Со стара снимка на Аналена Бербок од Малезија, се манипулира дека никој не ја дочекал во Кина

Фото: Принтскрин видео

Снимката од „збунетата“ Аналена Бербок која наводно никој не ја пречекал кога слетала на аеродром во Кина е манипулација. Снимката не е од аеродром во Кина, туку од аеродром во Куала Лумпур во Малезија, а датира од 12 јануари годинава. Министерката Аналена Бербок тогаш не била дочекана според протоколот не поради непочитување кон Германија и нејзините функционери, како што се сугерира во објавата, туку како што соопштија германските власти, поради недоразбирање авионот не бил паркиран на предвиденото место

Снимката од „збунетата“ Аналена Бербок која наводно никој не ја пречекал кога слетала на аеродром во Кина е манипулација. Снимката не е од аеродром во Кина, туку од аеродром во Куала Лумпур во Малезија, а датира од 12 јануари годинава. Министерката Аналена Бербок тогаш не била дочекана според протоколот не поради непочитување кон Германија и нејзините функционери, како што се сугерира во објавата, туку, како што соопштија германските власти, поради недоразбирање авионот не бил паркиран на предвиденото место

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал, на кој се гледа како германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок по слетувањето на авионот во кој се наоѓа, се симнува по скалите од авионот, но изгледа зачудено, бидејќи нема никој да ја пречека. Во склоп на објавата пишува:

АнаЛ Лена Бербок без официјален пречек во Пекинг. Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок пристигна во Пекинг, а нејзиниот „славен“ пречек се рашири жестоко на социјалните мрежи. Имено, кога пристигнала во официјална посета на Кина, никој не ја пречекал на аеродромот. Бербок набрзина слезе по скалите, дезориентирано гледајќи наоколу.

Снимката од „збунетата“ Аналена Бербок која наводно никој не ја пречекал кога слетала на аеродром во Кина  е манипулација. Снимката не е од аеродром во Кина, туку од аеродром во Куала Лумпур во Малезија, а датира од 12 јануари годинава. Министерката Аналена Бербок тогаш не е дочекана според протоколот не поради непочитување кон Германија и нејзините функционери, како што се сугерира во објавата што ја рецензираме, туку станува збор за тоа дека поради недоразбирање, авионот не бил паркиран на предвиденото место, соопштија германските власти.

Проверувачите на факти од Истиномер Србија, пишуваат дека на просторот на Балканот, овие тврдења од објавата што ја рецензираме се прошириле со посредство на рускиот медиум РТ Балкан.

Министерката за надворешни работи на Германија, Бербок, на 24 октомври годинава почна официјална посета на Индија, а не на Кина. Снимката во објавата не е од Кина, како што таа дезинформација ја прошири РТ Балкан, а не е ни од Индија, ниту пак, сигнализира на намалување на значењето на Германија и ЕУ од страна на некоја држава.

Порталот Политика во текст од 28 октомври тврди дека снимките потекнуваат од аеродром од Пекинг и дека наводно немало никаков пречек за германската министерка Бербок и дека изостанал за неа и црвениот тепих, инаку вообичаен за пречек на дипломатите од нејзин ранг.

Меѓутоа, снимката во објавата што ја рецензираме не потекнува од Кина. Видеото изворно е снимено пред повеќе од 9 месеци на аеродром во главниот град на Малезија – Куала Лумпур.

На официјалниот канал на социјалната мрежа Икс на Министерството за надворешни работи на Германија на 19 јануари е објавено кратко видео на министерката Бербок во кое се сумира посетата на регионот на Малезија.

Извештајот на Дојче Веле од 16 јануари потврдува дека Бербок на 12 јануари пристигнала на аеродромот во Куала Лумпур. Портпаролот на германското министерство за надворешни работи Себастијан Фишер, истакна дека виралното видео (кое е и во објавата што ја рецензираме), а кое наводно ја прикажува посетата на Бербок на Индија или на Кина – е неточнo.

Фишер дополнително појасни дека освен што видеото е од Малезија, конфузијата настанала поради грешка во паркирањето на авионот.

Видеото не е од Индија. Се наведува и дека е од Кина што, исто така, е неточно. Се работи за слетување на министерката на надворешни работи во Малезија. Поради недоразбирање, авионот не бил паркиран таму каде што е предвидено, рече Фишер на брифинг на германската влада на 28 октомври.

За време на посетата на Бербок на Индија на 25 октомври, германската делегација беше дочекана од индискиот министер Нитјананд Раи на аеродромот во Њу Делхи.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како неточна. Видеото не е од Кина, туку станува збор за стара снимка од Малезија и не е точно дека немало пречек на аеродромот, туку авионот, поради недоразбирање, се паркирал на погрешно место.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција