Собранието во 2022 г. ja разгледа информацијата за Францускиот предлог, но и гласаше за Заклучоци
Пратениците не расправале детално за Преговарачката рамка со ЕУ, туку за Информацијата што содржи таа преговарачка рамка доставена од Владата. Сепак, донеле и Заклучоци со кои ја задолжиле Владата да усвои преговарачка рамка со копенхашки критериуми за зачленување на РСМ во ЕУ
Делумно е непрецизна изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за постапката во парламентот за тоа што се расправало во Собранието околу т.н. Француски предлог. Пратениците не расправале детално за Преговарачката рамка со ЕУ, туку за Информацијата што содржи таа преговарачка рамка доставена од Владата. Сепак, донеле и Заклучоци со кои ја задолжиле Владата да усвои преговарачка рамка со копенхашки критериуми за зачленување на РСМ во ЕУ
Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска-Давкова, во интервју изрече став за транспарентноста и постапката околу прифаќањето на т.н. Француски предлог за преговарачката рамка со ЕУ, кој е недоследен:
Верувајте ми, најголемиот дел од своето време јас го потрошив на објаснување за што всушност сме ние загрижени, бидејќи однадвор не изгледа така. Најчесто ќе чуете – па вие сами го усвоивте ова решение, и Владата и Собранието и претседателот застанаа зад него, тоа стана дел од Преговарачката рамка и од заклучоците, и сега зошто не го извршувате? Не е баш така. Јас сум била, за среќа или несреќа, пратеничка. Ние не гласавме за Преговарачка рамка или за заклучоци. Пред нас дојде само информација за заклучоците. И толку беше. Значи, таа постапка тотално беше нетранспарентна
[Извор: 360 Степени – Интервју Гордана Сиљановска Давкова; Датум – 03.12.2025]
Образложение:
Изјавата на претседателката на РСМ Гордана Сиљановска-Давкова за постапката со која е одлучено С. Македонија да го прифати т.н. Француски предлог е делумна вистина и претставува недоследност. Пратениците ја разгледаа Информацијата за тоа што содржи предлог преговарачката рамка со ЕУ, но и усвоија Заклучоци, по што на државата, сепак, ѝ остана обврската да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во овој документ, со цел и суштински да започнат преговорите за влез во Унијата.
Непрецизноста на Сиљановска-Давкова е во зборовите што разгледувале пратениците на таа 81 седница на Собранието во пратеничкиот состав 2020-2024 година. „Ние не гласавме за Преговарачка рамка или за заклучоци. Пред нас дојде само информација за заклучоците. И толку беше“, вели Сиљановска-Давкова.
Ако се отвори архивата на веб-страницата на Собранието на РСМ, може да се види дека на пленарната седница имало една формална точка:
Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Значи вистина е тоа што го зборува претседателката дека пратениците не гласале за преговарачката рамка, туку само биле запознати со предлогот на таа преговарачка рамка што беше и остана познат во јавноста како „Француски предлог“ и претставен како Информација на Владата до Собранието. Иако во дневниот ред бил доставен и преведен документ за преговарачката рамка, за тој документ не се гласало, туку е со статус разгледана (информација), а се гласало за Заклучоци што на седницата што траела три дена биле предложени од пратеници на СДСМ и на ДУИ. За исходот од седницата известуваа и медиумите:
Од 120 пратеници колку што брои Собранието, на гласањето беа присутни 69, од нив „за“ гласаа 68 пратеници, а немаше ниту еден против и ниту еден воздржан. Со усвоените заклучоци треба да се откочат евроинтеграциите на Северна Македонија. Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, иако присуствуваше на гласањето, не гласаше за усвојувањето на заклучоците. Пратениците од опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата во Собранието ја напуштија собраниската сала и не гласаа за заклучоците, се вели во еден од медиумските извештаи.
Доколку се отворат медиумските архиви може да се види дека седницата започната на 14.07.2022 е во атмосфера на политички тензии, со секојдневни демонстрации пред Собранието на кои граѓаните бараа да не се прифаќаат ултимативни предлози. Суштината на таканаречениот Француски предлог медиумите во јуни мораа сами да го откриваат, бидејќи Владата тврдела дека до нив не е стасан никаков предлог. Како и да е, суштината беше позната еден месец пред собраниската постапка, а за тоа сведочат овие наслови што може да се видат и во архивите на Тајм.мк. Од повеќето може да се издвои ставот на поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, кој еден месец пред тогашната влада формално да го прифати предлогот, изјави дека „Францускиот предлог е дебакл за македонската дипломатија“.
По завршената 81 седница на Собранието на РСМ тогашната влада предводена од Димитар Ковачевски формално го одобри францускиот предлог, по што тогашниот шеф на дипломатијата Бујар Османи замина во Софија за да го потпише вториот протокол помеѓу македонската и бугарската влада, кој до последниот ден на потпишувањето одбиваше да ја обелодени неговата содржина, односно беше нетранспарентен во процесот на разговорите со бугарската страна. Инаку, уште во овој протокол е внесена согласноста на македонската страна да го промени уставот со цел да започнат преговорите со ЕУ.
Поради погоре посочените аргументи изјавата на Сиљановска-Давкова околу постапката за т.н Француски предлог во Собранието е недоследна, зашто претседателката како поранешен пратеник во тоа време би требало попрецизно да ги опише настаните во блиското минато. Пратениците не гласале за преговарачката рамка, информацијата за неа била само разгледана, но гласале за Заклучоци со кои Собранието „ја задолжува Владата на Република Северна Македонија, да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхашките критериуми за членство…“.
Извори:
- (03.11.2025) 360 Степени – Интервју Гордана Сиљановска Давкова – [Проверено на 04.11.2025]
- (14.07.2022) Собрание на РСМ – 81 Седница -(архива) – [Проверено на 04.11.2025]
- (18.06.2022) Тајм.мк – вести поврзани со Францускиот предлог – [Проверено на 04.11.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар