Специјалното обвинителство не е избрано за да го разводни „Пуч“

Фото: скриншот

 

Во емисијата „Во Центар“ на Васко Ефтов, од 07.03.2016 година, новинарката Мирка Велиновска, меѓу другото, зборува и за Специјалното јавно обвинителство.

Таа вели:

Ова  (Специјалното обвинителство н.з.) е избрано, за, како да ви кажам… за да го разводни „Пуч“, да го направи несериозна операција прислушкувањето. Никој да не се занимава со тоа и да не прашува кој го намести ова, кој е прислушкувачот, што биле целите. Значи буквално да се багателизира.

[ИзворВо Центар, (од 58.30 до 58.55 минутаа од видеото), Датум: 07.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Случајот „Пуч“ беше обелоденет на  31.01.2015 година. Имено, тогашниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски на вонредна прес-конференција изјави:

Заев побара итно формирање на техничка влада. Ме информира дека во соработка со странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси за целиот државен врв – за претседателот, парламентот, Владата, медиумите и за други политички и јавни лица од власта и од опозицијата. Неколку пати го прашав дали е сигурен дека ги добил од странска разузнавачка служба, ми одговори потврдно. Ми раскажа неколку телефонски разговори за кои констатирав дека се точни, дел беа половично точни, а дел неточни. Сепак, фактот дека дел беа точни, говори за сериозноста на ситуацијата – кажа Груевски, објаснувајќи дека Заев во наредните денови почнал и јавно да говори, што ја засилило заканата, рече Груевски.

На 09.02.2015 година претседателот на СДСМ, Зоран Заев почна со објавањето на прислушуваните разговори, таканаречените „бомби“. Тој рече дека незаконски биле прислушувани над 20. 000 лица од различни профили кое со години го правела власта, а за кое СДСМ има снимки и докази.

Заев рече дека биле прислушувани функционери, политичари и од власта и од опозицијата, новинари од сите медиуми, членови на ИВЗ, синодот на МПЦ, освен, како што рече, Никола Груевски и Сашо Мијалков. Од нив изјави Заев нема ниеден разговор.

Првата лидерска средба на лидерите на четирите поголеми партии, Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ), Мендух Тачи (ДПА) се одржа на 14 мај 2015 година. Најголемиот успех на речиси тричасовната средба беше што лидерите на четирите најрелевантни партии седнаа на заедничка маса, со поддршка од амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав. Договор за разрешување на политичката криза не беше постигнат. Не се договорени ниту темите за кои ќе се преговара.

Втората лидерска средба се одржа на 18.05, 2015 година, а третата на 26.05.2016 година. На овие средби не беше постигнат никаков договор, сè до 02.06.2016 година кога се направи првиот исчекор со посредство на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Тогаш беше склучен и првиот документ од Договорот од Пржино. На 15.07.2016 година партиите потпишаа и протокол на овој Договор.

Во Спогодбата стои:

Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали кои ги поседува СДСМ или било кој друг чинител ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување.

Најдоцна до 15 септември 2015, ќе биде назначен нов, специјален јавен обвинител со целосна автономија да ја води истрагата во врска со случаите на следењето на комуникациите. Специјалниот јавен обвинител ќе биде именуван во согласност на сите политички партии кои го потпишуваат овој договор.

На 15.09.2015 година Собранието го изгласа Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во целите и начелата на Законот е наведено:

Целта на предложенииот закон е целосно да го уреди прашањето за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.

Предлог Законот се заснова на следниве начела:законитост,автономија на Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство, хиерархија и субординација.

Еврокомесарот Јоханес Хан на 17.09.2015 година го поздрави назначувањето на специјалниот обвинител, но порача дека Европската комисија ќе продолжи да ја следи состојбата во Македонија.

Го ценам и го поздравувам фактот дека, со наше посредништво, политичките партии во Македонија успеаја да именуваат специјален обвинител и да донесат закон за него. Именувањето на обвинителот е важен елемент за нормализација на политичката ситуацијата во земјата и затоа ова е големо постигнување, јас сум среќен, но ова не е крај на приказната и земјата ќе ја „имаме на око“ за тоа, изјави Хан.

Од ова може да се заклучи дека изјаватa на Мирка Велиновска дека СЈО е формирано за да се разводни „Пуч“ и да го направи несериозно прислушкувањето е невистинита. Напротив ова обвинителство е формирано за да ги реши овие дилеми, а со тоа и сите можни кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција