Собирањето на ѓубрето во Скопје се покажа како моќно политичко оружје
Собирањето на сметот и фрлањето на Дрисла, на локалните избори 2025 година се покажа дека може да бидат моќно оружје за водење црни кампањи, но не секогаш станува збор за намерна злоупотреба
По 2023 година кога се водеше вистинска војна помеѓу Градот и дел од општинските градоначалници околу собирањето на сметот и фрлањето на Дрисла, на локалните избори 2025 г. се покажа дека овој процес и проблематика може да бидат моќно оружје за водење црни кампањи. Споредбените информации покажуваат дека не секогаш станува збор за намерно манипулирање, туку дека капацитетите на јавното претпријатие за комунална хигиена се изгледа помали од реалните потреби на градот
Пишува:Теофил Блажевски
На почетокот од последните денови на изборната кампања за локалните избори, во Скопје проблемите одново се фокусираат на комуналното и друг тип ѓубре, што укажува дека сметот се користи како политичко оружје за да се соберат поени кај граѓаните и на тој начин да се подобри сопствениот рејтинг на кандидатите за градоначалници, советничките листи, партиите генерално. За ова има и директни обвинувања, но не е лесно да се расчисти дали секогаш проблемот се должи на свесно политичко чинење или нечинење и конкретно чие е тоа, а дали и колку на неспособност во раководењето со јавното претпријатие задолжено за собирање на сметот или пак едноставно некапацитетност на компанијата што влијае на нејзината ефикасност. Сепак едно е сигурно: проблемот со сметот низ Скопје е силно политичко оружје и тоа го покажа не само оваа изборна и предизборна кампања, туку дури и кога нема избори, како што тоа беше случајот и во 2023 година.
Ѓубрето како „црна кампања“
Најнови пример за обвинувања за користење на ѓубрето како политичко оружје е тврдењето на актуелниот градоначалник на Центар и кандидат и за нов мандат од политичката партија СДСМ Горан Герасимовски (од 12.10.2025), дека намерно се фрла кабаст и друг отпад во близина на скопското Кале, кој не е дел од редовниот отпад, но и на веќе исчистени површини, како онаа во Крњево, се со цел да се креира „црна кампања“(види тука и тука).
Ова е врв на црната кампања. Намерно се остава отпадот надвор, покрај празните контејнери, за да се создаде впечаток дека општината не чисти. Но, нашите хигиеничари се на терен, и денес, и во недела, сите изминати четири години за да не дозволиме оваа црна кампања да им пројде, истакнува Герасимовски, објави Скопје1.мк, a веста ја пренесоа и други онлајн медиуми.
Оваа сторија на само 7 дена пред избори не е нешто невообичаено за оваа изборна кампања. Само два дена пред Герасимовски(на 10.10.2025), на „црна кампања“ само во друга форма се пожали и Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Тој не спомена кого директно обвинува, но алузијата на сè уште актуелната градоначалничка Данела Арсовска беше сосема јасна:
Во изминатиот период свесно и намерно се вадат контејнерите од микролокациите со цел да се создаваат диви депонии околу контејнерите. На позициите каде имало по три до четири контејнери, сега е оставен само еден, сметајќи некој дека со тоа ќе ми предизвика штета. Сметам дека таа што го води градот уште десетина дена го потценува сопствениот народ, а скопјани добро знаат кој се грижи за нив и работи за нив, а кој со вакви смешни интриги се служи во изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Дел од кавгата Арсовска-Мицкоски е и за ѓубрето
Уште пред официјалниот почеток на кампањата, на 25 септември медиумските извештаи беа преполни со проблемот со сметот во Скопје. Дел од насловите јасно упатуваат на манипулација со собирањето на сметот поради политички причини, а обвинувањата може да се види дека се движат кон две насоки. Вината се префрла или врз градоначалничката во заминување Данела Арсовска или пак обратно, т.е. нејзината администрација вината ја префрла врз ВМРО-ДПМНЕ и Советот на Град Скопје, зашто Управниот одбор и Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Комунална Хигиена – Скопје се избрани од мнозинството што го контролира Советот.
Таквото пинг-понг играње со префрлање на вината е резултат на подолготрајната политичка војна помеѓу Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кои во еден од последните „дуели“, на 24.09.2025 г. разменија серија извинувања до граѓаните, што некогаш биле политички истомисленици, при што го споменаа и проблемот со сметот. Мицкоски тогаш најави дека кандидатот Орце Ѓорѓиевски ќе го исчистел сметот за 72 часа откако ќе победи или во првите три дена. Нешто што и самиот Ѓорѓиевски го кажа и во неофицијалната предизборна кампања (на 20.09.2025), но го повтори и на стартот од официјална кампања(29.09), а и подоцна.
Ѓубрето како можност за дополнителна активност во кампањата
Во тој период од втората половина на септември може да се прочитаат наслови кои говорат за огромни количества несобрано ѓубре во Центар, во Кисела Вода, во Карпош, итн., а актуелниот градоначалник и сегашен кандидат за нов мандат во Карпош, Стефче Јакимовски (исто како сега и Герасимовски), обвини дека трупањето на сметот е резултат на смислена политичка игра.

Сепак, дел од градоначалниците што се и сега кандидати, таквата состојба ја искористија како дополнителна активност во кампањата, па докажуваа, макар и принудно, дека можат и сами да го собираат сметот, при што најмногу се истакнуваа(т) првите луѓе од Центар и од Аеродром.
Имајќи предвид дека редовното собирање смет е дел од секојдневните обраќања на најголемиот дел од кандидатите за градоначалници, особено во Скопје, како и фактот дека на граѓаните им се нудат од „генералка за 72 часа“, преку предлози за поделба на имотот на ЈП Комунална хигиена, до обновување на идејата за „паметни контејнери“ (идеја уште од 2019 г. на Петре Шилегов), но сега со сензори кои ќе покажувале до каде е полн контејнерот, селекција на отпадот како трајно решавање на проблемот, итн. – две работи се нужни за да се утврди разликувањето помеѓу вистината и дезинформациите за политичка (зло)употреба. Каква е состојбата во Јавното претпријатие Комунална хигиена и кои се реалните проценки на потребите на Скопје.
„Комунална хигиена“ е во загуба, но таа се намалува
Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје (ЈП КХ) што е задолжено за хигиената во Град Скопје и кое е најчесто посочувано како виновник за катастрофалната ситуација, вработува нешто над 1.000 луѓе и има годишен буџет од околу 1,32 милијарди денари или околу 21,5 милиони евра. Главните приходи се од сопствено работење, а споредено со вкупните расходи од 1,43 милијарди денари, ЈП КХ Скопје на крајот од 2024 година било во загуба од околу 101 милиони денари или околу 1.64 милиони евра (пред оданочување). Овие податоци се извадени од Годишната сметка на претпријатието за 2024 година.
Овој кусок од 1,64 милиони евра е сепак помал за речиси милион евра од загубата што ја имала ЈП КХ Скопје за 2023 година и која изнесувала речиси 154 милиони денари или околу 2,5 милиони евра при речиси исти остварени вкупни приходи, но поголеми расходи за околу педесетина милиони денари (нешто под 1,48 милијарди денари). Покрај овие, од другите податоци добиени од независниот ревизорски извештај за 2023 година, објавен во 2024 година може да се види дека иако претпријатието е изложено на повеќе видови ризици, сепак во делот на ликвидноста пишува дека:
Ваквиот ризик Претпријатието го надминува со континуирано обезбедување на потребни парични средства за сервисирање на своите пристигнати обврски. Во текот на 2023 година Претпријатието успева редовно да ги подмири достасаните обврски кон своите доверители и кредитори (стр.23 од ревизорскиот извештај).
Последно достапни финансиски бројки се тромесечен извештај за работењето за периодот јануари – март 2025 г., изготвен од самото претпријатие, во кое бројките покажуваат дека приходите се малку намалени за периодот од трите месеци во 2024 г. (за околу 8 милиони денари), но затоа значително се помали се расходите споредбено, за 68,5 милиони денари или околу 18 отсто. Сепак, во извештајот се предупредува дека долгорочните обврски се намалени, но зголемени се краткорочните обврски, при што се зголемени обврските кон вработените за регреси, потоа кон добавувачите поради ненавремена исплата и тековни обврски за долгорочен кредит од 19,6 милиони денари.
Но грубо земено, вклучувајќи го и заклучокот од независниот ревизор за 2023 година, може да се претпостави дека, иако во Јавното претпријатие има многу проблеми и потешкотии, тоа не стои финансиски лошо до степен да стане неликвидно или да се соочува со проблем на целосно запирање на дејноста без дотации од страна. Да не се заборави, претпријатието собира околу 450 тони комунален отпад дневно или за декември 2024 собрало 13.540 тони отпад при што биле направени над 3.000 камионски тури месечно (види месечен извештај тука).
Ако се погледне и дел од програмата на најсериозниот кандидат за градоначалник на Скопје Орце Ѓоеѓиевски, во делот на собирање и управување со отпад, тој планира да го зголеми капацитетот на ЈП за околу 600 тони дневно собирање (стр.38 од програмата) што се реалните потреби на Скопје, како што се вели во документот.
Од ова може да се заклучи дека дезинформациите и црните кампањи со сметот се водат и поради тоа што капацитетите на ЈП за дневно собирање на отпад се помали од потребите за некаде 150 тони, под претпоставка тие уште да се на нивото од декември 2024 година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар