „Би би си“ се пренесуваат изјави на Гејтс во кои тој не зборува дека парите ќе ги донира за „чипирање, смртоносни вакцини со нано-чипови, графен оксид, отрови и нано ботови“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Наспроти тоа се пренесува дека фондацијата „Бил Гејст“ ќе се фокусира на подобрување на примарното здравство во Африка, на грижа за жените во време на бременост, подобрување на храната на бебињата во првите години од животот. Гејтс се осврнал и на вештачката интелигенција и нејзината позитивна примена во здравството. Целта на „Бил Гејтс“ фондацијата е да се стави крај на превентабилните смртни случаи на мајки и бебиња, да се осигура дека идните генерации нема да имаат смртоносни инфективни болести и да се спасат милиони луѓе од сиромаштија.

Претходно Гејтс напиша во блог пост на 8 мај 2025 година дека нема да умре богат.

Луѓето ќе кажат многу работи за мене кога ќе умрам, но решен сум дека „умре богат“ нема да биде една од нив, напиша тој обврзувајќи се да донира 99 проценти од своето богатство.

Во текот на ковид-вакциналната програма, за вакцините кои се користеа против ковид-19, беа споделувани низа дезинформации меѓу кои и тоа дека „содржат чипови“ „дека се смртоносни“, дека содржат „графен оксид“, „разновидни отрови“ и „нано ботови“. Сите тие тврдења се невистинити.

Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип.
Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за Политифакт изјави дека оваа идеја е апсурдна.
И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз, вели доктор Вилбур Чен.

Исто така „Вистиномер“ веќе ги дебанкираше во повеќе наврати невистинитите тврдења дека вакцините против ковид содржеле графен оксид, отрови, нано-ботови.

Состојките во вакцините се добро познати, јавно наведени на самите упатства за користење, изведени се бројни студии во светски рамки од релевантни медицински и регулаторни тела и агенции кои потврдуваат за нивната безбедност и ефикасност.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција