СПЦ, сепак, ќе може да се регистрира во Црна Гора под своето име

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, raskrinkavanje.me пронајде мешавина на факти и неточни податоци во еден текст на веб-страницата на српскиот весник „Блиц“, кој се однесува на Српската православна црква (СПЦ), во фонот на неодамна усвоениот Закон за слобода на вероисповеста, кој ја става црквата во посебна положба.

Текстот што е анализиран од raskrinkavanje.me е објавен на 8 јануари под насловот „Спорниот закон за слободата на вероисповеста што предизвика бура ДЕНЕСКА СТАПУВА НА СИЛА: Што ги чека СРПСКИТЕ СВЕТИЊИ во Црна Гора“.

Во текстот „Блиц“ тврди дека СПЦ, според новиот Закон за слободата на вероисповеста или уверувањата и правната положба за верските заедници, нема да може да се регистрира под тоа име„ а нејасно е дали ќе може воопшто да се регистрира, со оглед на тоа дека би морала да достави податоци за својот основач, што не постојат“.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите побарал мислење од Министерството за човекови и малцински права дали тврдењата на „Блиц“ се точни и како се регистрира верска заедница според новиот закон.

Од министерството одговориле дека тоа не е точно.

Не постои ниту една одредба во законот што забранува на која било верска заедница во Црна Гора да се регистрира под своето име, па ни на Српската православна црква. Единственото ограничување е што називот на верската заедница мора да се разликува од називот на другите верски заедници во степен што овозможува да се избегне забуна или грешка во идентификацијата поради сличностите со називот на друга регистрирана заедница. Не постои законска обврска верската заедница да се регистрира, одговориле од министерството, појаснувајќи дека процедурата на регистрација е како и за секое правно лице според важечките црногорски закони.

Процедурата на регистрација подразбира надлежниот државн орган, во овој случај Министерството за човекови и малцински права да ги евидентира податоците за името, седиштето, адресата и застапникот на верската заедница. Српската православна црква, доколку сака да се пријави за регистрација, нема да има обврска да доставува одлука за основање, бидејќи одлука за основање, според законот, треба да достават само новооснованите верски заедници, се вели во објаснувањето од министерството испратено до raskrinkavanje.me.

Според сето ова, заклучува црногорскиот сервис за борба против дезинформациите, текстот на „Блиц“ содржи низа точни и неточни факти и, според тоа, е дезинформација.

(meta.mk)

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција