Со спинови и неосновани обвинувања против лажните вести
Дел од годишното обраќање на Претседателот на Република Македонија беше насочено против „лажните вести“. Дали еуфоричните изјави на д-р Ѓорге Иванов против лажните вести се проверливи? Дали изјавите на претседателот Иванов се засновани на факти или продолжение на неговата препознатлива тактика на спинување, извртување и манипулирање со јавното мнение?
Дел од годишното обраќање на Претседателот на Република Македонија беше насочено против „лажните вести“. Дали еуфоричните изјави на д-р Ѓорге Иванов против лажните вести се проверливи? Дали изјавите на претседателот Иванов се засновани на факти или продолжение на неговата препознатлива тактика на спинување, извртување и манипулирање со јавното мнение?
Пишува: Жарко Трајаноски
КОЈ ВОДИ ВОЈНА СО „ЛАЖНИ ВЕСТИ“?
„Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес. Живееме во време на лажна медиумска реалност. Користејќи лажни вести, во Македонија се води војна на перцепции.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Прво, да видиме дали е проверлива вистинитоста на изјавата „Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес“? Дали ваквата изјава е заснована на некакви емпириски истражувања за „вистината“ во сите периоди и делови од светот или, пак, на лична „перцепција“? Иванов не се повикува на никакви компаративни истражувања за „вистината“ и нејзините непријатели, па оттаму е чудно од каде е извлечен таков цврст заклучок. Следствено, оваа изјава на Иванов не е заснована на истражувања и факти, туку на лични предубедувања кои се непроверливи, а кои се претставуваат како факти.
Дали е проверлива вистинитоста на изјавата „Живееме во време на лажна медиумска реалност“? Дали „реалноста“ може да биде лажна? Врз основа на какви сознанија Иванов сугерира дека сите медиуми денес создаваат „лажна реалност“? Се чини дека и ова општо обвинување на сите медиуми не е засновано на факти, туку на предрасуди кон медиумите.
И третата изјава од овој пасус тешко може да се провери. Кој користи лажни вести? Во реченицата отсуствува субјект, граматички е нејасно на кого се однесува делот „користејќи лажни вести“. Иванов не го објаснува ни значењето на фразата „војна на перцепции“, туку само укажува дека во Македонија се води таква војна, без да прецизира од кога се води таква војна, кои се учесници во војната и за што се води војната.
Накусо, во погоренаведениот пасус тешко можеме да детектираме проверливи содржини, засновани на факти. Преовладуваат предубедувања и перцепции кои реторички се обидуваат да се претстават како факти за „вистината“, „лажната медиумска реалност“ и „војната на перцепции“.
ДАЛИ ИНТЕРНЕТОТ Е СУБВЕРЗИВНА АЛАТКА?
„Интернетот и емитувањето на прилагодени пораки до публиката се новата субверзивна алатка што се користи за обликување на јавното мислење и влијание на изборните резултати.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Несомнено, интернетот, како и секој друг традиционален медиум, се користи како алатка за обликување на јавното мислење. Бездруго, јавното мислење влијае на изборните резултати. Емитувањето на „прилагодени пораки“ до публиката е алатка која се користеше и користи и во „традиционалните“ и во новите „електронски“ медиуми. Испраќачот на пораката ја прилагодува својата порака на публиката, независно дали публиката се гледачи на „сапунски серии“, гледачи на ТВ-вести, слушатели на музички радио емисии, или „сурфачи“ на веб-сајтови или на социјални мрежи. Прилагодувањето на пораките кон публиката е видливо и кај „економско-пропагандните пораки“ и кај „политичко-пропагандните пораки“. Но, емитувањето на прилагодени пораки до публиката воопшто не е нова алатка, како што тврди Иванов.
Зошто Иванов зборува за „субверзивна“ алатка, дури и тогаш кога емитуваните прилагодени пораки не се „лажни вести“? Ако има нешто „субверзивно“ во „емитувањето на прилагодени пораки до публиката“ на традиционалните и електронските медиуми, тогаш целокупната медиумска политичка кампања треба да се опише како „субверзивна“ дејност.
КОИ СЕ ГЕНЕРАТОРИТЕ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ?
„Главни актери во оваа војна се генераторите на лажни вести и гласини, кои имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други. Видовме одредени институции и одговорни лица кои монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Отидоа до таму, што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба. Наместо, да ја прочитаат глава 7 од Уставот каде се пропишани условите за воена и вонредна состојба, тие се обидуваат да наметнат лажна претстава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама. За жал, некои новинари и корисници на социјални мрежи преку интернет платформи станаа инструменти за пренос на нивните лаги.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
За да можеме да ја провериме првата изјава од овој пасус, треба да знаеме кои се главните актери во „војната“, односно, кои се „генераторите на лажни вести и гласини“. Само ако знаеме кои се, можеме да утврдиме дали тие актери навистина „имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други“. Но, Иванов не кажува кои се тие актери, па затоа неговите изјави не можат да се проверат. Иванов не кажува кои „одредени институции и одговорни лица“ „монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации“. И оваа изјава е генерализирана, непрецизна и непроверлива. Иванов не кажува кои се тие кои се обиделе да го обвинат дека планирал да прогласи воена состојба и кои се обиделе да „наметнат лажна претстава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама“. Оттаму, тешко може да се провери дали неговите обвинувачки изјави се засновани на факти. Иванов не посочува ни кои новинари и корисници на социјални мрежи станале инструменти за пренос на „лаги“. Во принцип, ваквите општи обвинувања, за кои тешко може да се утврди дали се засновани на факти, не поттикнуваат аргументирана дебата, туку поттикнуваат на шпекулации.
ДАЛИ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ВРШАТ ЕРОЗИЈА НА ИНСТИТУЦИИТЕ?
„Лажните вести, гласините и планираниот истек на податоци вршат ерозија на институциите.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Државните институции имаат механизми на транспарентност и отчетност, како и други законски механизми со кои можат да превенираат лажни вести и шпекулации и да се борат против нив. Оттаму, лажните вести и гласините можат да вршат „ерозија на институциите“ само кога институциите не се транспарентни, отчетни и кога не се борат успешно против лажните вести и гласини. Иванов не укажува за каков „планиран истек на податоци“ станува збор, па непрецизноста на неговиот став поттикнува на хипотетички прашања: Дали и во случај на планиран истек на недоверливи податоци од јавен интерес се врши „ерозија на институциите“?
КОЈ Е ОДГОВОРЕН ЗА ОТКРИВАЊЕТО НА ИДЕНТИТЕТИТЕ НА НАШИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ?
„Во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени. Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Тврдењето на Иванов дека „во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени“ е несомнено ударна вест, која може да се провери само ако го знаеме вкупниот број на наши разузнавачи и бројот на наши разузнавачи чии идентитети се откриени. Ваквите податоци бездруго не би требало да ги знаеме, затоа што би требало да бидат заштитени како државни тајни. Оттаму, се поставуваат прашањата: Зошто Иванов дава сензационалистички изјави кои јавноста не може да ги провери или чија проверка би повлекувала откривање на државни тајни? Притоа, дали веста дека „во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени“ е од јавен интерес и придонесува за државната безбедност и безбедноста на разузнавачите?
Но, дали одговорноста за откривањето на идентитетите на нашите разузнавачи може да се префрли на „лажните вести, гласините и планираниот истек на податоци“? Или, пак, откривањето на идентитетите на нашите разузнавачи е последица на неефикасната заштита на нивните идентитети? Иванов воопшто не зборува зошто потфрлил системот за заштита на идентитетите на нашите разузнавачи. Иванов не објаснува ни како е можно Агенцијата за разузнавање да биде одликувана од него во март 2017, ако повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи биле откриени. Ако во Агенцијата за разузнавање биле предизвикани катастрофални последици како пропаднати операции, загрозување на животи и уништување на агентурна мрежа за собирање на податоци, зошто Иванов ја одликувал агенцијата, наместо да бара одговорност за катастрофалните последици?
ДАЛИ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ТРЕБА ДА СЕ КРИМИНАЛИЗИРААТ?
„Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медимите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Во првата реченица Иванов ја соопштува „вистината“ за „лажните вести“, дека генерирањето и емитувањето на лажните вести „е основа за тензии и конфликт“. Иванов е повторно непрецизен и не објаснува за какви тензии и конфликт ги обвинува „лажните вести“. Притоа, во „вистината“ на Иванов за „лажните вести“ е содржана неоснована претпоставка дека сега не постои мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност за генерирањето и емитувањето на лажните вести во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи. Постои и граѓански мониторинг (како што е „Вистиномер“, на пример), а и институционален мониторинг на лажни вести во медиумите. Постојат и мерки за граѓанска одговорност за навреда и клевета, откако истите беа декриминализирани. Сугестијата на Иванов дека треба да постојат мерки и за кривична одговорност за „лажни вести“ во медиумите е сугестија за повторно криминализирање на клеветата. Изјавата „позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас“ е непрецизна и непроверлива, затоа што не знаеме кои европски примери Иванов ги смета за позитивни.
СПИН-ДОКТОРОТ АПЕЛИРА МЕДИУМИТЕ ДА НЕ ПЛАСИРААТ ЛАЖНИ ВЕСТИ
„Но, законот сам по себе не е доволен. Сите ние кои сме избрани од граѓаните треба да дадеме пример. Време е да се врати јавната пристојност во јавната дебата. Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија ѝ е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести.“ (Годишно обраќање на Ѓорге Иванов, 2017)
Каква врска има јавната пристојност со генерирањето лажни вести? Во изминатата деценија бевме сведоци на бескрупулозни пропагандисти кои лажно се претставуваа како новинари, „пристојно“ ширејќи лажни вести во јавните медиуми корумпирани со владини реклами. Со години бевме сведоци на корумпирани медиуми за кои беше „непристојно“ да организираат јавни дебати помеѓу владините политичари (кои ги корумпираа) и опозицијата (која беше етикетирана заради „непристојните“ барања за медиумски простор за јавна дебата).
Каков личен пример даваше поранешниот новинар Ѓорге Иванов додека во Република Македонија беше систематски газено врз слободата на медиумите и јавната дебата токму од партијата која го донесе на власт? Дали претседателот Ѓорге Иванов јавно ги осудуваше повиците за линч врз новинари или самиот гостуваше кај најпознатите партиски сејачи на омраза кои повикуваа на линч и предизвикуваа омраза и нетрпеливост по разни основи? Дали се повикуваше на меѓународните катастрофални оценки за слободата на медиумите во Македонија или се обидуваше да ги спинува како „перцепција“? Најпосле, дали Ѓорге Иванов како претседател на Република Македонија ги почитуваше принципите на транспарентност и отчетност или, пак, како претседател пласираше спинови, инсинуации и неосновани обвинувања преку медиумите?
За жал, одговорите на овие прашања не одат во прилог на Ѓорге Иванов како позитивен пример за личност која дала особен придонес за медиумските слободи, јавната дебата, транспарентноста и отчетноста во Република Македонија. И тирадата на Иванов против лажните вести во неговото годишно обраќање не дава никаков придонес за медиумските слободи и јавната дебата, туку е обид за префрлање на одговорноста кон апстрактните „лажни вести“, наместо кон оние кои систематски ги генерираат за остварување на своите политички цели. Врвна хипокризија е кога преку спинови се апелира медиумите да не пласираат лажни вести.
Бездруго, на Република Македонија ѝ е потребно слободно, независно и професионално новинарство, ама и претседател кој нема да функционира како генератор на спинови и неосновани обвинувања.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар