Социјалните мрежи не се само за пропаганда туку и за регрутација на Балканци во руската војска

Илустрација: Вистиномер

Регрутирањето платеници од Балканот преку апликацијата Телеграм не е само приказна за поединци што бараат заработка или авантура во туѓа војна. Оваа појава открива како дигиталните платформи ги уриваат границите меѓу реалната и виртуелната војна, претворајќи го конфликтот во мрежа на интереси каде се мешаат идеологијата, сиромаштијата и пропагандата. За Русија, ваквите канали значат дополнителна сила и можност за негирање одговорност, за регрутите – брза заработка и неизвесна иднина. Но за Балканот, регион со тешко минато и кревка стабилност, ова може да значи повторно отворање на старите рани и извоз на нестабилност

Регрутирањето платеници од Балканот преку апликацијата Телеграм не е само приказна за поединци што бараат заработка или авантура во туѓа војна. Оваа појава открива како дигиталните платформи ги уриваат границите меѓу реалната и виртуелната војна, претворајќи го конфликтот во мрежа на интереси каде се мешаат идеологијата, сиромаштијата и пропагандата. За Русија, ваквите канали значат дополнителна сила и можност за негирање одговорност, за регрутите – брза заработка и неизвесна иднина. Но за Балканот, регион со тешко минато и кревка стабилност, ова може да значи повторно отворање на старите рани и извоз на нестабилност

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Платени лица од Балканот регрутираат доброволци од Србија и од Босна и Херцеговина за да се борат на страната на Русија во војната која се води против Украина. Според најновото истражување на „Детектор“ на Балканската истражувачка мрежа на БиХ, ваквата незаконска регрутација се одвива преку канали на апликацијата „Телеграм“. Во еден од нив се инфилтрирале и новинарите и со месеци следеле како лице коешто има и свој „Јутјуб“ канал, им дава инструкции на регрутите ако бидат прашани да потенцираат дека „во Русија одат туристички“. Но, вистината е дека одат за да станат платени борци за странска држава, со ветувања дека ќе добијат тренинг, руско државјанство, плати од илјадници марки и бенефиции за нивните семејства како бесплатно образование за нивните деца.

Откако на 24 февруари 2022 година Русија ја почна неиспровоцираната воена инвазија врз Украина, таа почна да ги засилува и своите напори да мобилизира војници. Причините за ваквиот потег се големите загуби и слабиот одзив на руската популација кои го принудија претседателот Владимир Путин во јули 2025 година да потпише уредба со која и на странците им се дозволува служба во руската армија и во периодот на регрутацијата и во периодот на воената состојба.

Истражувањето на „Детектор“ пронаоѓа балкански релации во регрутацијата, поточно врски на Балканот коишто користат канали на „Телеграм“, им даваат логистика и практични совети на потенцијалните идни борци, им нудат ветувања за високи парични средства за регрутацијата, а како главен актер во регрутацијата го посочува Дејан Бериќ – кој на српски јазик на „Телеграм“ и „Јутјуб“ известувал за вестите од бојното поле и имал илјадници следбеници. Бериќ ветувал во приватни пораки дека се формира нова единица во која ќе има „многу Срби“ и дека рускиот јазик не е задолжителен.

Игор, добар ден. Овде се оформивме, можете да тргнете. Кога ќе купите билети, јавете се порано дека сте го купиле билетот и дека доаѓате за некој да ве пречека, вели тој во една гласовна порака што ја објави „Детектор“.

Едно од правилата на кои укажува е дека од Русија „нема праќање фотографии, видеа ниту пораки на најблиските“, а во спротивно следи повеќегодишен затвор.

Сè е строго. Обуката не е тешка, ништо сложено. Командирот е Вук, напишал тој.

Според истражувачкиот новинар Џон Лехнер профилот на „доброволецот“ од Балканот кој сака да се приклучи на руските единици е налик на новата генерација, а регрутацијата се одвива преку социјалните мрежи.

Тешко е точно да се каже која е мотивацијата во сите области, но обично се работи за луѓе кои се на некој начин незадоволни од животот што го имаат дома и возбудени се од можноста за приклучување кон нешто поголемо од нив самите, вели тој за „Детектор“.

Законите во Босна и Херцеговина и Србија, исто како и Кривичниот Законик во Северна Македонија, забрануваат војување во странска војска и тоа во сите три држави се смета за кривично дело. Но, тоа не ги спречува ниту оние што регрутираат да ги користат социјалните мрежи и Телеграм каналите за да бараат свои приврзаници на кои ќе им ветуваат бенефиции и да ги испраќаат и логистички да им помагаат да стигнат на бојното поле.

Професорот Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање, за „Вистиномер“ објаснува дека начините на коишто се врши регрутацијата за војната во Украина е двоен – и со посредници од човек на човек, но и преку социјалните мрежи.

Механизмите за регрутација, не само во руската туку и во војски на други држави, се по електронски пат и преку луѓе што регрутираат од човек на човек. Запознаени сме со сведоштва на борци од регионот кои се жалеа дека кога биле во Русија не добивале никаква обука и биле топовско месо, но не може да се верификува дали ваквите видеоматеријали се вистинити или се спин. Сепак, се сеќавам дека пред неколку години во Владата бев повикан на две дискусии кога беше актуелно прашањето со регрутација во ИСИЛ и се зазеде јасен и цврст став дека во Кривичниот Законик ќе се направи измена и тоа ќе стане кривично дело. Особена поддршка за таквата акција добивме од Велика Британија и од САД. Во западните држави доколку некој се бори во ИСИЛ на пример, му се одзема државјанството и му се конфискува имотот, изјави за „Вистиномер“ универзитетскиот професор по безбедност Пивоваров.

На крајот на август годинава Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија потврди дека откриле граѓани на Северна Македонија кои заминале да се борат во странски војни, меѓу кои и војната на Русија против Украина, но и во вооружени конфликти на Блискиот Исток.

Според податоците на АНБ, четворица македонски државјани заминале да војуваат на страната на Русија против Украина. Дополнително, уште четворица лица од Македонија се приклучиле на терористички банди на Блискиот Исток. АНБ посочува дека неколку организации од земјава кои испраќаат хуманитарна помош за регионот, преку своите контакти помогнале во заминувањето на овие луѓе.

На 30 ноември 2024 година Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против македонски државјанин Ј.К. за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација, кој според сознанијата на полицијата заминал во Москва за да ѝ се приклучи на руската војска, но на 11 октомври се вратил во земјата.

Пријавениот, откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со НН машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на Руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 5 октомври 2024 година од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерација, соопшти МВР.

Бројот на учесници од Балканот во странските формации на руската војска не е познат и не се објавува официјално. Медиумските извештаи објавуваат и за загинати, но и за осудени лица во Србија, иако само на условни казни и казни затвор од 6 месеци. Проценките на амбасадата на Украина во Србија од 2018 година се дека над 300 доброволци од Србија се приклучиле на руската војска. Според неофицијални информации, српските државјани во Украина заминуваат и преку навивачки и десничарски групи и организации, пишува Н1.

Регрутирањето платеници од Балканот преку Телеграм не е само приказна за поединци што бараат заработка или авантура во туѓа војна. Оваа појава открива како дигиталните платформи ги уриваат границите меѓу реалната и виртуелната војна, претворајќи го конфликтот во мрежа на интереси каде се мешаат идеологијата, сиромаштијата и пропагандата. За Русија, ваквите канали значат дополнителна сила и можност за негирање одговорност, за регрутите – брза заработка и неизвесна иднина. Но за Балканот, регион со тешко минато и кревка стабилност, ова може да значи повторно отворање на старите рани и извоз на нестабилност.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција