Сомневањата околу поздравот на Атиџе до Ердоган требало да се проверат

 

Во написот на агенцијата „Мета“ се искажува сомневање дали протагонистката во македонскиот документарен филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, во своето интервју за турската агенција „Анадолија“, навистина го поздравила турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. И, ако се погледнат македонската и англиската верзија, такво нешто во видеоклипот од интервјуто нема. Авторот на написот од „Мета“ пред себе имал две јазични верзии, во кои поздравот на Атиџе го нема и ова ги подгреало сомневањата дека тука нешто не е во ред. Дополнителен момент, кој треба да се земе предвид, е и фактот што турската верзија од интервјуто, дента кога е пишуван написот на „Мета“, не била достапна за широката јавност, туку само за потребите на претплатниците на „Анадолија“. И така настанува проблемот.

Линк до оригиналниот напис: Дали турската „Анадолија“ на Атиџе ѝ измисли поздрав и поддршка за Ердоган?

Датум и време на објавување: 30 јануари 2020

Датум на рецензија: 10 февруари 2020

Рецензира: Мирослава Бурнс

Сè се разјаснува со демантот на „Анадолија“, каде што се објаснува дека поздравот навистина се случил и е објавен во верзијата од интервјуто на турски јазик. Оттука, јасно е дека се работи за недоразбирање, но, исто така, јасно е дека станува збор и за грешка од невнимание, која лесно можела да се избегне ако авторот или авторите од „Мета“ се јавеле кај своите колеги и побарале дополнителни информации.

 

„Анадолија“ е турска агенција, самото интервју е на турски јазик и јасно е дека тоа може да има и турска верзија, наменета за тамошниот пазар, која може да биде приспособена и различна од другите јазични верзии наменети за претплатниците и публиките во странство. Не е воопшто чудно или невообичаено едно исто интервју да биде различно обработено за потребите на различни публики. Точно е и дека уредниците на „Анадолија“ можеле во англиската верзија од интервјуто да напомнат дека поздравот кон турскиот лидер е достапен во видеоформат во турската верзија од написот, но тоа не претставува нивна обврска. Она што е најважно овде е фактот што не е извршена проверка преку директна комуникација со „Анадолија“. На тој начин сè ќе било расчистено. Но, тоа не е сторено и затоа дошло до вакво недоразбирање и грешка.

 

Покрај ова, не е јасно и зошто се проблематизира тоа што протагонистката на „Медена земја“ решила да го поздрави претседателот на земјата чија националност ја споделува. Дури и Муратова да има политички став, во тоа нема ништо спорно.
Дополнително, и уште побитно, дали Атиџе навистина упатила поздрав и поддршка за турскиот претседател Ердоган или постои обид тоа да ѝ се „накалеми“ на оваа сиромашна македонска Турчинка? Оти тоа не можеме да го видиме во видеото. Исто така, тешко е веројатно дека Атиџе Муратова би упатила поздрави само до турскиот претседател, туку секако би упатила и поздрави до нејзините сонародници – жители на Турција и нејзини роднини таму.
Во горенаведениот цитат има коментаторски елементи, кои се лично на авторот на текстот. Нереално е да се очекува дека Муратова ќе ги поздрави луѓето за  кои авторот на текстот во „Мета“ намислил дека таа „треба“ да ги поздрави. Не можеме да знаеме кого таа би поздравила или не би поздравила и неумесно е да се шпекулира околу тоа. Понатаму, во делот каде што се наведува дека таа е сиромашна, се добива впечаток како нејзините права да поздравува или, поконкретно, да го поздрави турскиот претседател да зависат од нејзиниот социјален статус. Воопшто не е потребно да се наведува дека таа е сиромашна, бидејќи тоа не е релевантно во оваа ситуација кога станува збор за обичен поздрав.
Доколку жената го направила навистина тоа, би требало верно да се пренесат нејзините зборови во текстот или да го има таквиот поздрав во видеото. Вака, лесно е  да се посомневаме дека против нејзина волја таа е ставена во политички контекст.
Написот, за жал, од мува прави слон, односно од еден афирмативен текст за Северна Македонија, за документарецот двократно номиниран за „Оскар“ и за неговата главна хероина се креира сомнеж за политичка злоупотреба на жена, која очигледно има право да биде политички и верски ориентирана според сопствената совест и волја. Постои суптилна стереотипизација, која се состои во тоа дека ако некој е сиромашен, живее во рурални услови, не е во состојба да поздравува претседатели, да бара изградба на џамија или да споменува политика.
„Now we are 30 Turkish households. We also need a mosque, don’t we? (Сега сме 30 турски домаќинства. Нам исто така ни треба џамија, нели?)“, гласи титлот на кажаното од Муратова на турски јазик. Според тоа што може да се види, Атиџе не бара отворено да се направи џамија, туку тоа го искажува во друг дух, со прашална форма.
Воопшто не е важно дали Муратова бара или не бара џамија. Тоа воопшто не треба да се проблематизира, зашто е дел од нејзините верски слободи. Дали го кажала како прашање, како констатација за тоа дека бројот на турските домаќинства расте или како повик за изградба на џамија, воопшто не е важно.

 

Професионално е што „Мета“ го објавила демантот на агенцијата „Анадолија“ во целост, во истата должина како што бил испратен, со краток одговор, кој не го намалува интензитетот на реакцијата од агенцијата, која се нашла погодена од објавата.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција