Спин-автогол ја разби тезата за „самоорганизираниот народ“ во настаните од 27 април 2017 г.

Фото: Мета

 

Антонио Милошоски ја разби тезата за „самоорганизираниот народ кој спонтано сакал да спречи кршење на Уставот“ низ нападот на Собранието на 27 април 2017 г., најпрвин преку сликата за колегата Крсто Мукоски како „терорист-поединец“ уште лани, за сега повторно да го именува како „извршител што ги отвори вратите за насилството на 27-ми Април“, а потоа и настаните во Капитолот во Вашингтон ја разнишаа рамката за таквата слика за „демократските процеси“ низ класични насилни напади на институциите

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Деновиве расте бројот на јавните личности кои укажуваат на сличностите меѓу настаните во земјава на 27, април 2017 г. Со упадот на толпата во Собранието и оние кои минатата недела, на 6 јануари 2021 г. се случија во Вашингтон, кога илјадници приврзаници на победениот кандидат на претседателските избори на републиканците, Доналд Трамп, упаднаа во зградата на Конгресот на САД, среде седницата каде требаше низ пребројување на т.н. електорски гласови да се признаат де факто резултатите на ноемвриските избори.

Еден од начините на кој ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја одбегне таа споредба беше демонстриран страна на функционерот на оваа партија, Антонио Милошоски со следната изјава, која ја цениме како спин:

Спин: САД се држава која не верувам дека би си дозволила оној кој ги отворил вратите на Конгресот, како Крсто Мукоски во Македонија, да биде амнестиран од власта и судот. Во Македонија токму извршителот што ги отвори вратите за насилството на 27-ми Април беше амнестиран, а потоа стана и сојузник на владата и беше богато наградуван со милионски тендери за семејната фирма, со што се испрати порака дека доколку си послушен џубокс пратеник како Мукоски, насилството се исплати и финансиски, и политички. Бонус за “вратарот на насилството” во Македонија беше моментот кога истиот како дел од државната делегација во 2019та беше на аудиенција кај Папата Франциск, со што актуелната власт на Мукоски му организираше и еден вид на морално помилување среде Ватикан.

 [Извор: Фејсбук профил – датум: 8.01.2021]

Контраспин: Да потсетиме дека претходно партиското толкување на овој настан беше дека се работи за спонтано собирање на народот. Воедно, организацијата на самиот настан од партиско-државниот врв ја префрлува само врз еден некогашен член на ВМРО-ДПМНЕ, тогашниот пратеник од Вевчани, Крсто Мукоски. Фактот што може само поединец да биде „терорист“ (лани) или „вратар на насилството“ (деновиве) и настаните да ги генерира низ чинот на отворање на една од вратите во Собранието на РМ, јасно, не е можно да објасни како настанала целата идеја за рушење на процесот на мирна транзицијата на власта таа година, после политичките избори изведени во декември 2016 година.

Кој организирал собирање на толку народ? Од каде толку функционери во масата на поттикнувачи на нападот врз Собранието? Како е пасивизирана полицијата и зошто таа не ја вршеше својата функција неколку часови? Зошто група на животно загрозерни политичари во Прес салата ги бранеа само неколку бодигарди и има тука уште многу други ситуации кои не можат да се префрлат само врз Муковски, кому, низ оценката на Милошоски, јасно му се става на совест дека е поткупен само затоа што го сменил своето политичко мислење! Како таков „превртлив“ кадар тој може да биде сѐ, па и виновник за она што се случи на тој 27 април…

Во одговорот на она што го истакна Антонио Милошески има две нивоа. Едно е она што го истакна самиот Мукоски во собраниската сала после првиот напад врз него од февруари лани:

Крсто Мукоски си плати за грешката, си го одлежа своето за 27 април. Жал ми е што не одговараа таквите како тебе, заедно со оној што избега, ги упатувавте луѓето горе кон прес-центарот и им велевте дека таму е Заев и дека тој е целта.

Вториот контекст е секако поширок, низ паралелата која се јави меѓу настанот од 27, април 2017 година и оној од 6 јануари годинава кога на многу јавен и јасен начин се расчистуваат оценките што, своевремено, при судењето за обидот за пуч во земјава ги дадоа и обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска во првостепениот процес – како може да се оцени масовен и организиран напад врз највисокиот претставнички орган во часот на транзицијата на власта, која се подразбира после организирани парламентарни избори?!

Таа оценка на претставничките на третата власт, завршена со првостепена пресуда за повеќе лица, постојано беа оспорувани од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ, што се правеше и во политичкиот дијалог по ова прашање во разни поводи и прилики. Се велеше дека во настанот од април 2017 нема организација, дека сѐ се случило спонтано…

Народот се самоогранизираше тој ден. На дел од тие протести бев и јас. Протестиравме против погрешните политики и ценам дека е демократско право да се изрази револт против определени политички партии и структури. Ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата при упадот, истакна Мицкоски на неодамнешното судење во Апелација по предметот „27 април“ каде дојде како сведок.

Но, настаните пред американскиот Конгрес фрлија сосема поинаква светлина врз многу идентичен настан кај нас, гледан низ политички рефлектори, се разбира.

Тие не беа демонстранти – не осмелувајте се да ги нарекувате демонстранти. Тие беа разулавена толпа. Бунтовници. Домашни терористи. Тоа е толку базично. Тоа е толку едноставноизјави новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Оваа оценка еднодушна ја прифатија речиси сите светски медиуми, како и повеќето врвни политичари во западниот свет.

Оние кои го составувале соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по повод настаните во Вашингтон несомнено биле на голема мака. Еве како тоа изгледа:

Немирите и насилството не се патот кон поцврста демократија, туку начин на нејзино подривање. Информациите од Вашингтон се загрижувачки, но во исто време сме и убедени дека ќе победи демократијата, слободата и правото. Единствено ваквите настани им одат во прилог на оние кои создаваат поделби, не посакуваат единство кај народот и кои зад завесата на немилите инциденти извлекуваат лична корист. Насилството не е патот кон поцврста демократија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа објава забележуваме дека не се споменува кој е тој што ја организирал толпата, кој ѝ дал поддршка, кој го дели народот итн., па и кој е „тамошниот Мукоски?“ Па, дури и кој тука ја претставува демократијата, слободата и правото?

Оттаму, припишувањето на насилството врз едно лице, теза која што сега веќе во два наврати се обидува да ја протурка Милошоски, ја оценуваме како спин. Таквата симплификација на настаните од 27 април 2017, но и имплицирањето дека исто толку е едноставна и позадината на настаните во Вашингтон од минатата недела, е само плиток обид сета вина да се лоцира врз еден човек, а судските процеси кои поминаа со осудителни пресуди врз извршителите, како и судските процеси кои сѐ уште траат врз организаторите, да се направи обид да се заборават, како воопшто да не се случуваат и како да не постојат.

Настрана фактот што со тоа паѓа во вода и нашироко повторуваната теза за „самоорганизирање на народот“ со поттекст – право да се менуваат правилата во парламентарната демократија, која со тоа влегува на многу лизгав терен. И кога се отвора Пандорината кутија со тезата за „терорист-поединец“ или „вратар на насилството“ како Мукоски или кога треба да му се објасни на членството обидот за пуч во земјата која е пример за демократијата.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција