Со вакцината против ковид-19 нема да станете половина човек, половина демон!

Објава на Фејсбук шири невистини за вакцините дека вакцината против ковид-19, наводно, преку генетски инженериг ја менува ДНК во организмот на оној којшто ја прима. Со злоупотреба на терминологија од медицинската наука, се прави лажна корелација меѓу вакцинацијата и демоните, се доведува во заблуда населението дека вакцинирањето е, всушност, процес во којшто човекот ќе стане половина демон! Луциферејс (luciferase) е безопасен ензим којшто свети кога ќе оксидира и на ниеден начин не е поврзан со Луцифер

 

 

Постот што го рецензираме демонстрира апсолутно непознавање на медицинската наука, а дополнително помешано со семантичка манипулација, односно злоупотреба на зборот „luciferase“ (истиот збор се доведува во корелација со Луцифер, што е комплетно погрешно и, како што ќе покажеме во продолжение, нема врска со Луцифер). Посто има за цел да ја убеди јавноста во лажно и скандалозно тврдење – дека ако се вакцинирате, ќе станете половина човек, половина демон.

Три вакцини, против пресвета троица

Со првата, започнува процесот на мутација и генетичкиот инжињеринг.

Со втората се изменува самата ДНК на организмот.

Со третата се надградува ДНК со друга демонска спирала Luciferase и човекот станува нефил, пола човек, пола демон, каде што демонот му ја зема власта на човекот врз неговиот организам, т.е. телото. Кој има ум ќе разбере, се наведува во постот.

Според Светската здравствена организација, ДНК вакцина вклучува директно внесување во соодветни ткива на плазма којашто содржи ДНК секвенца, која ги енкодира антигените за кои се бара имун одговор.

Ова значи дека, за разлика од конвенционалните вакцини, кои користат цел патоген или фрагмент, ДНК вакцината вклучува инјектирање на мал дел од генетскиот код на вирусот (ДНК или РНК), за да стимулира имун одговор кај пациентот без никаква инфекција.

Оваа процедура не создава генетски модифицирани организми, како што дезинформира постот што го рецензираме. Генетски модифициран организам претставува организам во кој еден или повеќе гени (исто така, наречени трансгени), се спојуваат со генетски материјал од друг организам со ДНК технологија.

МРНА вакцините функционираат на начин што во телото внесуваат РНК молекула, којашто предизвикува клетките да произведат протеин, којшто наликува на еден од виралните протеини кои го сочинуваат Сарс Ков 2 вирусот. Потоа, клетките го препознаваат виралниот протеин и креираат имун одговор на него, примарно со генерирање на антитела. Модификувањето на ДНК не се случува со овие вакцини.

За сервисот на проверка на факти на Асошиејтед Прес, доктор Дан Кулвер, пулмолог од Клиниката Кливленд, потврдил дека не е возможно мРНА вакцината да ја промени човековата ДНК.

Во постот што е предмет на оваа рецензија, лажно преку илустрација се тврди дека со третата вакцина, наводно, се надградува ДНК со друга демонска спирала Luciferase и човекот станува нефил, пола човек, пола демон, каде што демонот му ја зема власта на човекот врз неговиот организам, т.е. телото.

Но, што е всушност luciferase?

Тоа е безопасен ензим којшто свети кога ќе оксидира. Тој природно се создава во инсектите светулки и предизвикува тие да светат. Но, што бара овој ензим во вакцината за ковид-19? Пост од Медицинскиот центар во Тексас објаснува дека го користеле овој ензим за визуелно да потврдат дека се создаваат антитела против ковид-19. Според нив, ова може да ја забрза дијагностиката за 12 пати споредено со други методи и да помогне да се потврди ефикасноста на вакцината.

Луциферејс (luciferase) се користел и за да се открие исходот на терапиите за канцер. Според изведените студии, овој ензим не предизвикува значајни промени во метаболизмот на клетките. Така што, тој е безопасен и на ниеден начин не е поврзан со Луцифер.

Со злоупотреба на терминологија од медицинската наука, се прави лажна корелација меѓу вакцинацијата и демоните, се доведува во заблуда населението дека вакцинирањето е, всушност, процес во којшто човекот ќе стане половина демон!

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција