Со стара изјава на Путин се шири познатиот наратив на Кремљ дека Украина е нацистичка
Објавата споделува стара изјава на Путин со цел да се шири невистината и пропагандна флоскула, која ја презентираше самиот руски претседател за да ја оправда воената инвазија во Украина која ја почна на 24.февруари 2022 година, сосема неиспровоцирано. Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација
Објавата споделува стара изјава на Путин со цел да се шири невистината и пропагандна флоскула, која ја презентираше самиот руски претседател за да ја оправда воената инвазија во Украина која ја почна на 24.февруари 2022 година, сосема неиспровоцирано. Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Владимир Путин упати порака до украинската војска. “Превземете ја власта во Украина, полесно ќе се разбереме со вас отколку со бандата нацисти и токсикомани кои го држат во заложништво целиот украински народ “.
Објавата пренесува наводна порака на рускиот претседател упатена до украинската војска.
Оваа изјава на Владимир Путин, малку изменета, не е нова, туку е од 25 февруари 2022 година, еден ден откако Русија ја започна воената инвазија врз Украина.
Уште еднаш се обраќам до украинските војници. Не дозволувајте неонацистите и бандеровците да ги користат вашите деца, вашите сопруги и постарите луѓе како жив штит. Преземете ја власта во свои раце. Се чини дека ќе ни биде полесно да се договориме со вас отколку со оваа банда наркомани и неонацисти, рекол Путин, ја пренесува Гардијан неговата изјава на 25.02.2022 г..
Тезата дека Украина ја водат неонацисти, е невистина и пропагандна флоскула која ја презентираше самиот претседател на Русија Владимир Путин, за да ја оправда воената инвазија врз Украина што ја почна на 24 февруари 2022 година, сосема неиспровоцирано. Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација.
Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот кон неслобода Русија, Европа, Америка за Тајм Магазин.
Тој додава дека во тоа време во Западна Германија било посветено внимание на високи нацистички лидери од страна на Американците, и имало напори тие да бидат отстранети од јавниот живот.
Да се користи ова надвор од контекст, така како што тоа го прави Путин, е обид да се трансформира земјата и луѓето за кои тој зборува во нацистичка Германија. Нацист е член на националната социјалистичка партија во Германија во 1930 и 1940-тите, додава тој.
Моменталната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленески е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година.
Она на што се обидува да се потпре Путин е фактот дека таму има крајно десничарски елементи во Украина кои би можеле да се опишат како неонацистички. Но, ова се незначајни елементи, како што покажаа и изборите на претседателот Зеленски, вели Омер Бартов за Тајм Магазин.
Баталјонот Азов како воена единица е основан во мај 2014 година. Како што наведува Ал Џезеира, се работи за екстремна десничарска воена единица, чии членови се ултранационалисти кои се обвинувани за идеологијата блиска на супремација на белата раса. Единицата е создадена како доброволна група предводена од Андрија Билетски, а сочинета е од ултранационалистичката група „Патриоти на Украина“ и неонацистичка група. Како што пишува Ал Џезеира и двете групи имаат неонацистички и ксенофобични идеали и физички напаѓале мигранти, Роми и други луѓе. Како баталјон групата се борела против проруските сепаратисти во Доњецк во источна Украина. Но, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина.
Во извештајот за манипулација со странски информации и закани од мешање отстрана, Европската служба за надворешни работи пишува дека еден од најчесто употребуваните наративи е:„Украина е наци и терористичка држава“, но и дека поддржува такви групи.
Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Интересно е што руските државни медиуми ја опишуваат Украина како „нацистичка“ држава уште од 2014 година, но податоците покажуваат дека бројот на текстови и медиумски објави кои ја поврзуваат Украина со нацизмот, се зголемиле нагло на денот на инвазијата, оцениле од италијанскиот институт ИСПИ90.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар