Со погрешна фотографија се дезинформира јавноста за пукотниците кај Мавровка
Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Се работи за две постапки на ОЈО кои се водат за различни лица и се однесуваат за два одделни настана. За лицето што е претставено на фотографиите од постот ОЈО смета дека пукало со огнено оружје
Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Се работи за две постапки на ОЈО кои се водат за различни лица и се однесуваат за два одделни настана. За лицето што е претставено на фотографиите од постот ОЈО смета дека пукало со огнено оружје
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се претставени две фотографии. Постот е исклучително вирален, има 50 споделувања, над 900 реакции и повеќе од 70 коментари. Забуната во јавноста ја предизвикаа и од дел од медиумите, кои што со погрешната фотографија го илустрираа својот напис, притоа допринесувајќи за погрешно информирање на јавноста.
Пиштолот што го видовме сите нормални луѓе. А обвинителството истиот пиштол го гледа вака, пишува во постот.
Станува збор за дезинформација којашто потекнува од погрешно интерпретирање и пренесување на две различни соопштенија кои до јавноста ги испрати Основното jавно oбвинителство (ОЈО), а кои се однесуваат за два одделни настана.
Имено, во едното соопштение од 15 јули 2022 г., Обвинителството информира дека повело постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело предизвикување општа опасност од членот 288 став 1 од Кривичниот Законик. Тоа лице, според соопштението на ОЈО, било дел од група граѓани на плоштадот „Скендербег“ кои влегле во расправија и меѓусебно фрлање со предмети со учесници во протестот. Во тој момент, осомничениот извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух. Со вештачење е утврдено дека станува збор за пиштол во кој внатрешноста на цевката е изведена со препрека која оневозможува истрелување на проектил од огнострелна муниција, па пиштолот не претставува огнено оружје.
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, задолжително повремено јавување кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова. Токму делот во соопштението на ОЈО во кој се вели дека пиштолот не претставува огнено оружје, предизвика бура на реакции и погрешни интерпретации во медиумите и на социјалните мрежи, како што е случај и во постот што е предмет на нашата рецензија.
Имено, погоре цитираното соопштение на ОЈО, не се однесува на лицето кое што е претставено на фотографиите во постот што го рецензираме. За тоа лице, Обвинителството извести во ова соопштение. Станува збор за две различни осомничени лица, а лицето на фотографиите од постот, е осомничено дека пукало со огнено оружје. Оттаму не е вистина изнесеното во постот, дека Обвинителството го смета пиштолот на фотографијата за пиштол на вода (алузија дека не станува збор за огнено оружје). За ова лице во соопштението на ОЈО од 12 јули се вели:
За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух.
Во двата случаја односно од двете соопштенија на Обвинителството, може да се утврди и дека станува збор за две различни марки на пиштоли, едниот е марка Екол Магнум (не се смета за огнено оружје), а другиот Волтер модел Р 99 (се смета за огнено оружје).
За конечно да ги расчисти дилемите, ОЈО на 15 јули излегува со концизно соопштение во кое посочува дека поради интересот на јавноста, решило да појасни дека дента била поведена постапка за едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност поради учество во инцидентите кај плоштадот Скендербег на 6 јули, за што јавноста била известена со тоа соопштение (соопштението од 15 јули).
Истовремено, веќе се води постапка против уште едно лице кое е обвинето дека пукало со огнено оружје при наведениот инцидент. Ова лице се наоѓа во притвор и против него Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение на 12 јули, за што јавноста веднаш беше известена. Двете постапки се однесуваат на различни сторители, објасни ОЈО.
Дополнително и ВМРО ДПМНЕ излезе со соопштение во коешто не препозна дека станува збор за двајца различни осомничени, па и тоа беше пренесено од медиумите.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Се работи за две постапки на ОЈО кои се водат за различни лица. За лицето што е претставено на фотографиите ОЈО смета дека пукало со огнено оружје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар