Со стара приказна од црната хроника, се ловат кликови на интернет страница за комар

Во коментарот кој е наведен како линк до „повеќе информации“, нема повеќе информации. Напротив, линкот води до надворешна страница за онлајн обложување и не нуди информативни содржини.

Во коментарот на објавата кој е наведен како линк до „повеќе информации“, нема повеќе информации. Напротив, линкот води до надворешна страница за онлајн обложување и не нуди информативни содржини

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Трагедија ги потресе сите! Со секира го убил својот татко Михајло бидејќи не му давал пари за ракија – повеќе на линкот во коментар

Во склоп на објавата, во делот каде што се наведени неколку „тагови“, се наведува меѓу другото и Македонија, иако настанот нема никаква врска со Северна Македонија. Во коментарот кој е наведен како линк до „повеќе информации“, нема повеќе информации. Напротив, линкот води до надворешна страница за онлајн обложување и не нуди информативни содржини. Станува збор за кликбејт објава.

Оригиналниот напис од кој се искористени фотографијата и насловот, потекнуваат од октомври 2024 година од Нови Сад, Србија.

Кликбејт објава е манипулативна практика во која се користат сензационални, претерани или намерно нецелосни наслови и објави со цел да се привлече вниманието и да се натераат луѓето да кликнат на линк. Наместо точно и јасно информирање, кликбејтот се потпира на емоции како шок, страв, љубопитност или вознемиреност. Често содржината што следи не го исполнува ветеното во насловот, што доведува до манипулација со публиката како и во објавата што ја рецензираме.

Кликбејтот може да се препознае по употребата на силни зборови како „шокантно“, „брутално“, „нема да верувате“, по недостигот на конкретни информации и по драматични формулации кои кријат клучни факти. Типично е насловот да изгледа многу поважно или пострашно отколку што навистина е содржината. Често се користат и прашални наслови или половични реченици кои намерно ја зголемуваат љубопитноста.

Овој феномен е присутен на многу места: информативни портали, социјални мрежи и најчесто се среќава таму каде што приходот зависи од бројот на кликови, прегледи и споделувања, бидејќи поголемото внимание значи поголема заработка од реклами.

Во конкретниот случај, кликбејтот кој води до страница за комар е форма на манипулативно онлајн рекламирање чија цел е да ги намами корисниците да кликнат на сензационален наслов, а потоа да бидат пренасочени кон платформа за обложување или комар. Ваквите наслови често немаат директна врска со комарот, туку користат шокантни вести, лажни скандали или познати личности за да го привлечат вниманието.

Целта е да се искористи моменталната емоционална реакција и љубопитноста, без корисникот однапред да биде свесен дека станува збор за содржина со обложување и онлајн коцкање.

Овој тип кликбејт е особено проблематичен затоа што создава лажно чувство на сигурност и брза добивка, што може да доведе до финансиски загуби и развој на зависност од комар. Наместо информирање, ваквите објави служат како прикриена реклама, често без јасно обележување.

Затоа, кликбејтот што води до страници за коцкање се смета за неетичка и штетна практика, особено кога е насочен кон млади или ранливи групи. Препознавањето на ваквите објави и критичкиот пристап кон сензационалните наслови се клучни за заштита на корисниците од манипулација и злоупотреба.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција