Сопругата на Башар Ал-Асад не е православна христијанка

Башар Ал-Асад со сопругата Асма Ал-Асад Фото |Ricardo Stuckert/ABr, CC BY 3.0 BR, via Wikimedia Commons

Со цел да поттикне симпатии кај православните верници за соборениот сириски лидер Ал-Асад и неговата сојузничка Русија, објава на Фејсбук тврди дека неговата сопруга е православна христијанка, но таа е родена во муслиманско (сунитско) семејство и нема доказ дека преминала во православие, што заради строгоста во Исламскиот свет е и онака речиси невозможно

Со цел да поттикне симпатии кај православните верници за соборениот сириски лидер Ал-Асад и неговата сојузничка Русија, објава на Фејсбук тврди дека неговата сопруга е православна христијанка, но таа е родена во муслиманско (сунитско) семејство и нема доказ дека преминала во православие, што заради строгоста во Исламскиот свет е и онака речиси  невозможно

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Жената на сирискиот претседател Башар Асад е православна христијанка. Дамаск падна во рацете на исламистичките терористи и екстремисти. Асад беше заштитник на една од петте најстари православни цркви – Антиохиската Патријаршија во Дамаск. Christopher Purdef, ѓакон на Антиохиската црква Св. Игнат, го моли Бога да им се смилува сега на Асад и неговата жена.

 

Тоа е илустрирано со скриншот од објава на споменатиот ѓакон, кој преку неа го пласирал тоа тврдење дека Асма Ал-Асад, сопругата на доскорешниот сириски претседател Башар Ал-Асад, по вероисповест е православна христијанка. За жал, ние не ја најдовме таа објава во нејзината изворна форма, па не знаеме дали е избришана, не секому достапна или му е лажно припишана на ѓаконот, но, како и да е, таа е неоснована.

Според сите извори кои ги проверивме (тука, тука, тука, тука, тука и тука), Асма Ал-Асад е од муслиманско (сунитско) семејство, а не православно, но таа е доста секуларна, на што влијаело тоа што таа е родена, израсната и образувана во В. Британија, чија државјанка е, покрај тоа што е и сириска. На тоа сигурно влијаеле и прилично секуларните политики на нејзиниот сопруг, со кого таа се омажила во 2000 г., кога тој стапил на власт.

Голем поддржувач на Башар Ал-Асад беше Русија, па проверивме и руски извори (и тоа доста националистички и православно настроени како овие тука и тука), но иако тие имале прилика дури и да разговараат со Асма Ал-Асад, тие не споменуваат дека таа е православна. Како прва дама, таа сигурно комуницирала со православната црква во Сирија, па и со онаа руската, но нема доказ дека таа самата е православна верничка.

Тука се поставува прашањето дали таа можеби подоцна преминала во православие, но за тоа ем нема докази, ем такво нешто во Исламскиот свет е речиси невозможно.

Што е за право, Сирија под Башар Ал-Асад не беше толку строга со оние кои ја напуштиле исламската религија, за разлика, на пример, од Саудиска Арабија, кај што тоа се казнува со смрт, но Сирија не беше ни стопроцентно секуларна, па апостатите се судираа со разни ограничувања.

Согласно чл. 3 од уставот на Сирија, донесен во 2012 г., исламското право (шеријатот) е главен извор за законодавството, а така било и во претходниот устав од 1973 г. И, не е сè во законите, туку има нешто и во обичаите, кои на Блискиот Исток се доста строги, па тешко дека една јавна личност, особено сопруга на претседател, би преминала од ислам во друга религија. Верска конверзија таму се толерира само ако немуслиман стане муслиман.

Инаку, името Асма (кај нас Есма) било присутно во Арапскиот свет и во предисламскиот период, па го носеле жени од различна вероисповест (на пр. поетесата Асма Бинт Марван), но, сепак, тоа сега е најприсутно среде муслиманките, веројатно заради Асма Бинт Абу Бакр, следбеничка на пророкот Мухамед, сестра на неговата сопруга Ајша и ќерка на калифот Абу Бакр. Земајќи го тоа предвид, поголема е веројатноста името Асма да го носи муслиманка, отколку христијанка.

Е сега, дали Асма Ал-Асад можеби станала крипто-христијанка? Ние тоа не го знаеме, затоа што тоа означува тајно практикување на христијанството, а според она што е јавно достапно, ние не гледаме докази дека таа е христијанка. Тогаш, зошто такви дезинформации се пуштаат во јавност?

Таквите објави се пропагандистички и имаат за цел да поттикнат симпатии кај нашите православни верници за Башар Ал-Асад, Русија и нејзината интервенција во Сирија, која дури беше опишувана како борба за православието, што нема врска со реалноста.

Православието не е главна тема во тој конфликт, а тој започнал уште во 1970-тите, заради авторитарното владеење на семејството Асад и неговото привилегирање на малцинската верска заедница на алавитите на штета на сунитското мнозинство.

Тоа создало револт, кого исламистите од движењето Муслиманско братство го искористиле за да ги поттикнат сунитите на востание (1976 – 1982), а тоа било задушено со неселективен масакр. Русија (како дел од СССР) уште тогаш го поддржувала сирискиот режим, но тоа имало врска со социјализмот, а не со православието, кое во СССР било репресирано. Таа траума кај сириските сунити еруптираше во војната во 2010-тите, а овојпат тоа го искористија поголеми екстремисти како Исламската држава.

Во Сирија има и православни христијани, кои, за жал, доста пострадаа од Исламската држава, во споредба со која Башар Ал-Асад е далеку попристојна и потолерантна опција, но да не заборавиме дека тој сепак беше диктатор. Иако тој е помало зло од Исламската држава, тој е сепак злосторник, а објавата го опишува небаре бил ангел или светец (да се изразиме хиперболично).

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција