Социјалните мрежи преплавени со дезинформации за пописот

Попишувач. Фото: ДЗС/вебсајт

По две децении во Северна Македонија кончено се изведува пописот на населението и домаќинствата. За жал, оваа статистичка операција доби политичка позадина и на социјалните мрежи има премногу дезинформации и повици за бојкот, како и навреди кон попишувачите

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Пописот започна да се спроведува на 5 септември и според првичните информации од Државниот завод за статистика на терен се спроведува задоволително. Последните податоци оттаму говорат дека досега попишани се над половина милион граѓани.

Но, на социјалните мрежи се заговара нешто друго. За разлика од 2002 година, кога ретко кој имаше социјални мрежи и тие се користеа за забава наместо за терање политика, сега во 2021 година, полемики за пописот се водат на Фејсбук и Твитер, каде се заговара за бојкот, а тие објави се проследени и со манипулации и дезинформации.

Па, така, на социјалните мрежи без релевантни докази се манипулира дека власта спрема фалсификат на пописот. Се заговара и кога попишувачите ќе дојдат никој да нема во домот.

Со навреди, и манипулација на бројките се поткопува процесот кој што се случува и е многу важен за државата. Се шират шпекулативни приказни за наводни неуспешни обиди за попис. Приказни на кои им фалат податоци и докази за да може да се наречат вистинити. Се повикуваат граѓаните да не отворат врата на попишувачите и се шират тврдења дека за тоа не следува казна.

На социјалните мрежи се споделуваат и навреди и притоа се мешаат баби и жаби, односно други политички ситуации се прикажуваат како дел од оваа статистичка операција. Дел од граѓаните се однесуваат вербално агресивно со попишувачите, ги снимаат и ги објавуваат на социјалните мрежи за да покажат дека бојкотот функционира.

Сето ова се прави со цел да ги убедат и мотивираат граѓаните да не им отворат врата на попишувачите, да се бојкотира пописот и тој да биде неуспешен. Нелогични потези за процес кој треба да биде статистички а не политички.

 

Од каде потекнуваат повиците за бојкот?

Повикот „Не отворам врата“, кој се шири на социјалните мрежи за масовно неучество на пописот го започна, партијата Левица. Тие отворено се залагаат за бојкот на пописот, бидејќи, како што тврдат „пописот е криминален и се темели на насилно истуркан Закон кој крши многу од принципите препорачани од ООН и ЕУРОСТАТ“.

Вакви објави на социјалните мрежи шири и политичката партија „Родина Македонија“ од каде велат дека не отвораат врата на „етноцидот, короната и фалсификатот“.

Во февруари и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ собираше потписи против Законот за попис, на крајот на август (25.08.2021) се залагаа за електронски попис, за потоа, еден ден откако започна пописот (06.09.2021), лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, да им порача на граѓаните масовно да излезат на пописот.

Мојата порака е масовно да излезат граѓаните и да се попишат и мојата порака до македонскиот народ е да не ги слушаат и да не потклекнуваат на анационалните и антимакедонските елементи на македонската политичка сцена кои што во овој момент се обидуваат повторно да внесат раздор во македонското ткиво и помеѓу протесните гласови како што тоа го правеа за време на претседателските избори, кога тогаш повикуваа на бојкот на тогашниот опозициски кандидат и практично ја продолжија кариерата на Зоран Заев и СДСМ.

Што е пописот и зошто е тој важен за секоја држава?

Пописот претставува вкупен процес на официјално прибирање, обработка, оценка, анализа и дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава во определен временски интервал (најчесто на десет години).

Пописите на населението обезбедуваат основни податоци врз кои се темели креирањето на политиките и развојните стратегии во различни области – економија, социјална политика, образовна политика, здравство, регионален развој, земјоделство, политички систем и др.

Агрегираните статистички резултати, добиени од податоците собрани од пописот, освен за статистички цели, се користат и за макроекономски планирања, креирање на развојни политики, научни анализи и за други истражувања.

Попишувањето е законска обврска што произлегува од Законот за попис 2021, и секое лице кое е единица на попис, е законски обврзано да го прими попишувачот и да ги даде бараните податоци. Одбивањето да се попишете повлекува покренување на прекршочна постапка и глоба во износи пропишани во Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на РСМ“ бр.19 од 25.01.2021)

Според Законот за Попис, ДЗС има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но директорот на ДЗС, Апостол Симовски вели дека конечни податоци ќе има до крајот на годината.

Веруваме дека ќе успееме да ги завршиме обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да ги објавиме податоците. За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објават само дефинитивни конечни податоци.

Пописот освен потреба е и обврска

Државите членки на ООН се обврзани на спроведување Попис на населението и домувањето во согласност со донесените Меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат.

Пописот е многу важен дел и во патот на државата кон Европската унија. Во извештаите на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, пописот се споменува како важна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана. Поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите со ЕУ.

Европската комисија еден ден по почетокот на пописот ги охрабри сите да учествуваат во процесот на попишување на населението, додавајќи дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, рече дека во Брисел постои задоволство што пописот е во тек во Северна Македонија.

Ова е важна вежба. Точни податоци за бројот и карактеристиките на населението се суштински за спроведување на соодветни социјални, демографски и економски политики за добробитта на сите граѓани, изјави Писонеро.

И премиерот, Зоран Заев, преку Фејсбук упати повик за соработка со попишувачите со цел по 20 години да се добијат потребните податоци кои треба да бидат основа за создавање на политики во иднина.

За оваа операција да биде успешна, покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика и ангажираните инструктори и попишувачи, неопходна е соработката од сите граѓани. Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија, рече Заев.

Пописот дава статистички податоци, кои освен што го покажуваат бројот на населението и неговата структура, се клучни за градење стратегии и политики за успешен и предвидлив развој на државата, даваат прегледност врз која ќе се планираат буџетските средства, како и средствата од ЕУ фондовите.

Затоа пописот е важен, не треба да се политизира и да не се шират манипулации кои ќе ги убедуваат граѓаните да бојкотираат и, конечно, државата после 20 години да излезе од друштвото на земји како Украина, Централна Африканска Република, Конго, Сомалија, Ирак, Пакистан, Авганистан, Узбекистан, кои немаат направено попис повеќе од 10 години.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција