Совет за етика: Медиумите најчесто паѓаат на проверка на фактите

Покрај фактите, се паѓа и на коментирањето. Фото: Вистиномер

Во 76 одлуки, каде е констатирано кршење на професионалноста и етиката, најнарушуван е членот 1. од Кодексот, кој се однесува на објавување точни и проверени информации, обезбедување „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Овој член е нарушен 66 пати или тоа прекршување е утврдено во 86,8 проценти од одлуките

Во 76 одлуки, каде е констатирано кршење на професионалноста и етиката, најнарушуван е членот 1. од Кодексот, кој се однесува на објавување точни и проверени информации, обезбедување „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Овој член е нарушен 66 пати или тоа прекршување е утврдено во 86,8 проценти од одлуките

 

Скопје, 30.03.2017    –  Близу 87 отсто од одлуките на Жалбената комисија (ЖК) на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) во 2016 година, се однесувале на прекршување на првиот и најважен член од Кодексот – проверка на вистинитоста на веста, односно на фактите.

Ова се наведува во извештајот за работата на Жалбената комисија на СЕММ за 2016 г., кој беше презентиран на денешното редовно годишно собрание на ова саморегулаторно тело формирано во 2014 година.

Комисијата за жалби во 2016 година донела вкупно 85 одлуки врз основа на примени жалби, од кои за 9 е одлучено дека се неосновани, а кај другите е утврдено некакво прекршување на Кодексот на новинарите. Во 76 одлуки, каде е констатирано кршење на професионалноста и етиката, најнарушуван е членот 1. од Кодексот, кој се однесува на објавување точни и проверени информации, обезбедување „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Овој член е нарушен 66 пати или тоа прекршување е утврдено во 86,8 проценти од одлуките – се вели во Извештајот.

По ова, според праксата на Жалбената комисија, најчести прекршување на етичките правила се случуваат со коментирањето во вестите. Кодексот за етика и светските стандарди упатуваат дека фактите и коментарот не смеат да се мешаат во интегрирана целина. Според статитистиката на утврдени прекршоци кај жалбите што биле предмет на одлучување при ЖК на СЕЕМ, опаѓа бројот на случаи со говор на омраза, а и необјавувањето демант:

Членот 13. – Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот е нарушен во 54 случаи и има удел од 71,1 процент во жалбите. Членот 14., според кој известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано и со професионална дистанца од политичките субјекти е нарушен 26 пати со удел од 34,2 проценти.

Членот 4. – Новинарот ќе го назначи изворот на информацијата, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го зашити е нарушен 23 пати.

Членот 10.-, според кој Новинарот нема свесно да создава информации, кои ги загрозуваат човековите права и слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство или дискриминација врз која било основа е нарушен 17 пати, со удел од 22,4 проценти.

Членот 16, во кој се вели дека Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ја поттикнува заемната солидарност и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучително и свои колеги, е нарушен 14 пати.

Членот 7. Кој се однесува на  почитување на приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, и дека новинарот е должен да ја почитува личната болка и жалост, е нарушен 15 пати.

Под десет прекршувања се забележани на членот 11– Новинарот ќе се придржува на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија, членот-15 кој зборува за етиката на говорот, па членот-3 во кој се вели дека новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата, членот 8 кој зборува за сензационализмот, и членот 9 кој се однесува на нарушување на правата на детето.

Гледано според тоа за какви медиуми се поднесени претставките, лидери се порталите. Потоа доаѓаат национални телевизии и на крај весниците – се наведува во Извештајот.

СЕММ започна со активна работа во јануари 2015 година. Од тогаш до денес се пристигнати околу 180 жалби, при што во 150 е утврдено дека се основани и има прекршување на етичките правила и стандардите во новинарството.

СЕММ е основан  од 39 медиуми и новинарски органиизации, поддржан е од околу 50-тина,  а на денешното Собрание беше донесена одлука за прием на 10-тина нови членки – медиуми, кои се согласуваат со принципот на саморегулацијата на медиумите.

За повеќе информции околу работата на СЕММ, можете да се информирате на сајтот на СЕЕМ, а за статистиката околу жалбите на следниот линк.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција