Состојбата со ковид-19 се подобрува, но тоа не значи дека вирусот исчезнал или дека се прскал од авиони
Иако трендот на новодијагностицирани лица заразени од ковид-19 во земјава се намалува, не значи дека коронавирусот исчезнал. Според ИЈЗ, од 21 до 27 февруари, од 19.217 направени тестови, 18.6 проценти биле позитивни на ковид-19. Истата недела, пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, а хоспитализирани се 337 лица. Освен тоа, неверојатно е намерно, преку авиони да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина од пет или од десет илјади метри. Познати се препораките за заштита од коронавирусот кои велат да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метра, што е спротивно на заговорничко сценарио што се пласира, дека луѓето се „прскаат“ од авиони со вирус фрлен од неколку илјади метри
Иако трендот на новодијагностицирани лица заразени од ковид-19 во земјава се намалува, не значи дека коронавирусот исчезнал. Според ИЈЗ, од 21 до 27 февруари, од 19.217 направени тестови, 18.6 проценти биле позитивни на ковид-19. Истата недела, пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, а хоспитализирани се 337 лица. Освен тоа, неверојатно е намерно, преку авиони да се шири вирусот со фрлање опасни раствори од огромна височина од пет или од десет илјади метри. Познати се препораките за заштита од коронавирусот, кои велат да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метра, што е спротивно на заговорничко сценарио, дека луѓето се „прскаат“ од авиони со вирус фрлен од неколку илјади метри
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук кој се однесува на коронавирусот и во кој се тврди:
Нема прелети на авиони! Нема прскање од авиони! Снема ковид!
Објавата со ваква содржина е споделена 16 пати и има над 300 допаѓања. Меѓутоа, и покрај нејзината виралност, таа содржи две невистини. Првата е тоа дека снемало ковид, а втората е дека ковид-19 е поврзан со прелети и прскања од авиони.
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија објавува неделни извештаи за тоа каква е состојбата со новодијагностицираните случаи со ковид-19, бројот на хоспитализации и смртноста, како во земјава, така и во светот. Во последниот извештај објавен за периодот од 21 до 27 февруари 2022 година, се вели дека во овој период тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на Сарс Ков 2, со намалување од 17,9 проценти во однос на минатата недела.
Од овие 19.217 направени тестови, регистрирани се 3.702 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 39,5% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 13,1 процент до 24,2 проценти, односно просечно 18,6 проценти од тестираните лица се позитивни на ковид-19.
Иако трендот на новодијагностицирани лица заразени од ковид-19 се намалува, тоа не значи дека коронавирусот исчезнал.
Истата недела, пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, што е намалување од 45,6 проценти споредено со претходната недела, што значи дека како последица на ковид-19 има и смртни исходи. Најголем дел од починатите од ковид-19 се од Скопје, вкупно 27.
Според извештаите од болниците, во конкретната недела од 21 до 27 февруари 2022 година се хоспитализирани 337 лица. Од нив 255 биле на кислородна поддршка, а девет на инвазивна или на неинвазивна механичка вентилација.
Заклучно со 27 февруари 2022 година, регистрирани се вкупно 10.474 реинфекции. Тоа потврдува дека омикрон варијантата на коронавирусот го заобиколува имунитетот, односно може да се појави и да инфицира веќе прележани и веќе вакцинирани лица.
Од овие статистички податоци кои се официјални и неспорни, евидентно е дека во земјава има надолен тренд односно смирување на состојбата со коронавирусот, но тоа не значи дека него го „снемало” како што се дезинформира во постот што го рецензираме.
Комисијата за заштита на населението од заразни болести, секоја недела одржува редовни состаноци на кои меѓу другото се коментира и состојбата со коронавирусот во земјава. Така, на последниот состанок на 2 февруари годинава, претседателот на комисијата, доктор Александар Петличковски, коментирајќи ја епидемиолошката состојба (1.22 минута од видеото од прес конференцијата по одржаниот состанок) рече дека во иднина многу ќе се внимава при евентуалното олеснување на епидемиолошките мерки, за да не се предизвика нагло зголемување на бројот на заразени. Истиот ден, комисијата препорача да се укине барањето вакцинални сертификати при влез во трговските центри, но мерката да се бараат сертификати ќе важи во деловите од трговските центри каде што се служи храна и таму ќе треба да се приложи вакцинален сертификат за да може да се пристапи (6.50 минута од видеото). Доктор Злате Мехмедовиќ од комисијата за заразни болести (2 минута од видеото) рече дека имунизацијата треба да се зголеми и дека сега целосно вакцинирани се 41 процент од граѓаните. Од овој процес на интензивирана вакцинација, според комисијата, ќе зависи и понатамошното олабавување на рестриктивните мерки.
Д-р Петличковски, пак, (7.28 минута од видеото) објаснува дека четврта недела по ред сите параметри, новодетектирани, хоспитализирани и смртни случаи се намалуваат, што дава простор за постепено олабавување на мерките. Меѓутоа, никој не кажува дека ковид-19 веќе нема.
Во изминатиот период беа направени два скрининга на населението, едниот за учениците во училиштата, а другиот за генералното население. Скринингот во училиштата покажа дека позитивни на ковид-19 биле само 0.8 проценти од тестираните ученици. Петличковски информираше (10 минута во видеото) дека скринингот на генералното население во Скопје, од 920 примероци, укажува на солиден вакцинален имунитет.
Над 85 проценти од вакцинираните имаат имунитет. Од 920 примероци, 170 беа невакцинирани, но и кај нив, во над 70 проценти се регистрира серопозитивност, рече Петличковски.
Од ова произлегува дека голем дел од населението поради прележаност или вакцинација веќе има имунитет на ковид-19, а не дека вирусот го снемало. Исто така, тоа што некој има антитела не е гаранција дека нема да се зарази со омикрон варијантата, што впрочем го покажува и фактот што има реинфекции меѓу населението во државава.
Не постои прскање на коронавирус од авиони
Што се однесува на делот од постот што го рецензираме, а каде се вели дека нема прелети и прскања од авиони, па затоа снемало ковид, претставува теорија на заговор, која беше актуелна во текот на целата пандемија и се содржи во премисата дека ковид-19 се прска од авиони. Како што Вистиномер во повеќе наврати посочуваше, тврдењето дека од прскање од авиони расте бројот на ковид случаи е бесмислено, затоа што вирусот се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата, преку зборување, кашлање, пеење, кивање…
Понатаму, сосема е неверојатно свесно и намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина од пет или од десет илјади метри. На сите нам ни се познати препораките за заштита од вирусот кои велат да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метра, што е спротивно на заговорничко сценарио што се пласира, дека луѓето се „прскаат“ од авиони вирус фрлен од неколку илјади метри.
Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви теории на заговор, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека ‘кемтрејлс’ навистина постои“.
Исто така, во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.
Ковид-19 инфекцијата не се случува преку измислен вирус кој паѓа на земјата од натоварени авиони, туку со близок контакт со инфицирано лице. СЗО е децидна дека има социјални контексти, односно услови каде вирусот многу лесно се шири, како во затворени простори, со многу луѓе, кои не се соодветно проветрени, во ноќни клубови, канцеларии, ресторани, места каде што се пее и сл.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека ковид-19 го снема и дека тоа е причинско-последично поврзано со тоа што престанале прелети и прскања од авиони. Во државата и понатаму има авионски сообраќај кој непречено тече, со исклучок на авионите кои доаѓаат од Русија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар