Сопственикот на „Беса Транс“ не е во Северна Македонија, туку во Бугарија

Оливер Спасовски. Фото: скриншот

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски искажа невистинито тврдење на прес конференција во Владата дека сите лица, вклучувајќи го и сопственикот на „Беса Транс,“ се во земјата и достапни за институциите доколку има потреба

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски искажа невистинито тврдење на прес конференција во Владата дека сите лица, вклучувајќи го и сопственикот на „Беса Транс,“ се во земјата и достапни за институциите доколку има потреба

 

Откако се запали автобус на авто превозникот „Беса Транс“ во Бугарија, во која што трагедија животот го загубија 45 граѓани, а седуммина беа повредени, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на заедничка прес конференција со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе повеќе информации во врска со истрагата. Една од тие информации не беше вистинита.

Спасовски: ,,Овие лица се достапни, тука се, се разговара со нив врз основа на наредби кои ќе ги даде Основното Јавно Обвинителство. Ќе има разговори и со патниците од другите автобуси, меѓутоа ги чекаме наредбите”.

[Извор:Прес конференција во Владата на РСМ (34.40-35.15 мин.), датум: 26.11.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 34 минута и 14 секунда од видеото до 34 минута и 38 секунда во видеото, новинарка на прес конференцијата го прашува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:

,,Дали е разговарано со сопствениците на „Беса Транс“, знаете ли каде се? Во државава се, или не се? Дали МВР стапи во контакт и направи информативни разговори со овие лица?”.

Одговорот на министерот Спасовски не беше вистинит.

Сопственикот на автопревозникот „Беса Транс“, Беким Хаџиу, на 26 ноември не беше во С. Македонија. Тој воопшто се нема вратено во земјава од Бугарија откако дознал дека неговиот автобус изгорел на автопатот.

Тоа најнапред го кажаа сведоци, кои што биле со Хаџиу во автобусот кој се враќал од Бугарија. Според нивните кажувања, Хаџиу бил втор возач во друг автобус (не опожарениот). Откако тој автобус дошол на бугарската граница и сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, дознал за несреќата, не ја ни напуштил Бугарија, туку се симнал од автобусот на бугарската граница и сам, со такси се упатил на местото на несреќата. Тој, всушност, воопшто се нема вратено во земјава после сообраќајката каде изгоре неговиот автобус.

Дополнително, потврда стигна од самиот Хаџиу. Тој во интервју за бугарска телевизија БНТ, кажа дека изнајмил стан во Софија и останал во Бугарија за да им биде достапен на истражните органи на Бугарија.

На 2.30 мин. во видеото, Хаџиу вели дека разбрал за автобуската несреќа на граница, по што се вратил назад. Оттогаш воопшто не дошол во С. Македонија, според наведеното во прилогот на БНТ, за да им биде достапен на бугарските органи.

Се вратив назад, сакав да видам со мои очи што се случи таму, рече Хаџиу.

Низа медиуми кои учествуваа на прес конференцијата во владата, забележаа за тоа дека министерот Спасовски рече дека Хаџиу е „тука“ за потоа се испостави дека тој не се враќал воопшто во земјава после сообраќајката. Пред „Беса Транс“ во старата скопска чаршија имаше полициско обезбедување, како и пред неговата куќа, но сопственикот на фирмата го немаше ниту дента кога фамилиите на патниците бараа одговори дали нивните блиски се живи или мртви. Хаџиу досега не дал никаква изјава во македонското обвинителство.

Поради горенаведените причини оценуваме дека не е вистина изјавеното од страна на министерот за внатрешни работи дека сопственикот на „Беса Транс“ Беким Хаџиу е ,,тука” (во во земјава – н.з).

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Мирослава Бурнс

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција