Со стара фотографија се дезинформира за поткуп на гласачи пред локалните избори
Фотографијата што се споделува на Фејсбук е бајата, стара најмалку година и половина и е искористена за да се манипулира јавноста
Фотографијата што се споделува на Фејсбук е бајата, стара најмалку година и половина и е искористена за да се манипулира јавноста
Како што наближува датумот за избори, така се зголемуваат манипулациите и дезинформациите што се случуваат на социјални мрежи со цел да се придобијат гласачи или да се убедат да не гласаат за одредена партија.
Фотографија на која се гледаат вреќи со компири и пакети со масло за јадење, вирално се шири на социјалните мрежи со објаснување дека станува збор за поткуп на гласачи пред претстојните локални избори кои треба да се случат в недела.
Но, ова е невистина. Фотографијата е стара, не е направена сега и не претставува предизборен поткуп на гласачи.
Партискиот ( Сдсовскиот) хуманизам. Најнискиот Хуманизам е да го плаќаш човечкиот глас со Хуманитарен поткуп. Тоа е правото лице на Северџаните.
Откуп на гласови со партиски месечен список на Малцински и Сиромашни граѓани.
Едноставно кажано ” СРАМ СТЕ “
Иако фотографијата (тука, тука, и тука) се споделува како да е актуелна, таа всушност е бајата, стара најмалку година и половина и е искористена за да се манипулира јавноста односно да се дискредитира една политичка партија.
Оваа фотографија се споделуваше на социјалните мрежи и во април 2020 година, со слични обвинувања, упатени кон политичкиот противник, за предизборен поткуп и непочитување мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Потоа пратеник пратеник во Собранието на РС Македонија ја објави истата фотографија со обвинување дека политичкиот противник ги обезбедил своите членови пред викенд полицискиот час во Куманово.
Фотографијата во април 2020 година беше објавена и од движењето Бојкотирам со обвинување кон власта дека не почитува мерки.
Сега, предизборно, повторно се актуелизира оваа фотографија, иако нема никаква врска со денешницата, а притоа без вистински докази се обвинува дека се врши поткуп, како сериозно обвинување со коешто треба да се занимаваат органите на прогонот, а не судии и обвинители да бидат корисниците на социјални мрежи.
За наводниот поткуп без никаква потврда или докази е обвинета партијата СДСМ, само затоа што во просторијата во која што е направена оваа фотографија е закачен плакат со логото на СДСМ. Но, доколку се погледне фотографијата уште повнимателно, веднаш зад лицата на фотографијата се гледа и плакат на кој го има логото и на ВМРО-ДПМНЕ.
Се разбира дека од огромно значење е концептот на граѓанско новинарство и придобивките кои ги нудат социјалните мрежи во објавување на вести. Но, бидете особено внимателни со информации коишто ќе ги сретнете на социјалните мрежи, а не доаѓаат од легитимен извор на информации. Особено е важно да не споделувате информации кои не се докрај проверени и не се прикажани во соодветен контекст затоа што објавена информација без проверка, која всушност е лажна, предизвикува поголема штета од корист.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредкот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар