Со теории на заговор се „докажува“ дека е зголемена смртноста меѓу вакцинираните против ковид-19
Објавата изнесува неколку дезинформации. Не е точно дека вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност, дека содржат наночипови, графен оксид и други хемикалии и отрови. Објавата ги воскреснува и теориите на заговор кои особено се ширеа за време на пандемијата – за кемтрејлс и онаа за 5Г мрежата. Исто така, погрешно заклучува дека вакцинацијата е најголемиот злостор врз човештвото. Фактите говорат дека вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести и спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година
Објавата изнесува неколку дезинформации. Не е точно дека вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност, дека содржат наночипови, графен оксид и други хемикалии и отрови. Објавата ги воскреснува и теориите на заговор кои особено се ширеа за време на пандемијата – за кемтрејлс и онаа за 5Г мрежата. Исто така, погрешно заклучува дека вакцинацијата е најголемиот злостор врз човештвото. Фактите говорат дека вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести и спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
POSLEDNITE ČETIRI GODINI MASOVNO E ZGOLEMEN BROJOT NA LUĐETO KOI ŠTO DOBIVAAT MNOGU TEŠKI BOLESTI I UMIRAAT KAKO POSLEDICA NA “VAKCINIRANJETO” NA LUĐETO (SO NANO ČIPOVI, NANO BOTOVI, GRAFEN OKSID I DRUGI RAZNOVIDNI OTROVI, HEMIKALII I METALI) I ZAPRAŠUVANJE NA NEBOTO SO RAZNOVIDNI OTROVI (OSOBENO SO SARIN, RICIN I GRAFEN OKSID…), HEMIKALII I METALI, KAKO I AKTIVIRANJE NA 5G MREŽATA NA SOODVETNI FREKVENCII ZA TEŠKI RAZBOLUVANJA I UBIVANJE NA LUĐETO… !!! VAKCINACIJA – EDNA OD NAJGOLEMITE GREVOVI I ZLOSTORI VRŠENI NAD ČOVEŠTVOTO… !!!
Објавата изнесува сериозни обвинувања за кои не нуди апсолутно никакви докази. Имено, објавата тврди дека последните четири години е зголемен бројот на луѓето што добиваат многу тешки болести и умираат како последица на вакцинирањето. Имајќи предвид дека вели „последните четири години“, очигледно е дека објавата реферира на вакцините против ковид-19.
Како доказ за тврдењата понудени се теории на заговор и ништо друго. За овие теории на заговор Вистиномер има пишувано многу пати, но и покрај тоа, тие и понатаму се шират на социјалните мрежи.
Прво, не е точно дека вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност.
Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози на вакцини дадени во САД помеѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.
Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:
Од податоците на VAERS, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи.
Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска.
Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.
ЦДЦ уште во октомври 2021.информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:
Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст поголеми од 12 години треба да примат вакцина против ковид-19.
Наспроти тврдењето во постот, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем, кај невакцинираните во однос на вакцинираните.
Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против ковид-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ.
Понатаму, не е точно дека вакцините против ковид-19 содржат наночипови, графен оксид и други хемикалии и отрови, како што тврди објавата. Овие теории на заговор обично се поврзуваат со вакцината на „Фајзер“.
Експерти тврдат дека наводите за нанотехнологија во вакцините против ковид-19 се невистина.
Во нив воопшто нема електронски компоненти. Вакцината на „Фајзер“ е всушност солена вода со честички коишто пловат, а кои се направени од масти познати како липиди, а кои содржат деликатни делови од мРНК што е многу честа молекула во нашите тела, вели доктор Кајли Квин од Универзитетот за здравје и биомедицински науки.
Според доктор Квин, напредни форми на микроскопија се потребни за да се погледне надворешноста на липидните наночестички, а камоли нивните состојки.
Би било предизвик ако не и невозможно директно да се гледаат состојките на честичките формирани од овие липиди под микроскоп. Зашто нивната мала големина ги става во нано опсегот. Тие се околу 60 до 100 пати помали отколку бело крвно зрнце така што може да заличат на мали точки под нормален микроскоп, додава доктор Квин.
Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.
мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.
На владината страница за информации поврзани со вакцините во Австралија, во делот за прашања за митови и факти, за тоа дали вакцините содржат микрочип или каков било вид на технологија за следење, пишува дека такво нешто не постои.
Што се однесува до тврдењето, исто така изнесено во објавата што ја анализираме, дека во вакцините против ковид има графен оксид, и тоа не е точно.
„Вистиномер“ на оваа тема веќе има пишувано.
Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата, е објаснето во напис објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.
„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.
Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.
Објавата ја воскреснува и теоријата на заговор за кемтрејлс – „запрашување од авиони“ со хемикалии. Станува збор за повеќе пати прокламирана теорија на заговор чии приврзаници дезинформираат дека постои тајна организација од влада во сенка, којашто ја прска земјата, односно ја „запрашува“ со отрови, со хемиски супстанци, итн.., со цел да предизвика депопулација. Приврзаниците на оваа теорија на заговор, во текот на ковид пандемијата особено ги ширеа ваквите измислици, кога сугерираа и дека „симптомите на ковид се од запрашувањето, а не од вирусот“.
Објавата, исто така, воскреснува и уште една теорија на заговор која особено се ширеше за време на ковид пандемијата, а е поврзана со 5Г мрежата. Имено, според поддржувачите на оваа теорија, преку активирање на 5Г мрежата, се вклучуваат наночиповите вградени во луѓето со вакцината и на тој начин луѓето се контролираат или убиваат.
Во вакцините не постојат никакви состојки кои под дејство на 5Г мрежата може да предизвикаат смрт, ниту пак, вакцинираните се таргетираат со електромагнетни бранови за да се предизвика смрт меѓу нив. 5Г технологијата и вакцинацијата не се поврзани. Единственото заедничко за нив беше што се случуваа во време на пандемија, кога дел од луѓето се окупирани со ширење на конспирации за дисквалификација на вакциналниот процес.
На крајот, објавата тврди дека вакцинацијата е најголемиот злостор врз човештвото. Ова не е точно и за ова Вистиномер веќе има пишувано. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Од сето погоре, заклучуваме дека објвата што ја анализираме, е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар