Советникот на Левица, Славко Митевски на Фејсбук стана Раде Шербеџија!

Фото: karpos.gov.mk

Не е вистина дека актерот Раде Шербеџија присуствувал на отворањето на канцеларија на Левица во Ѓорче Петров, како што се тврди во постот. Човекот кој се наоѓа на фотографијата, иако наликува на актерот, е советникот од Левица од Карпош, Славко Митевски.  Во телефонски разговор Митевски ни потврди дека присуствувал на отворањето на канцеларијата на Левица во Ѓорче Петров и дека тој е на фотографијата која се споделува 

Не е вистина дека актерот Раде Шербеџија присуствувал на отворањето на канцеларија на Левица во Ѓорче Петров, како што се тврди во постот. Човекот кој се наоѓа на фотографијата, иако наликува на актерот, е советникот од Левица од Карпош, Славко Митевски.  Во телефонски разговор Митевски ни потврди дека присуствувал на отворањето на канцеларијата на Левица во Ѓорче Петров и дека тој е на фотографијата која се споделува 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се вели дека актерот Раде Шербеџија присуствувал на отворањето на нова канцеларија на партијата Левица.

И Раде Шербеџија Присутен На Отворањето На Нова Канцеларија На Левица, пишува во објавата.

Во постот се споделува напис во кој се вели дека Левица отворила нова канцеларија на огранокот во Ѓорче Петров, а на отворањето во друштво на лидерот Димитар Апасиев дошол и познатиот актер и уметник. Во текстот се споделува и статус на Апасиев во којшто тој напишал „Знае Раде каде е силата“ со хаштаг „Пред дождот“.

Фотографијата беше преземена од повеќе медиуми, а потоа дезинформацијата беше избришана, или пак, објавена беше исправка. Раде Шербеџија не присуствувал на настанот, а човекот кој се наоѓа на фотографијата, иако наликува на актерот, е советникот од Левица од Скопје, Славко Митевски.

Вистиномер телефонски стапи во контакт со Митески и го прашавме дали е тој на фотографијата која се споделува во јавноста и за која се вели дека наликува на Раде Шербеџија. Митевски ни одговори:

За Раде Шербеџија оставам да ги прашате другите, јас сум Славко Митески, советник на Левица во Карпош. Да, вчера бев присутен на отворањето на канцеларијата на Левица во Ѓорче Петров и јас сум на фотографијата која се споделува.

Кога ќе се посети веб-страницата на општина Карпош во списокот советници за периодот од 2021 до 2025 година,може да се види името на  Славко Митевски, дипломиран професор по одделенска настава, кој е всушност човекот на фотографијата објавена во постот што го рецензираме.

Фото: Принтскрин karpos.gov.mk

Дополнително, од партијата Левица за „Слободен печат“  изјавиле дека на фотографијата е нивни советник од скопската општина Карпош:

Шербеџија од фотографијата е всушност Славко, советник на левица во Советот на Општина Карпош

Актерот, пак, во истиот период кога се случил настанот за отворање на канцеларијата на Левица, на својот Фејсбук профил објавил видео како готви во Пула, Хрватска. Од видеото е јасно дека Шербеџија е во Пула, а снимено е отприлика во истите часови кога е отворена и новата канцеларија на Левица во Ѓорче Петров во Скопје.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека актерот Раде Шербеџија присуствувал на отворањето на канцеларија на Левица во Ѓорче Петров.

Вистиномер е свесен дека во многу медиуми и на многу статуси на социјалните мрежи, оваа вест/информација беше објавена како шега, но имаше и сè уште има содржини, во кои тврдењето, дека станува збор за појавување на глумецот Раде Шебреџија на овој настан, е објавено со сета сериозност. Ниту во постот што го рецензираме, ниту во написот кој е споделен преку рецензираниот пост, нема никакви индикации дека станува збор за шега, а, што е уште поважно, во коментарите под постот речиси сите корисници на социјалната мрежа сметаат дека навистина станува збор за појава на Раде Шербеџија. Токму тие, како и сите оние други корисници на социјалните мрежи кои биле погрешно информирани, се и целната група на оваа рецензија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција