Сорос не ја запали Народната канцеларија во Скопје

Сорос како да се крие зад секое ќоше. Фото: скриншот

Не е првпат челните луѓе на сѐ уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и претседателот Иванов, секој кој ќе искаже критичка мисла или став што не е на линија на ВМРО-ДПМНЕ, да го етикетираат како „соросоид, а за сѐ што не чини во државата да ги обвинат опозицијата и ФООМ (Сорос)

 

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервјуто за унгарската национална телевизија, одговарајќи на прашањето која е улогата на Сорос во Македонија. изјави:

Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации.

[Извор: Плусинфо  Датум: 26.04.2017]

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Шефот на државата, Ѓорге Иванов, во интервјуто за унгарската телевизија, кое го пренесоа повеќе медиуми, меѓу другите работи кои ги кажа тврди и дека „Сорос стои зад палењето на народната канцеларија“, што претставува манипулација, но и невистина.

Во конкретниот случај,  палењето на Народната канцеларија за кое говори Иванов, се случи за време на протестите на „Шарената револуција“ (13.04.2016) во знак на револт против одлуката на претседателот  Иванов за аболиција, односно  да ги прекине сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето. Според информациите пренесени во медиумите

Демонстрантите ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов пред Рекорд, а потоа се обидоа да ги искршат и прозорците на Министерството за правда, што се наоѓа во непосредна близина на Канцеларијата на Иванов. По ова полицијата ја разби топлата при што повредени се неколку демонстранти, новинари и фоторепортери.

„Шарената револуција“ е граѓанска иницијатива и зад овие протсети стои граѓанското движење за слобода, правда и демократизација на институциите „Протестирам/Protestoj”. Како што веќе еднаш  пишуваше „Вистиномер“,   „Протестирам/Protestoj” не е меѓу организациите поддржани од ФООМ (Стратегијата на ФООМ за период 2014 – 2017). Фактите говорат дека илјадници граѓани од различна национална и верска припадност со месеци протестираа низ целата држава, а такви собири имаше и надвор од земјата (Њујорк, Виена, Мелбурн, Берлин, Амстердам, Торонто….). Не  е никаква тајна дека на овие протести се приклучија и претставници на невладини организации и на политички партии, но исто така, останува фактот дека „ Шарената револуција“ стана симбол на општонароден отпор против неправдата и криминалното владеење.

Според  досега (26.04.2017) јавно објавените информации не е познато дека Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ –  дел од мрежата Сорос фондации) финансиски ја поддржала „Шарената револуција“ и движењето „Протестирам/Protestoj” или, пак, го поддржала демолирањето на Канцеларијата на Иванов.

Во однос за настанот за кој говори Иванов (палењето на Народната канцеларија) МВР на 25.04.2016 поднесе кривични пријави против членовите на партија Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, поради сомневање за кривично дело: „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, а судот истиот ден им определи мерка куќен притвор и одземање на пасошите. На 10.06.2017 Основниот суд Скопје 1 им го укина куќниот притвор на Савески и на Куновски, и им одреди мерки за претпазливост, односно нареди да им бидат одземени патните исправи и да се јавуваат во одреден рок во судот.

Двајцата граѓански активисти, колку што е познато, немаат поврзаност со Сорос. Сепак, не е првпат челните луѓе на сѐ уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и претседателот Иванов, секој кој ќе искаже критичка мисла или став што не е на линија на ВМРО-ДПМНЕ, да го етикетираат како „соросоид, а  за сѐ што не чини во државата да ги обвинат опозицијата и ФООМ (Сорос).

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.