Спектакуларни апсења – Чавков ја имитира Јанкуловска

Чавков и Јанкуловска - и двајцата поборници на апсурдниот апсечки театар. Фото: Википедија/Влада на РМ

Постапката која полицијата под кодно име „Еразмус“ ја водеше во понеделникот, на 6 јуни, против шест професори, еден асистент и еден вработен во ресторанот на Економскиот факултет при УКИМ, несомнено имаше елементи на спектакл. Јавна сцена со потенцијална повеќеилјадна публика беше паркингот на Правен факултет (!), далеку од оној на Економскиот, а кругот на УКИМ беше комплетен мизансцен каде осомничениот професорот беше шетан со часови, се додека имаше денска светлина. Кога се стемни полицвијата ја затвори сцената

 

 

Постапката која полицијата под кодно име „Еразмус“ ја водеше во понеделникот, на 6 јуни, против шест професори, еден асистент и еден вработен во ресторанот на Економскиот факултет при УКИМ, несомнено имаше елементи на спектакл. Јавна сцена со потенцијална повеќеилјадна публика беше паркингот на Правен факултет (!), далеку од оној на Економскиот, а кругот на УКИМ беше комплетен мизансцен каде осомничениот професорот беше шетан со часови, се додека имаше денска светлина. Кога се стемни полицвијата ја затвори сцената

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Најмалку седум часови (според медиумите – од 14 до 21 часот) полицијата го држеше професорот на Економскиот факултет во Скопје, Бобек Шуклев и не му даваше да си замине од кампусот на Универзитетот. Немаше при тоа одговор дали е тој уапсен, односно лишен од слобода или, пак, тоа само може да се очекува во непосредна иднина, ако се најдат бараните докази? Односно, се поставува прашањето зашто претресот траеше толку долго, потоа зошто се прави во најфрекфентно време и на јавно место, односно со поставување на „сцена“ која ќе им погодува на погледите на студентите, минувачите и, секако, телевизиските камери! Имаше тука отворена дилема дали на осомничениот му се загрозени во тој миг и неговите права, кога веќе нешто што можеше да биде далеку од очите на јавноста стана риалити шоу, кое привлекуваше голем одиум со себе и тоа во мигот кога претседателот на државата требаше да го пушти соопштението дека целосно ја повлекува аболицијата!?

Онака како јас им предавам на моите студенти, секогаш укажувам дека истражниоте дејствија и приведувањето по правило е тајно и мора максимално да го заштити името и угледот на приведениот односно осомничениот – ни вели професорот по безбедност Владимир Пивоваров. – Но, кај нас јавното приведување е правило, за жал.

Според извештајот на НоваТВ професорот Шуклев, инаку долгогодишен декан на Економскиот факултет  „неколку пати беше изнесуван на паркингот, па повторно враќан назад на факултетот. Полициските инспектори вршеле претрес во кабинетот на Шуклев, во потрага по докази за сомневањата дека примал мито и ја злоупотребувал неговата службена положба. Бил извршен претрес и во неговото возило, по што полицијата заедно со Шуклев кој го управуваше возилото се префрлија позади Економскиот факултет.“

Полициската акција против Шуклев главно се одвивала според извештаите на паркингот и тоа оној напред, кон булеварот Гоце Делчев, не на оно место каде Шуклев и неговите колеги вообичаено паркираат, близу до неговиот кабинет и на за тоа резервиран простор?! Како некој да чекал ваква позиција на возилото или тоа едноставно го наместил?! Оваа позиција, еден вид на летна театарска сцена, се претворила во можност за тормозење, но и до шанса за естрадизирање на процесот, бидејќи, ако меѓу паркингот на Економски и просториите на Економски има десеттина метри, меѓу паркираното возило на Правен и Економскиот факултет има секако 300- 400 метри и се бара движење во голем радиус, каде во тоа време има најголема фрекфенција! Тоа едноставно била претстава за блам на професорот, која требала да трае, трае, трае…

Ако проверката на возилото е според природата на истрагата комплексна работа, тоа се зема и се носи во специјална полициска гаража, каде постојат сите инструменти возилото да се претресува. Претрес на лице место,, ако е нужен заради прибавување на докази, кои се видливи и достапни, секако се вршат за кусо време, особено кога се знае што се бара – вели професорот Пивоваров.

Шетањето на осомничениот ваму-таму низ кругот на факултетите за општествени науки секако наликува на процесија и се претвора во омаловажување на професорот Шуклев. Зошто полицијата би го носела во кабинетот, па би го враќала кон автомобилот за да се земе, според снимките на Нова, „едно ливче“, па сè така во круг? Зошто биле потребни толку многу полициски возила и полицајци во цивил и во униформа? Да се комплетира спектаклот? Дури новинарите забележаа дека се носат дополнителни полициски возила доцна попладнето, како божем да се готви некаква „битка“?

Односот кон осомничениот мора да биде хуман и максимално мора да се заштитува неговото достоинство и сите права. Без оглед на тоа дали му било дадено решение за притвор, дали тоа се сметало за разговор и слично, неговите права во сите тие часови биле загрозени. Можеме заради сите тие околности и да не говориме за тортура, ама секако можеме за загрозена слобода на движење која предолго траела  – објаснува долгогодишниот судија во Судот за заштита на човкеовите права во Стразбир, Маргарита Цаца – Николовска и додава дека тој за цело време имал право на свој адвокат, а од снимките не се гледа дали тоа му е обезбедено. Во тие часови, вели Цаца, неговиот ареал бил скусен и на некој начин тој има ограничена слобода на движење. Во Судот во Стразбур знаат за тоа кога осомничени биле однесени на некои острови и таму можеле да се движат, ама тоа  е само некаков „проширен затвор“!

На прес конференцијата следниот ден (7.06.2016) министерот Чавков ги опиша дејствијата претходниот ден како „13 претреси во 7 домови на осомничените“ (значи немаат врска со кампусот), во 4 кабинети, во бифето и кај просториите за студентски прашања. Кај еден осомничен во возилото се пронајдени 1.000 евра. Кај друг е пронајден мобилен телефон, што, според Чавков, е предмет на кривично дело. Во кабинет кај еден професор се пронајдени 4 индекси на студенти, додека во домот на еден професор е пронајден еден индекс. Во бифето на факултетот се пронајдени две пријави за испити, додека од студентските прашања се одземени 17 досиеја од прва година. Пронајден е и нотес со имиња и матични броеви на студенти“.

Речиси ништо од изнесеното како активност не дава одговор зошто професорот Шуклев бил држен толку време на јавна сцена? Ако дел од изнесеното од министерот е најдено кај него во автомобилот (ако е тој негов и ако се тие илјада евра, само да претпоставиме) за тоа би се потрошиле 10 минути белким!?

Имаме ли продолжение на апсењата како озлогласена практика на која и робуваше Чавковата претходничка во министерската фотелја?

Овој настан секако побудува и на други моменти кои заслужуваат осврт, како, на пример, дали е нарушена универзитетската автономија (деканот на факултетот не знаел за истрагата и за тоа е информиран од медиумите), како тоа да се обелоденети идентитети (иницијалите со оглед на ограничениот број на професори на Економски практично не нудат заштита, а згора сè, споменувани по медиуми и помошни „елементи“ за препозвање, како да се работи за квиз, како  „математичарот“ или „академикот“) на осомничени со кои сè уште не се имал никаков контакт и против кои не се преземени никакви дејствија, бидејќи со нив новинарите разговараа на мобилен.

Другите осоминичени се повикани на информативен разговор следниот ден, доста после соопштението на ОЈО.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција