Социјалниот центар за лица со посебни потреби остана неисполнето ветување на Општина Чаир, топката ја фрлаат кај Министерството за социјална политика
Од Општина Чаир се правдаат дека за формирање на овој центар е потребна инвестиција од Министерството за социјална политика, од каде, пак, апелираат општината да биде проактивна на овој план
И покрај ветувањето на градоначалникот на општината, Висар Ганиу, пред последните локални избори, во Чаир сè уште не е отворен социјалниот центар за лица со посебни потреби. Од Општина Чаир се правдаат дека за формирање на овој центар е потребна инвестиција од Министерството за социјална политика, а од Министерството апелираат до општината да биде проактивна на овој план, пишува Порталб.мк.
Ветувањето за социјален центар за лица со посебни потреби остана само зборови на хартија.
Во изборната програма „Верувајте во зеленото 2021-2025“, Висар Ганиу, градоначалникот на Општина Чаир, вети дека освен за поддршка и помош за лицата со посебни потреби, општината ќе се заложи за изградба на социјален центар за поддршка на овие лица.
Во делот за економски развој, поточно на страницаа 42 стои:
„Центар за лица со посебни потреби во овој мандат, и покрај поддршката и помошта за лицата со посебни потреби, Општина Чаир ќе се заложи за изградба на социјален центар за поддршка на овие лица кои се нераскинлив дел од нашето општество“ .
Меѓутоа, и по три години, ова ветување останува неисполнето.
Порталб.мк праша во Општина Чаир зошто ова ветување сè уште не е исполнето, а од таму ни рекоа дека е потребна помош од Министерството за социјална политика, која не ја добиле.
„Социјалниот центар за лица со посебни потреби не може да се отвори без инвестиција од Министерството за социјална политика, потребно е да се отвори и очекуваме Министерството да покаже интерес да го направи тоа. Во минатиот мандат не го направија тоа, од новата влада очекуваме дека ќе може да го направи тоа“, велат од Општина Чаир.
Од Министерството за социјална политика нагласија дека во согласност со законските прописи, министерството најмалку еднаш годишно објавува јавни повици за обезбедување на социјални услуги од општините.
„Министерството ги повикува општините да бидат проактивни со цел да се прошири мрежата на социјални услуги и да се направат достапни за што поголем број на граѓани“, велат од Министерството.
Инаку, лицата со посебни потреби, особено оние со потешкотии во одењето и движењето, се соочуваат со големи предизвици во оваа општина. На 23 септември годинавава. Ертан Шакири и Живко Милевски од здружението „СОС Вита“ во Чаир раскажаа за тешкотиите со кои секојдневно се соочуваат при движењето како лица со посебни потреби.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар