Со старо видео се шират невистини дека 5Г технологијата предизвикува ковид-19

Фото: pixabay.com

Постот манипулира со старо видео и шири дезинформации за поврзаноста на 5Г мрежата со  коронавирусот. Видеото е од 2018 година и во него  извесна Клер Едвардс зборува исклучиво за штетноста на 5Г технологијата врз здравјето на луѓето и никаде не го спомнува коронавирусот. Впрочем, таа и не можела да го спомне, бидејќи нејзиното обраќање од ова видео е од една година пред да се појави првиот случај на ковид-19

Постот манипулира со старо видео и шири дезинформации за поврзаноста на 5Г мрежата со  коронавирусот. Видеото е од 2018 година и во него  извесна Клер Едвардс зборува исклучиво за штетноста на 5Г технологијата врз здравјето на луѓето и никаде не го спомнува коронавирусот. Впрочем, таа и не можела да го спомне, бидејќи нејзиното обраќање од ова видео е од една година пред да се појави првиот случај на ковид-19

 

 

Пост на Фејсбук шири неосновани тврдења за коронавирусот, поврзувајќи го со 5Г технологијата. Постот што го анализираме тврди дека 5Г е електромагнетна радијација која може да предизвика ковид.

2019,ООН
5Г е електромагнетна радијација ,која може да предизвика Ковид.

237 научници од 41 држава ја предупредиле СЗО за ова, стои во објавата.

Ова не е точно.

Постот споделува видео од извесна Клер Едвардс која му се обраќа на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

 

За што всушност станува збор во видеото и која е Клер Едвардс?

Клер Едвардс работела во ОН до 2017 година, а на 14 мај 2018 година, таа поднела барање до генералниот секретар, Антонио Гутереш во седиштето на ОН во Виена, за електромагнетното зрачење на ви-фи мрежата и репетиторите на мобилни телефони. Во своето обраќање пред ОН таа зборува за „лошите последици кои 5Г технологијата ја има врз здравјето на луѓето“. Значи, станува збор за изјава на поранешна вработена во организацијата која искажува сомнеж за безбедноста на безжичните мрежи.

Како што објавува сервисот за проверка на факти на АФП, Едвардс работела во ООН како уредник и тренер за интеркултурно пишување.

Пребарувањето на официјалната веб-страница на Обединетите нации го најде нејзиното име во признанијата на документ од 2011 година („Клер Едвардс даде уреднички преглед на најновата верзија“ – страница 6), пишува АФП.

Не најдовме официјални профили или страници на Едвардс, туку на движењето Stop 5G Appeal на кое таа се појавува како потписник, додава АФП.

Според движењето Стоп 5Г на Земјата и во вселената, оваа технологија е штетна за живите суштества со зголемување на изложеноста на радиофреквенциите. Тие сметаат дека нивното распоредување:

Претставува експеримент врз човештвото и животната средина што е дефинирано како кривично дело според меѓународното право.

Всушност и кога ќе го прегледате видеото ќе видите дека Едвардс во него зборува исклучиво за штетноста на 5Г технологијата врз здравјето на луѓето и дека никаде не го спомнува коронавирусот. Впрочем, таа и не можела да го спомне, бидејќи нејзиното обраќање од ова видео е од 2018 година, една година пред да се појави првиот случај на ковид-19.

„Вистиномер“ досега во повеќе наврати има пишувано дека ковид-19 никако не е поврзан со 5Г технологијата.

Инаку, прв во светот што ја пласираше погрешната и медицински непоткрепена теза дека 5Г технологијата е поврзана со ширењето на новиот коронавирус, односно со распламтувањето на пандемијата, е лекарот од САД, Томас Коуен. Тој во видео што беше поставено на Јутјуб на 12 март 2020 година, а кое потоа многу бргу почна да се споделува по социјалните мрежи, изнесе низа неточности и бесмислици што не се очекува да се слушнат од медицински лица. Лесно проверливите факти ги негираат неговите тврдења и целосно ја разбиваат неговата теза како неоснована, односно ненаучна. Иако има формално медицинско образование, Коуен сега се занимава главно со „холистичко лекување“ и е заговорник на „штетноста на вакцинирањето“.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот манипулира со старо видео со цел ширење на дезинформации во врска со коронавирусот. Оттука постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција