Состојбата со ковид во Бразил е трагична, видео со 6 празни болнички кревети не ја менува сликата
Во ситуација кога буквално сите светски медиуми известуваат за катастрофалната состојба во Бразил со ковид пандемијата, смртните случаи, колапсот на болниците и ненавремената нарачка на вакцини, во постот што се споделува на Фејсбук заедно со видео од 6 празни болнички кревети за коишто не се знае ниту каде се, ниту дали се од времето на пандемијата, се прави обид оваа слика да се замагли. Односно се креира сосема поинаква перцепција за ситуација со ковид-19 во Бразил. Со ова видео не се претставува реалната слика во Бразил којашто е регистрирана од страна на сите светски медиуми. Видеото оригинално е објавено во странство, а потоа со познатата копи пејст метода се преведува и во Македонија
Во ситуација кога буквално сите светски медиуми известуваат за катастрофалната состојба во Бразил со ковид пандемијата, смртните случаи, колапсот на болниците и ненавремената нарачка на вакцини, во постот што се споделува на Фејсбук заедно со видео од 6 празни болнички кревети за коишто не се знае ниту каде се, ниту дали се од времето на пандемијата, се прави обид оваа слика да се замагли. Односно, се креира сосема поинаква перцепција за ситуација со ковид-19 во Бразил. Со ова видео не се претставува реалната слика во земјата којашто е регистрирана од страна на сите светски медиуми. Видеото оригинално е објавено во странство, а потоа со познатата копи пејст метода се постира и за потребите на македонската публика
Рецензираме манипулативен Фејсбук пост проследен со видеоматеријал, во којшто се тврди дека медицински персонал во Бразил одлучил да ја покаже „вистината за ковид пандемијата за да ги запре лажните вести на телевизија“. Во објавата која е прилично вирална, во моментот на нашата рецензија е споделена речиси 550 пати, се прикажани празни болнички кревети и се тврди дека ковид е измама, со што се имплицира дека ковид пандемијата е лажна. Оваа теорија на заговор, заедно со низа други нелогични и крајно опасни тези, авторот на постот ги промовира со месеци наназад.
На видеото е претставена болничарка, како ги отвора завесите од болничките импровизирани соби за да прикаже дека тие се празни. Во просторијата има и друг медицински кадар и очигледно е дека видеото е снимено во неформален контекст, додека тие немаат пациенти. Не може да се утврди каде и кога е снимено видеото, меѓутоа авторот на постот го става во контекст на наводна лажна ковид пандемија во Бразил:
Медицински тим во Бразил одлучи да ја покаже вистината за да ги запре лажните вести на телевизија, празни кревети на ковчестата единица. Ковид е измама, пишува тој.
Но, ова е манипулација. Дури и видеото да е навистина снимено во Бразил, шест празни болнички кревети, за кои не ни знаеме дали се наменети за ковид пациенти, не ја менува реалната слика во оваа држава која е алармантна, загрижувачка и скандалозна. Особено, поради тоа што државниот врв со месеци се спротиставува на мерките против ширењето на болеста – за да не доведе до економски последици за државата, постапка којашто чини огромен број на загубени животи.
ЗАСТРАШУВАЧКИ СЛИКИ ОД БРАЗИЛ
Освен што е познат по тоа што ги менува многу често министрите во екот на пандемијата (министерот за здравство го смени двапати за еден месец), Жаир Болсонаро, претседател на Бразил е контроверзен зашто од почетокот на пандемијата го опишуваше вирусот како „мал грип“. Тој се соочи со бројни критики бидејќи не презема соодветни мерки против вирусот. Неговите бизарни настапи, одеа дотаму што јавно тврдеше дека:
Ако вакцината против ковид ве претвори во крокодил, тогаш производителот за тоа нема да одговара.
Фактот што Болсонаро одбива да се вакцинира, тој го поврзува со тоа што го прележал вирусот и имал антитела. Освен тоа претседателот на земјата изрази отворен скептицизам дека ако од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ на жените почне да им расте брада, тогаш „Фајзер“ нема да одговара.
И, наспроти лагите изнесени во постот што го рецензираме, во Бразил пандемијата е застрашувачка!
Британскиот национален сервис „Би Би Си“, на 7 април извести дека Бразил постигнал тажен рекорд од повеќе од 4 илјади починати од ковид за само 24 часа.
Бразил е закана за целиот напор на интернационалната заедница да ја контролира пандемијата. Ако Бразил не е под контрола, тогаш планетата нема да биде безбедна, бидејќи се појавуваат нови варијанти на вирусот секоја недела и тие варијанти ќе ги поминат границите, вели доктор Мигуел Никоаис за „Би Би Си“.
Претседателот Жаир Болсонаро е под истрага од Сенатот, за тоа како се справува со пандемијата досега.
КОЛАПС ВО БОЛНИЦИТЕ
Се чини дека откако смртта затропа на премногу врати во Бразил, Болсонаро почна да се обидува да го гасне огнот што го запали со неговите заложби против вакцинацијата и против рестриктивните мерки. Се појави на прес-конференција и првпат во месец дена носеше маска. Рече дека Бразил е пример за справувањето со пандемијата. На прес- конференцијата потпиша три законски акти за да ја забрза нарачката на вакцини.
Да се држи пациентот на механичка вентилација без седативи е лоша практика. Пациентот е изложен на форма на измачување, вели доктор Аурео до Кармо Филхо, кој работи 20 години на интензивна нега во болницата во Рио.
Инаку, оваа манипулација со празни болнички кревети за да се докаже наводно непостоење на пандемија не е нова. На Интернет врие од такви видеа, кога во тивки болнички коридори се движи некој со мобилен телефон и ја претставува сликата како мирна, а пандемијата преувеличена. Но, тие снимаат и во болничките кафетерии што се затворени и нормално е таму да нема никој.
Освен тоа, во сите болници има посебна патека на движење за ковид пациенти по протоколи, а голем дел од одделенијата се пренаменети и затворени привремено, за кадарот да може да лекува ковид пациенти, па нормално е некои оддели да изгледаат празни, што во никој случај не значи дека пандемијата не постои или дека болниците немаат работа!
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме е испуштен контекстот, односно иако е прикажано видео што реално е снимено (но не знаеме каде и кога), сепак во негова придружба објавена е лажна информација која што погрешно го контекстуализира тоа видео, претставувајќи го преку него целокупното функционирање на Бразил во однос на ковид пандемијата со што се креира неточна слика за состојбата со пандемијата во оваа земја!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар