Со видео извадено од контекст се манипулира дека пандемијата од Ковид-19 е лажна

Манипулативна објава врз основа на  полувистини, невистини и изјави извадени од контекст, прави обид да создаде лажна перцепција дека пандемијата од Ковид-19 не постои и дека смртноста е резултат на нездравите животни навики на луѓето кои умираат од тоа што пушат, земаат лекови и имаат хронични болести

 

Манипулативна објава врз основа на  полувистини, невистини и изјави извадени од контекст, прави обид да создаде лажна перцепција дека пандемијата од Ковид-19 не постои и дека смртноста е резултат на нездравите животни навики на луѓето кои умираат од тоа што пушат, земаат лекови и имаат хронични болести

 

Исклучително вирален пост, споделен над 330 пати во текот на само 12 часа по неговата објава на Фејсбук, декларира теорија на заговор поврзана со коронавирусот. Во постот, немедицински, ненаучно и неповрзано со содржината на видеото, кое е споделено како поткрепа за тврдењата, се изнесуваат низа невистини и дезинформации.

Прво, тврдењето дека „ковид не е вирус, туку бактерија, која се пушта по потреба за да се одглуми за земените пари од глобалистите и сатанистите“ е невистинито.

Ковид-19 е вирус. Светската здравствена организација (СЗО) ова го посочи уште на дванаесетти јуни годинава, кога ги предупреди граѓаните ширум светот да не се лекуваат со антибиотици, бидејќи тие не делуваат против вируси туку само против бактерии.

Во видеото кое се споделува, Бен Тапер од Небраска, кој се претставува како лекар, тврди дека во текот на една недела во неговата приватна ординација прегледува околу 200 пациенти, доаѓајќи во близок контакт со нив и дека не носи маска. Потоа го поставува прашањето: ,,Зошто тогаш не сум се заразил со оваа таканаречена болест?”. Како одговор на ова прашање, докторот го наведува здравиот живот и животните навики како причина за тоа зошто не се заразил со Ковид-19.

Инаку, брза проверка на интернет покажува дека Бен Тапер не е „доктор специјалист“, односно не е ниту лекар, туку киропрактичар, дисциплина, која се смета за псевдонаука.

Во понатамошниот тек на видеото, тој наведува голем број проблеми кои американската популација ги има со здравјето, благодарение на нездравите навики, исхраната, цигарите, употребата на лекови. Но, тоа што досега тој не се заразил со Ковид-19 не е никаков гарант за лажна епидемија. Напротив, тоа во конкретниот случај е искористено за манипулација. Имено, познато е дека вирусот е непредвидлив.

Меѓутоа, во постот кој го рецензираме невистинито се тврди дека докторот е во секојдневен контакт со пациенти кои се ,,наводно заразени со ковид“:

Еве еден непобитен доказ каде амерички доктор специјалист кажува дека не носи маска а секојдневно е со пациенти кои се наводно заразени од ковид!

Тоа што едно лице не се заразило од заразна болест, иако имало контакт со заразени лица од таквата болест, па дури и екстензивен контакт со повеќе такви лица, не е никаков доказ дека Ковид-19 е некакво „одглумување“. Низ историјата на човештвото имало многу поопасни и позаразни болести и епидемии, при што, исто така, имало голем број луѓе кои не заболеле од нив.

Тоа што Тапер во видеото тврди дека не носи маска и дека американската популација живее нездрав живот, не може да се доведе во корелација со тврдењето дека епидемијата е лажна.

Доколку ова е навистина за здравјето, тогаш наредете здрави животни навики, здрава исхрана, вежбање, забранете ги цигарите, алкохолот и процесираните шеќери, вели докторот.

До денеска во светот има 43 милиони заразени со коронавирусот, а 1.15 милиони смртни случаи.

Светската здравствена организација во дефиницијата за тоа што е смртност од Ковид-19 наведува децидно дека пропратните болести, како на пример, канцер, болест која што во видеото експлицитно се споменува од страна на докторот Тапер, не смее да се атрибуираат како главни во случаите кога пациентот, исто така, имал и коронавирус.

Како смрт поради Ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на Ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со Ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради Ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример канцер и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на Ковид-19, пишува во упатството од СЗО за евидентирање и кодирање на смртноста од Ковид-19.

Така што, ако внимателно се преслуша видео материјалот, ќе се дојде до заклучок дека на основа на полувистини, невистини и изјави извадени од контекст, се прави обид да се создаде лажна перцепција дека пандемијата не постои и дека смртноста е резултат на нездравите животни навики на луѓето кои умираат од тоа што пушат, земаат лекови и имаат хронични болести.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција